Врски, љубов и секс: Нови правила!

Физичката компонента паѓа во втор план, а клучот на успешната врска ќе биде подлабока емотивна поврзаност

„Допирот ќе стане табу!“, се жали една колешка. И навистина, мал број се оние на кои, дури и по завршување на карантинот, ќе им текне да се впуштат во врска за една ноќ. Или да продолжат со незадолжителни врски.

За сите нас што сме сингл, особено ако живееме сами, карантинот и полицискиот час донесоа сосема нови предизвици. И ново ниво на осаменост. Да си слободен воопшто не е интересно доколку немате можност да излегувате и да запознавате нови луѓе, но истовремено ни дава можност да размислуваме за прашањето „што воопшто сакаме од животот“…

Една пријателка, која често ги користи апликациите за запознавање, ми призна дека откако почна пандемијата, сфатила дека премногу време поминува трагајќи по интересни луѓе и водејќи бесмислени разговори, кои најчесто не водат никаде.

Веќе во првите денови од карантинот, опадна употребата на таквите апликации. Наместо нив, почна почесто да се допишува и да разговара преку телефон со двајца потенцијални партнери, со желба да го продлабочи познанството со нив. Освен тоа, за неа тоа бил одличен начин да се чувствува помалку осамено за време на карантинот.

Сепак, и понатаму се плашам дека ќе останам сингл поради целава ситуација, бидејќи не можете бесконечно да се слушате со некого – во еден миг мора да се сретнете и во ‘реалниот свет’, па макар и на растојание од два метра.“

Како да се изборите со чувството на осаменост

За милениумците, осаменоста е генерациски проблем: дури 57% никогаш не биле во брак, а дури 65 проценти велат дека би сакале да се омажат или оженат еден ден. „Станав многу покомуникативна на социјалните мрежи“, вели друга сингл-другарка, која секогаш се воздржуваше од онлајн-контактите. Сфатила дека во овие услови тоа е единствениот начин да го прошири кругот на пријатели, па настојува да ја надмине непријатноста што ја чувствува кога таа треба да биде иницијатор на разговорот.

Сите сме во иста ситуација, а тоа претставува олеснителна околност за пронаоѓање теми за разговор. Секогаш можете со некого да ги споредите искуствата за тоа како ги поминувате деновите во карантинот или да се распрашате за деталите од книгата или филмот што конкретното лице ги препорачало на социјалните мрежи.

Потоа, доколку заедничките интереси продолжуваат да се нижат, искористете ја можноста за подобро запознавање. Социјалните мрежи овозможуваат побрзо да поминете на подлабоки, поинтимни теми, за кои можеби не би разговарале во обични околности ни по неколку средби.

А секс?

Иако самиот коронавирус не се пренесува по сексуален пат – јасно ви е дека, во случај кога се препорачува физичко растојание од другите, не е паметно да се тргне во потрага по нов сексуален партнер.

Во случај да дојде до сексуална средба, имајќи предвид дека вирусот се пренесува преку плунка, барем избегнувајте да се бакнувате“, советуваат експертите од Њујоршкиот центар за контрола на болеста, кои објавија и специјален водич за безбедни сексуални односи во доба на корона.

Знаеме, не звучи романтично, но новите околности бараат и промена на парадигмата на однесување. Кога станува збор за двојките што живеат под ист покрив, не постојат ограничувања доколку партнерите се чувствуваат добро и немаат симптоми на болест.

Кога конечно ќе можам да запознавам нови луѓе?

Одредена задршка во комуникацијата со поголеми или непознати групи и средини (на пример, на концерти) е сосема оправдана додека да добиеме комплетна слика за новиот вирус и неговата активност.

Меѓутоа, дали таквата претпазливост ќе се задржи во однесувањето на луѓето и подоцна, веројатно ќе дознаеме ако евентуално се соочиме со втор бран на заразата, или ако бидеме изложени на некој нов вирус. Можно е и технологијата да се развива во таа насока – да постои можност да се детектира здравствената состојба, каков што е примерот со некои авиокомпании за време на бордингот на патниците.

Запознавањето нови луѓе, доколку се создадат услови за тоа, сигурно ќе се одвива со поголема претпазливост од досега и, на некој начин, лицата што немаат партнер нема да можат да бидат опуштени во комуникацијата.

Истото тоа се однесува и на онлајн-запознавањето. Потенцијалниот партнер што ќе сакаме да го сретнеме во реалниот свет ќе мора (исто како и нас) да помине низ повисок степен на лична проверка. Сепак, сето тоа не треба да биде причина за развивање затвореност, инхибираност, па дури и ксенофобија.

Светла точка: постои можност мерките на претпазливост, наместо многубројни и површни врски со луѓето, да донесат поквалитетна и поавтентична комуникација и посодржински односи. Наместо да се среќавате со поголем број нови луѓе, ќе се потрудите да направите селекција и да инвестирате во оние односи за кои верувате дека имаат иднина, без разлика дали станува збор за партнерство, другарство или за деловна соработка.

Дури и ако станува збор за комуникација на далечина, имаме можност да ја разбудиме и неа и да ја направиме да ги допира суштински важните работи во нашиот живот, наместо да ја сведуваме на набљудување на туѓите животи или коментирање и полемизирање со оние што не ни се особено важни во животот.

Текст: Тамара Богунова

Фото: Getty Images

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.