Женски приказни: Брак со грешка

Вистински и погрешните избори

Искуствата што ги стекнуваме во љубовните врски се драгоцени. Како такви, со голема доверба ги разменуваме со најдобрите другарки. Ние разговаравме со вас, наши читателки, и ви пренесуваме дел од искуствата

Можете да бидете целосно задоволни од животот и од кариерата, но ако сте немажена, а триесет свеќички на вашата торта се блиска иднина или дури и минато – сè околу вас се здружило во потребата да ви соопшти дека е време да се омажите. Родителите, бидејќи сакаат внучиња, а мажите ве напаѓаат – бидејќи мислат дека имаат право да ви пријдат токму затоа што сте сами.

Двојките ве избегнуваат, не добивате покани за забави- бидејќи сте сами. Имаат добар изговор и за тоа: „Ќе ти беше здодевно, затоа не те поканивме.“ Секој си дава право да ви суди и да ве советува. Сите ви бараат маж. Не ве оставаат на мира и во секоја пригода само за тоа се зборува, бидејќи – боже мој, сè уште не сте го пронашле вистинскиот.

Ако сакате да земете кредит од банка, прво ве прашуваат: „Колку години имате?“, а веднаш потоа: „Дали сте мажена?“ А бидејќи вашиот одговор е „не“, постои голема веројатност да ја слушнете реченицата: „Не одговарате на бараниот профил клиенти.“

Одењето на одмор во соло-аранжман и да не го спомнуваме – речиси и не постои во понудите на туристичките агенции. Сето ова ви создава притисок што ве води само во една насока – во брак. Зар е чудно тогаш што многу девојки се решаваат да се омажат не по сопствен избор, туку во голема мера поради очекувањата на околината?

Значи, ако во вашиот живот дошол тој судбоносен миг, ви изгледа дека коцките се сложиле и бракот се искачи високо на вашата листа на приоритети, сепак застанете и размислете: дали ќе го направите тој чекор затоа што навистина го сакате партнерот и сакате да го поминете животот со него?

Или потклекнавте под притисокот од околината, кој ве принудил на некој начин да го прифатите „она што се нуди на пазарот“, бидејќи повеќе нема смисла, а ни време, да барате? Според зборовите на нашите соговорнички, чувството кога ќе сфатите дека сте се омажиле не затоа што сте го сакале својот сопруг, туку затоа што сте се принудиле да го сакате, е страшно.

Да се препознае Вистинскиот не е лесно. Должината и квалитетот на идниот однос не можат да се утврдат однапред. Доколку се случи да згрешите во проценката, можен е и поправен испит. Иако е болен, разводот понекогаш е подобра опција од лош брак.

Многу наши соговорнички тврдат дека на богатите им е полесно да се разведат. Имотот лесно се дели. А што ако немате што да делите? Што ако немате каде?

Како знаевте дека тој е „оној вистинскиот“?

„Многу бев заљубена. Од првиот ден со мене е трпелив и благороден. Од него добивав само љубов, само добро. Ми овозможи сигурност. Имавме слични или исти планови за иднината, слични размислувања во однос на семејниот живот и животните вредности.“ Силвана (40 години, трговец), 15 години во брак.

„Тоа сè уште не се знае, млади сме… ќе покаже времето. Не треба да се даваат големи изјави. Засега е вистинскиот, бидејќи моментално е тука, покрај мене. Ме привлече со својата мажественост.“ Ксенија (28 години, правник), три години во брак.

„Мислев дека е вистинскиот и дека никој не е како него. Ми беше прв. Но не ги согледав сите негови мани и се воспостави дека направив голема грешка. Како и на многу млади девојки, физичкиот изглед ми беше многу важен. Во тој миг ми беше доволно да го гледам низ розови очила.“ Мира (47 години, службеничка), 22 години во брак.

„Многу ми се допаѓаше што кажува што мисли. Од првиот миг со него сè беше нормално – да разговараме по телефон, да бидеме сами, да ги запознаеме родителите, да си правиме услуги еден на друг…“ Гордана (50 години, професорка), 27 години во брак.

 Дали понекогаш сте помислиле дека сте згрешиле во изборот?

„Нон-стоп имаме кризи. Многу се покајав, но немам каде. Се преиспитував уште додека бевме во врска, но секогаш си велев дека проблемите сама си ги создавам. Го поднесувам она што сум во состојба да го поднесам. Некогаш ми доаѓа да си заминам, но секогаш се враќам. Што да правам, немам каде, а и се навикнав на него.“ Гордана (47 години, фризерка), 22 години во брак.

„Како што поминуваше времето и подобро го запознавав, така сè повеќе се каев. Во почеток кризите беа краткотрајни и ги предизвикуваа помалку важни нешта. Накрај се воспостави дека се работи за суштински разлики помеѓу нас. Сите мои кризи беа оправдани, иако во почеток ги негирав и не покажував дека ми пречат.

Сега откако прозборев за сè, се чувствувам многу подобро. А и тој се обидува да се смени. Маја (27 години, секретарка), шест години во брак

Што е поважно во изборот на партнер – разумот или емоциите?

„И двете. Емоциите и розовите очила без рационална животна практичност не носат многу. Иако, нема правила. Ако се омажиш млада, сигурно дека надвладеале емоциите, а подоцна и разумот ти помага.“ Соња (56 години, воспитачка), 32 години во брак

„И двете. Однос без љубов е пустина. Однос без реално согледување на партнерот е заслепеност. Отсуство на кој било од тие два елемента води кон краткотрајност на врската.“ Вера (40 години, домаќинка), 15 години во брак

„Некогаш е невозможно да се контролираат емоциите. Кога сме многу среќни или тажни, правиме нешта што инаку не би ги правеле. Не е лошо разумот да ни биде ’при рака’ за да можеме објективно да судиме за некој или за нешто. Мене лично, тоа ми се случи во подоцнежните години од животот, по 30-та. А пред тоа, не ме прашувајте, не е за раскажување.“ Јована (52 години, економист), 30 години во брак

„Треба добро да го запознаете партнерот за да процените дали ќе можете да се справите со неговиот карактер и со проблемите во животот. Важни се компромис и толеранција од двете страни. Не треба да им се дозволи на емоциите да завладеат со разумот. Разумот нè одржува во реалноста.“ Билјана (44 години, лекторка) 16 години во брак

Што е важно да се знае пред бракот?

„Морате да се запознаете себеси и партнерот. Потребно е да знаете дека сте подготвени да го сакате и да го поддржувате и во добро и во зло. И тој вас.“ Марија (28 години, архитект), три години во брак.

„Требаше да се омажам на позрели години, и тоа само за да станам мајка.“ Маја (47 години, козметичарка), 22 години во брак.

„Важно е партнерот да ве привлекува, но и да можете да разговарате со него, да ви биде пријател. Караниците мора да бидат конструктивни – не одраз на омраза, туку начин да му го соопштите своето мислење и да го слушнете неговото.“ Ана (25 години, студентка), две години во брак.

„Не брзајте! Не влегувајте во брак само затоа што се плашите дека ви отчукува биолошкиот часовник или затоа што вашите другарки се мажени. Посветете му се на партнерот, запознајте го добро, па дури потоа планирајте заеднички живот. Покажете зрелост за тој, како што велат, најважен чекор во животот.“

Мирјана (26 години, воспитачка), две години во брак.

Текст: Тамара Богунова

Фото: Getty Images

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.