Признание е предуслов за прошка: Дали прељубата е грев што не се простува?

Постои ли шанса нарушените партнерски односи да се нормализираат, па дури и да станат поквалитетни? Одговорите на овие прашања ги добивме од брачен советник.

По долгогодишна борба за потомство, конечно добивме дете и изгледаше дека нашиот брак добил нова смисла. Презафатена со секојдневните обврски не забележав дека во нашата хармонична заедница почнаа да се појавуваат пукнатини. Требаше да помине доста време за да сфатам дека имало и премногу предупредувачки сигнали…

Детето ни наполни една година, почнав да работам, па со маж ми често се гледав на кратки „брифинзи“ на кои разменувавме информации за нашето девојче и за домот. Почнавме да се оддалечуваме, а брзото животно темпо како да ги затапи моите сетила…

Тоа лето маж ми ми соопшти дека нема да може да оди со нас на море, бидејќи има многу работа, и јас прифатив мирно. Клопчето почна да се одвиткува откако ќерка ми и јас се вративме од одмор. Излеговме во град и дури забелешката на младата келнерка, која очигледно добро го познаваше мојот сопруг („Ох, мислев дека ваша сопруга е онаа убава, црна госпоѓа…“) ги активира сите мои аларми.

Не помина долго и дознав дека со месеци се гледал со таа жена, дека доста луѓе од нашето опкружување знаеле за неа, но никој немал срце да ми го каже тоа. Тој негираше се, оправдувајќи се дека му е само добра пријателка, што дополнително ме разгневи, па отидов кај адвокат и поднесов тужба за развод.

Кога виде дека не се шегувам и дека детето, за кое е многу приврзан, веројатно ќе ми припадне мене, ја смени плочата, почна да не излегува од дома, цело слободно време го поминуваше со нашата ќерка и константно ме молеше да не се разведеме. И по три години, се уште немам доверба во него, но и јас не сум истата.

Цело време ловам сигнали што би ми укажале на тоа дека ме изневерува. Црвот на сомнеж едноставно не ми дава мир.

Мислење на експертот

Во овој случај нарушена е довербата: се укажува на тоа дека сопругот бил со друга жена, а тежнеењето да се потврди сомнежот претставува жива рана во брачниот однос, кој заради тоа нема добри темели. Ние психолозите советуваме оној што изневерил на овој или на оној начин, да ја признае прељубата: „Да, вистина е, згрешив, извини, жал ми е, нема да ми се повтори.“

Кога ќе го направи тоа, на другиот му е многу полесно да прости, бидејќи тоа е можно само ако се признае грешката. Меѓутоа, тоа не значи дека секој е подготвен да премине преку прељуба, но големи се шансите, особено ако двојката спроведува брачна терапија, односот на партнерите да стане поквалитетен и од порано.

Текст: Убавина и здравје

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.