Секси-рецепти: И кога сте во креветот со саканиот, потребно ви е понекое залаче

Храната и сексот се двете најсилни меѓусебно поврзани човекови страсти

Фото: Getty Images

Сите имаме право на хедонизам, на целосно уживање и во љубовта и во сексот и во храната

Всушност, потребна ви е храна што на уште еден начин ќе ја разгори страста. А додека ја приготвувате, потрудете се да изгледате секси, со или без престилка.

Волшебни сендвичи со авокадо за совршен појадок

Докажано е дека авокадото е моќен афродизијак. Тоа е одличен аргумент да го искористите во чест на љубовта!

СОСТОЈКИ: едно зрело авокадо, две кафени лажички сок од лимон, шарен црн пипер, хималајска сол, путер, леб.

ПРИГОТВУВАЊЕ: испасирајте го авокадото со виљушка или со стапчест миксер. Додајте ги преостанатите состојки по вкус и промешајте. Намачкајте парче леб со тенок слој од путер и со приготвената смеса. По желба, додајте зеленчук.

Фото: Getty Images

Безобразна салата со горгонзола

Оваа салата е фантастичен оброк, кој со необичната мешавина на мириси и бои ќе освои секого – при првото залаче!

СОСТОЈКИ: 2 домата, 200 г млад спанаќ, едно варено цвекло, 2 моркова, 60 г горгонзола, 200 г виолетов кромид, 6 црни маслинки, 1 лук, два грста рукола, ½ авокадо, 100 г зелка, сок од лимон, маслиново масло, сол, грст препечени исечкани бадеми.

ПРИГОТВУВАЊЕ: исчистете го и измијте го зеленчукот, изрендајте ги морковот и зелката. Исечкајте ги авокадото, свареното цвекло и кромидот, па соединете ги сите состојки во поголем сад. Додајте ги спанаќот, горгонзолата, маслинките, зелената салата и печените бадеми. Промешајте и зачинете со маслиново масло и со лимонов сок. Оставете ја салатата во ладилник да се излади, па сервирајте ја со чаша црвено вино.

Љубовно смуди за волшебни утра

Има ли поубаво утро од она кога се будите со саканиот, а притоа ниеден од вас не мора да брза на работа? Во чест на тој миг, спакуван во љубовен занес, наздравете со смуди од боровинки!

СОСТОЈКИ: шолја вода, портокал, мандарина, зрела банана, лажица чиа-семки, 2 шолји свежи или замрзнати боровинки.

ПРИГОТВУВАЊЕ: ставете ги сите состојки во блендер, по потреба, додајте уште вода (наместо вода, можете да употребите бадемово или кокосово млеко). Сервирајте во високи чаши.

Фото: Getty Images

Ароматични тестенини со морски плодови

За ова невидено кулинарско задоволство не ви е потребно многу време, а заемното воодушевување ќе биде неизбежно. Ова е вистински синоним за романтична вечера!

СОСТОЈКИ: 250 г шпагети, 300 г морски плодови, 6 чешниња лук, ½ лажиче куркума, 2 лажици пире од домати, ½ чаша бело вино, десетина црни маслинки, неколку шери-домати, сол, црн пипер, маслиново масло, пармезан.

ПРИГОТВУВАЊЕ: обарете ги шпагетите. Во загреано масло на оган испржете го сечканото лукче, додајте ги куркумата и пирето од домати, а по 2-3 минути и морските плодови. Динстајте неколку минути, па додајте ги белото вино и сечканите шери-домати. Гответе десетина минути. Зачинете по вкус. На крајот додајте ги шпагетите, маслинките и пармезанот.

Брза и неодолива Павлова торта

Заводливиот спој на слатки крцкави целувки, лесен крем и киселкаво овошје е одлична комбинација што ве мами на „само уште едно залаче“. Состанокот од соништата би можел да почне токму во вашата кујна!

СОСТОЈКИ: 6 белки, 300 г шеќер, 1 лажиче екстракт од ванила, 700 г јагоди/боровинки/капини, 700 мл слатка павлака.

ПРИГОТВУВАЊЕ: одвојте ги белките од жолчките. Со внимателно додавање на шеќерот, изматете ги во цврст снег. Додајте лажиче ванила-екстракт и промешајте со шпатула. Обложете со хартија за печење поголема тепсија и распоредете го снегот од белки во форма на круг. Печете на 150 степени околу 1 час. Фил: изматете ја слатката павлака и пригответе го овошјето (по ваш избор). Филувајте ја тортата со павлаката, одозгора распоредете го овошјето, па оставете го десертот да се излади во ладилник.

Храната не треба да се дели на добра и лоша. Уживајте во секое залаче и потрудете се да го поделите со тој што ве прави среќни.

Текст: Невенка Милошева

Фото: Getty Images

 

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.