ЖИВОТ ВО ДВОЈКА: Зацврстете ги темелите на вашата љубовна врска со помош на совети од психолог

Вити & здрави

Стручна соработничка: Бојана Стојменовиќ Петровска, психолог, семејна и системска советничка

Која е вашата идеја за љубов што трае? Секојдневје исполнето со големи романтични гестови и страст или однос заснован на разбирање, почит и комуникација? Можеби нешто помеѓу? Хармоничниот заеднички живот не е бајка, туку избор, а нашиот водич нека ви помогне да ги зацврстите темелите на вашата љубовна врска.

Живееме во многу несигурно време, кога секојдневно сме изложени на лоши вести, вознемирувачки случувања и општествени кризи. Во вакви мигови, лесно е да се западне во вителот на негативните мисли, кои неизбежно доведуваат до меланхолично расположение и засилена анксиозност. Еден таков период за време на ковид-пандемијата веќе надминавме и знаеме колкаво влијание имаат светските настани врз меѓучовечките односи. Кога нормалниот тек на животот е нарушен, природно е да станеме нервозни, раздразливи и отуѓени. На најголем тест беа ставени љубовните врски – некои се срушија, а некои станаа поцврсти.

Кога станува збор за оние вторите, партнерите тврдат дека оваа светска криза им помогнала да се зближат и да поминуваат повеќе квалитетно време заедно. Но сега, кога животот повторно стана брз и динамичен, сè поголем предизвик е да се зачуваат позитивните навики во партнерските односи. И така ќе биде постојано: времето и понатаму ќе ги тестира врските во нашите животи. Без оглед на тоа, „си живееја среќно до крајот на животот“ не е мит, туку свесен избор што го правиме секој ден. Со помош на психологот Бојана Стојменовиќ истраживме како да се негува љубовната врска од секој можен аспект и како да се изгради успешен живот во двојка.

Стручна соработничка: Бојана Стојменовиќ Петровска, психолог, семејна и системска советничка
Негувајте ги ритуалите

Веќе имаме многу зборувано за ковид-пандемијата и нејзините ефекти, но тоа сè уште не е застарена тема, бидејќи последиците од неа ги чувствуваме и ден-денес. Бојана Стојменовиќ смета дека многу е интересно тоа што се случуваше за време на овој период: „Професионално, имав можност да набљудувам многу лични процеси што се случуваа кај моите клиенти ставени пред предизвикот за промена и раст или стагнација. Партнерите кај кои се случила позитивна промена  и воспоставиле здрави навики верувам дека во најголем процент ќе имаат тенденција и да ги зачуваат.“

Таа додава и дека треба да извлечеме поука од тоа што се случуваше тогаш и да се потсетиме дека некогаш треба да ја намалиме брзината и да забавиме: „Пандемијата го направи токму тоа – нè забави и нè седна на жешкото столче да размислиме за сето она што го стававме во втор план или го сметавме за неважно. Затоа, многу помагаат тие здрави навики и ритуали што партнерите си ги негуваат заедно, независно дали е тоа заедничко кафе во текот на денот или, пак, заедничка физичка активност. Близината, страста и интимата се менуваат и со текот на времето и во различните животни циклуси, и тоа е сосема нормално. Тоа што ние можеме да го направиме е да ја негуваме личната свесност за процесите што се случуваат, а потоа и да ги негуваме токму тие здрави навики и ритуали што го хранат заедничкиот однос.“

Негувањето на ритуалите може да биде многу корисно и кога нуклеарното семејство ќе се зголеми со нов член. Доаѓањето на бебето претставува мал земјотрес за партнерскиот однос и има тенденција да го разниша и да го направи нестабилен: „Многу е парадоксално, нели? Причината е тоа што ние во тој процес се менуваме, стануваме и партнери и родители, се зголемуваат општествените улоги, обврските, очекувањата, начинот на семејното функционирање и уште многу други нешта. Нормално е да се очекуваат промени во комуникацијата и во целокупниот однос. Предлагам да се има разбирање и едукација за периодот што следува, за да можат партнерите да имаат реални очекувања од себе и од другиот. Препорачливо е да се негуваат и позитивните навики и ритуали што го стимулираат односот“, порачува Бојана.

