Психологот Дора Попова Узуновски објаснува како деструктивните конфликти во врската влијаат врз интимата помеѓу партнерите
Велат дека по жестока карасница следи страстен секс, но колку често тоа е така во реалноста? Можеби постојат такви изолирани случаи, но на подолг рок, конфликтите имаат негативно влијание врз интимниот живот на партнерите.
„Агресијата во деструктивните конфликти значајно го намалува либидото и желбата за партнерот. Неразрешените конфликтни ситуации остануваат недовршени и лутината се наталожува. Се губи блискоста и интересот, па во релацијата може да завладее емоционално мртвило и рамнодушност. На тој начин односот станува формален и површен.
Таквиот однос некогаш доведува до бегство од самата релација и барање прифаќање на ‘други места’.
Учењето на здрава комуникација е возможно, но бара напор и свесност“, порачува психологот Дора Попова Узуновски.
Таа објаснува и зошто поточно деструктивните конфликти во врската го намалуваат либидото:
Се активира инстинктот за преживување
Кога конфликтот е деструктивен, предизвикува агресија која ја затвора и женската, но и машката сексуалност. Тоа се доживува како чувство на напад и се активира инстинктот за преживување. Така, партнерите почнуваат да се бранат, а кога се бранат, веќе не чувствуваат безбедност и сигурност, туку напнатост што не им дозволува да се опуштат.
Партнерот станува непријател
Негативниот конфликт создава раздор меѓу партнерите и тие несвесно почнуваат да се перципираат како „непријатели“ што не можат да се поднесат, а не, пак, да имаат сексуални односи. Ако таквите конфликти се чести, лутината само се насобира, а таа ги оддалечува партнерите и ги затвора.
Уживање во сексот по конфликт
Ако сте од оние луѓе кои го завршуваат конфликтот со жестока караница и секс, и уживате во тоа, тоа е сосема во ред. Но треба да знаете дека тоа не е компензација и катарза. Тоа не е решение за конфликтот, а потоа може да се чувствувате и полошо од претходно.
Процесот е парадоксален
Квалитетната сексуалност е последица на добрата комуникација и на конструктивниот конфликт што носи решение. Сексуалноста бара топлина и грижа. Процесот е парадоксален: заемната грижа е предуслов за страстен секс.
Должноста и нагонот
Сексуалноста може да егзистира во врската и кога комуникацијата не е здрава. Но во тие случаи, таа егзистира поради чувството на должност дека „треба“ да ја има или поради товарот на самиот нагон. Во тој случај, нејзината функција е „празнење“, кое не доведува до поголема поврзаност и задоволство.
View this post on Instagram
Комуникацијата и здравите конфликти се предуслов за добар секс, порачува психологот. Што мислите вие? Какво е вашето искуство на оваа тема?