Зошто луѓето во среќни врски ги изневеруваат партнерите?

И на среќните парови може да им се случи неверство

Денес технологијата многу го олеснува неверството…

Како е можно некој да биде среќен во врската, а да има потреба да биде интимен со друга личност? Естер Перел, терапевтка за парови открила пет причини поради кои и најсреќните парови се соочуваат со неверство. „А изгледаа толку среќни заедно“ е реченица која многу често може да ја чуеме откако ќе дознаеме дека нечија љубовна врска прекинала поради неверство. Можно е врската навистина да била среќна, па затоа не ни е јасно како е можно некој кој е среќен во врската да има потреба да биде интимен со друга личност.

1. Денес неверството има поголемо значење за разлика од порано

Како можеме да го дефинираме неверството? Дали тоа подразбира праќање двосмислени, флертувачки пораки? Гледање порнографија на Интернет? Регистрирање на сајтови за онлајн состаноци? Неверството денес има многу значења, а партнерите може да имаат различни дефиниции за неверство. Меѓутоа, неверството секогаш почнува во главата.

„Престапот се случува уште тогаш кога нечиј друг однос станува многу интензивен и без самиот сексуален чин. Нашата фантазија е одговорна за љубовта, а не другата личност“, вели Естер Перел.

2. Технологијата многу го олеснува неверството

Интернетот им овозможува на луѓето да го изневерат партнерот емоционално, па дури и сексуално со некој кој живее во друга земја.

„Практички, можете да го изневерите партнерот додека лежите до него во кревет. Во денешно време, не морате ни да излезете од дома за да изневерите и тоа ги брише границите што порано постоеле. Не морате никогаш ниту да ја допрете другата личност, но бакнежот што го замислувате може да биде исто толку интензивен колку и вистинскиот физички контакт“, објаснува Перел.

3. Потребата за сигурност и потребата за возбуда не се урамнотежени

Перел вели дека секој човек има две основни потреби: Потреба за поддршка и стабилност и потреба за авантура и мистерија. Кога сме во врска, бараме од една личност истовремено да ги задоволи обете потреби.

„Овој предизвик ја сочинува сржта на проблемот со одржувањето на страста во долга врска, бидејќи потребно е да се усогласат овие две потреби кои генерално не одат заедно.“

Најголемиот показател на стабилност и доверба е рутината што брзо може да се претвори во навика и да го наведе партнерот да побара возбуда на друго место.

4. Оние кои изневеруваат сакаат да се променат себеси, а не своите партнери

Перел открива дека најголемиот дел од нејзините клиенти кои биле неверни се луѓе кои со години биле моногамни пред да ја преминат границата што никогаш не мислеле дека ќе ја преминат. Тоа не се случило поради некоја постапка на нивниот партнер, туку поради потребата за психичка промена.

„Неверството не се случува затоа што бараме некоја друга личност, туку затоа што бараме нова верзија од себе. Во многу случаи, оној кој изневерува не сака да го остави партнерот, туку зад себе сака да ја остави личноста во која самиот тој се претворил“, открива Перел.

Во денешно време постојано слушаме за тоа дека треба да бидеме најдобрата верзија од себе и да го следиме она што го сакаме во животот, а некои луѓе тоа може да го интерпретираат како барање нова врска.

5. Сакаат да се чувствуваат „живи“

Неверството не е поврзано само со сексот или љубовта.

„Луѓето ширум светот велат дека тогаш се чувствувале живи“, вели Перел.

Возбудата од помислата дека партнерот нема да го открие неверството го прави прељубникот повнимателен, побуден и поангажиран, а тоа чувство може да биде неодоливо. Токму затоа, Перел истакнува дека круцијално е тоа чувство на живост да се одржува во врската и не само во спалната соба. Размислете за тоа што ве возбудува, полни со енергија, ве прави среќни и живи и погрижете се да го добивате и вие и партнерот во најголемите можни количини.

Прочитајте и

Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Сакаш посебен третман?
Зачлени се во елитниот клуб. Регистрирај ја својата е-адреса и добивај специјални понуди и вести
Одјава е можна во секое време