Прво дајте, па земете

Често се вели дека во врската треба обајцата партнери еднакво да вложуваат. Ја прашавме нашата соговорничка што всушност значи тоа да се вложува во една врска. „Вложуваме и малку и многу истовремено. Вложуваме време, љубов, внимание, грижа, лојалност. Потоа вложуваме желби, очекувања, стравови, соништа, идеали, верувања. Се вложуваме себеси, во целост. За некого тоа е малку, за некого тоа е многу. Вложувањето значи присутност и свесност.“

Бојана сподели со нас и една многу интересна идеја според која односите меѓу партнерите би биле многу поинакви кога секој би влегувал во врската со став дека треба прво да даде, а не прво да зема. „Така односот постојано ќе се полни и двете страни ќе чувствуваат дека даваат и земаат онолку колку што им треба.  Интересно е да се разгледа и оваа перспектива, нели?“

 

Покажете ранливост

Една од најпознатите психотерапевтки Брене Браун вели дека ранливост е кога ќе собереш храброст да се појавиш и да бидеш виден, дури и кога немаш контрола врз крајниот резултат. Генерално, ранливоста се смета за слабост, но сè повеќе експерти се согласуваат дека токму од ранливоста се раѓаат чувствата на љубов, припадност, радост, храброст, емпатија и креативност. Тоа е најголемиот извор на надеж и автентичност. Сепак, Бојана посочува дека ранливоста е ранлива тема за партнерите: „Интересно е што живееме во време кога ранливоста се смета за опасност, а всушност тоа е знак за зрелост. Да се биде ранлив во партнерската релација значи дека е создаден отворен и безбеден простор за покажување емоции, притоа знаејќи дека ќе бидеме разбрани и сфатени. Кога знаеме дека ќе бидеме разбрани и дека не мора да го криеме нашиот емотивен свет, тоа искуство секако придонесува за зацврстување на односот.“

Бидете јасни

Во интимните односи, двосмислената комуникација може да подигне многу бариери и да доведе до катастрофа. Луѓето честопати недоволно јасно комуницираат во врските. Зошто е тоа така и како може да се реши? „Јасната комуникација е основата за градење здрава и функционална релација. Токму затоа, проблемите во комуникацијата може да бидат разорни за врската и да им донесат непријатни искуства на партнерите. Манипулацијата, патологијата на личноста, сиромашните способности за комуникација, претходното животно искуство, секако, може да придонесат кон подигнувањето бариери во врската и да ја доведат врската во прашање. Во овој случај, од моето професионално искуство, терапијата е таа што најдобро го решава овој проблем, бидејќи не дава можност да се реши само постојниот предизвик, туку отвора можност партнерите да научат како да ги решаваат предизвиците што ќе се појават во иднина“, советува Бојана. Во продолжение уште неколку совети за подобрување на комуникацијата во врската…

1. Поставувајте отворени прашања. Комуникацијата не треба да се сведе само на зборување за тоа што сте правеле во текот на денот или што сте јаделе за ручек. Треба постојано да се запознавате меѓусебно најдобро што можете. Наместо да поставувате прашања на кои може да се одговори само со ДА или со НЕ, поставувајте поотворени прашања од типот: „Како ти помина денот?“. Така ќе му дадете простор на партнерот да одговори поопширно доколку сака.

2. Следете ги невербалните знаци. Ако партнерот ви каже дека е добар, но звучи нервозно, вознемирено или гневно, можеби му се случува нешто што сè уште не знае како да го каже. Обрнете внимание на изразот на лицето и на говорот на телото и слушајте го тонот на гласот.

3. Не обидувајте се да читате мисли. Ако не сте сигурни како се чувствува вашиот партнер, прашајте. Доколку вие потиснувате некои работи и очекувате партнерот да ви ги прочита мислите, бидете искрени во врска со тоа како се чувствувате. Секогаш е подобро да се биде директен отколку пасивно-агресивен.

