Треба ли да се прости неверство и дали може да опстане врската на далечина? Ги решаваме најголемите љубовни дилеми!

Вистински сведоштва и мислење на психолог

Се двоумите помеѓу двајца потенцијални партнери или, пак, размислувате да се впуштите во врска на далечина? Каков е вашиот став за „врските без обврски“? А дали би простиле неверство? Се обидовме да ги решиме најголемите љубовни дилеми

ШТО МИСЛАТ ПСИХОЛОЗИТЕ?

За да ги решиме целосно овие љубовни дилеми, стручно мислење побаравме од психологот Дора Попова Узуновски

КАКО ДА СЕ ОДБЕРЕ ПОМЕЃУ ДВАЈЦА ПАРТНЕРИ?

Најпрво би советувала да се провери на што се темели таквото двоумење. Не е толку едноставно да се измери на вага какви квалитети поседува едниот потенцијален партнер, а какви другиот. Тука се вклучени и чувствата, кои секогаш претежнуваат на едната или на другата страна. Тешко е да останат на двете страни еднакво. Сепак, станува збор за конфликтна состојба во самата личност, која ако трае подолго време, може да направи емоционален хаос, па решението не е толку едноставно. Во тој случај, добро е да се побара и стручна психолошка помош.

МОЖЕ ЛИ ДА ОПСТАНЕ ВРСКАТА НА ДАЛЕЧИНА?

Вистината е дека за да опстане една партнерска врска, сепак е потребно да има физичка блискост, бидејќи во голема мера љубовта е поврзана со нашето телесно „јас“. Прегратката, бакнежот, допирот, сексот и слично се многу важни за човекот, не само од психолошки туку и од биолошки аспект. Не е невозможно да опстане врската на далечина, но прашање е колку долго може да опстане и со каков квалитет. Со поголем вложен напор од страна на двајцата партнери, секако дека би имало резултат, но и други фактори играат улога. Дали далечината е привремена, повремена или, пак, се работи за постојана состојба, најмногу зависи од договорот на партнерите и како се чувствуваат тие во однос на тоа. Важно е да разговараат отворено и често, онолку колку што им е потребно.

ДАЛИ ВРСКАТА БЕЗ ОБВРСКИ Е ДОБРА ИДЕЈА?

Врската без обврски е мит и не постои. Во секоја врска, личноста има минимален влог на врзување, колку и да е тоа несвесно. Современиот обид да се создадат такви врски е длабоко невротичен и тешко функционира. Во суштина, станува збор за поделеност помеѓу емоциите и сексуалната природа. Поради тоа, неретко барем еден од партнерите на крајот е подлабоко емоционално повреден, иако нема тенденција да го покаже тоа, поради самиот почетен договор за немање обврска. Ако поединецот има навика постојано да влегува и излегува од такви врски, значи дека проблемот е подлабок на емоционално ниво. Ако се работи за спонтана авантура, која едноставно се случила во некаков сплет на околности, сигурно дека нема да остави подолгорочни последици врз емоционалното здравје на личноста. Апсолутно многу зависи од контекстот на самата ситуација.

МОЖЕ ЛИ ДА СЕ ПРОСТИ НЕВЕРСТВО?

Неверството е комплицирана појава, но многу лесна за морална осуда. Честопати одговорноста се префрла само на изневерувачот, меѓутоа кога доаѓа до неверство, треба да имаме предвид два многу важни фактори. Дали станува збор за криза во една врска или изневерувачот е хроничен и изневерува постојано, без разлика на тоа со кого е во врска. Потоа, дали се работи за еднократно неверство или за паралелна врска. Се согласувам дека надминувањето е тешко, бидејќи човекот што е изневерен има чувство дека живеел во лага и дека емоционалната инвестиција во партнерот што го изневерил била залудна. Поради осетливоста на ситуацијата, ако партнерите не можат сами да го надминат проблемот, добро е да побараат и стручна помош и да работат заедно на терапија за двојки.

Подготвила: Марија Лукаревска

ФОТО: GETTY IMAGES, ПРИВАТНА АРХИВА

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.