4. Комуникацијата е двонасочна улица. Ако постојано зборувате само за себе, тоа не е вистински дијалог. Не заборавајте дека треба и вие да поставувате прашања и да слушате. Ако, пак, вие не можете да дојдете до збор од вашиот партнер, кажете го тоа гласно. Можеби не е свесен дека доминира во разговорот. И најважно од сè, одвојте време за да разговарате и да бидете навистина присутни во комуникацијата.

Развијте ја еротската емпатија

Честопати партнерите се сакаат, но меѓу нив постои чувството дека не се целосно прифатени, особено во поглед на сексуалноста. Па, така, многумина ги одбиваат иницијативите на партнерот затоа што не се чувствуваат доволно привлечно и удобно во сопственото тело. Како да се развие еротска емпатија, односно како да се прифати и разбере тоа што партнерот нѐ смета за привлечни дури и кога не се чувствуваме така? „Ова е навидум едноставно прашање, но суштината е многу подлабока. Најлесно е да почнеме да го бараме одговорот кај партнерот, но во однос на ова прашање, прво треба да се запрашаме себеси дали има нешто што нè загрижува или ни претставува проблем. Проблемот со сексуалноста, со интимата, со бидувањето близок со некого или градењето интимен простор со некого, е предизвик на кој треба да се работи самостојно. Зашто, ако ние влегуваме во релација каде што не се разбираме или прифаќаме самите себеси, тогаш како е можно да бидеме разбрани од страна на партнерот? Веројатно би биле погрешно разбрани и тоа би довело до конфликтен однос. Тука помагаат отворениот, директен однос и чистата комуникација“, објаснува психологот Бојана Стојменовиќ.

Развивањето еротска емпатија е процес што може да се случи само ако сте подготвени да направите мали компромиси. Дури и кога не го чувствувате тоа, партнерот може да ве види онака како што не можете да се видите вие самите. Тоа треба да го разберете и да дозволите да се случи. Па, така, ако се вратите од вежбање и се чувствувате испотено и валкано, а вашиот партнер се возбудил кога ве видел, еротската емпатија би рекла: „Дозволи ми да го приспособам овој момент и да ги создадам условите што ми се потребни за да се чувствувам еротски присутно.“ Ако не чувствувате дека можете да уживате во сопственото тело, тоа ќе ви оневозможи да бидете присутни со вашиот партнер, па затоа ваквите приспособувања се многу важни.

Покажете љубов

Светот моментално се наоѓа во глобална криза, ранливоста на луѓето е поизразена, па, така, и потребата од љубов е понагласена. Но не секогаш знаеме како да ја искажеме таа потреба. Па, како да се побара и покаже љубов? „Моментално живееме во такво време што само љубов не можеме да нарачаме онлајн, со еден клик. Потребата не е нагласена само сега, потребата за љубов и припадност си постои откако постои и човекот. Тоа е една од нашите базични потреби. Јас би рекла дека прво треба да знаеме што сакаме и што бараме. Потоа ќе ни треба само малку храброст за да си го побараме тоа директно. Сите ние покажуваме љубов, се гушкаме, се бакнуваме, тука сме за оние што ни значат, им ги готвиме омилените јадења, им го правиме омиленото кафе итн. Со други зборови, сите ние имаме различни форми на искажување љубов или наклонетост. Љубовта е постојано присутна околу нас. Не е тешко ниту да се идентификува ниту да се пронајде. Најчесто ја компликуваме со нашите стравови, очекувања и ставови, па, така, почнува да ни се чини недостижна и страшна“, заклучува нашата соговорничка.

Иако советите секогаш се добредојдени, не заборавајте дека тоа што функционира кај некои двојки, не значи дека ќе функционира кај сите. Не постојат две исти врски и мора да го пронајдете пристапот што ви одговара вам. Понекогаш толку многу се фокусираме на безначајни работи што не можеме да согледаме колку е убав заедничкиот живот со личноста што ја сакаме и ни значи. Поминувајте време заедно, комуницирајте, бидете тука еден за друг и покажете љубов – тоа е она што ни преостанува на крајот на краиштата.

Подготвила: Марија Лукаревска

ФОТО: master1305/iStock via GETTY IMAGES, ПРИВАТНА АРХИВА

Партнерски односи: Колку е важна емоционалната интелигенција за градењето здрава и среќна љубовна врска?
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.