Треба ли да се прости неверство и дали може да опстане врската на далечина? Ги решаваме најголемите љубовни дилеми!

Вистински сведоштва и мислење на психолог

Се двоумите помеѓу двајца потенцијални партнери или, пак, размислувате да се впуштите во врска на далечина? Каков е вашиот став за „врските без обврски“? А дали би простиле неверство? Се обидовме да ги решиме најголемите љубовни дилеми

Во тинејџерските години, повозрасните нè задеваа дека нашите љубовни проблеми се слатки маки, иако не можевме да сфатиме што има толку слатко во нашето леење крокодилски солзи додека во заднината оди рефренот на најромантичната попрок-балада. Иако тогаш сме страдале, од денешна перспектива сето тоа навистина ни изгледа слатко и смешно, бидејќи станувало збор за обична симпатија што нè игнорирала или за „голема“ љубов што траела цели две недели.

Но како што растеме, така врските што ги почнуваме стануваат посериозни, а со тоа и љубовните проблеми поголеми. Нашиот влог во една врска не вклучува само два-три часа од денот и долги телефонски разговори туку подразбира сериозна инвестиција на емоции, време (кое и онака го имаме премалку), понекогаш и пари, како и правење големи компромиси и жртви. Па со самото тоа, не е толку лесно да се стави крај на една врска, ниту пак да се одбере вистинскиот партнер за кого вреди да се преземе ризикот.

Оттука произлегуваат и најголемите љубовни дилеми, кои некогаш знаат безмилосно да ни ги окупираат мислите. Секогаш е добро да се учи од туѓите искуства, па, така, нашите соговорнички искрено споделија како тие се справиле со најголемиот љубовен предизвик во нивниот живот, а побаравме и стручно мислење од психолог.

СОФИЈА (26): ИЗБОР ПОМЕЃУ ДВАЈЦА

МОЖЕ ЛИ ДА СЕ СЕДИ НА ДВЕ СТОЛЧИЊА? Се гледав со двајца истовремено, но тоа траеше кратко и воопшто не ми беше пријатно. Напротив, многу ми беше тешко да направам конечен избор. Секоја личност е посебна на свој начин, но тие навистина поседуваа слични особини.

НАЈГОЛЕМАТА ДИЛЕМА. Не можев да се одлучам помеѓу двајцата поради сплетот на околности, но и поради тоа што едниот од нив беше неверојатно грижлив, а другиот неверојатно храбар – двете особини што многу ми е важно да ги поседува мојот партнер. Сепак, длабоко во себе го знаев мојот избор.

КОНЕЧНИОТ ИЗБОР. За да донесам одлука, морав да размислам со ладна глава, оставајќи ги настрана сите неубави моменти. Успеав да одлучам слушајќи се себеси, односно внатрешното „јас“.

ШТО БИ БИЛО КОГА БИ БИЛО…? Искрено, немам размислувано за тоа како би ми изгледал животот кога би одлучила поинаку, бидејќи сега не можам ни да се замислам со друга личност. Знам дека го направив правилниот избор. На оние што се наоѓаат во слична ситуација, би сакала да им порачам да бидат искрени кон себе и да го остават егото настрана.

КРИСТИНА (32): ВРСКА НА ДАЛЕЧИНА

ЉУБОВ ПРЕКУ ЖИЦА. Се запознавме преку заеднички пријатели додека беше на посета во Македонија, но таа веќе живееше во Холандија. Се вљубивме и, нормално, немаше друга опција во тој момент освен да пробаме со врска на далечина. За мене тоа беше прво такво искуство, а таа веќе имаше една таква врска зад себе. Верувам дека поради тоа потешко ја „поднесував“ далечината од неа.

НАЈГОЛЕМИОТ ПРЕДИЗВИК. Бевме разделени четири години и се обидувавме да се гледаме најчесто што можеме. Најтешко беше тоа што не можевме да бидеме заедно во некои значајни моменти, добри и лоши. Врската ја одржувавме со често допишување, слушање и видеоповици. Кога поминувавме низ тешки моменти, договаравме следно видување и купувавме авионски билет за да се сретнеме што е можно побрзо.

ПОЗИТИВНО ВЛИЈАНИЕ. Секако, нашата доверба честопати беше ставена на тест. Но по првите неколку години, научивме да функционираме заедно, па стана многу полесно. Врската стана постабилна и позрела.

РЕЦЕПТ ЗА УСПЕХ. И по сè, повторно би се впуштила во врска на далечина, без двоумење. За да успее таквиот однос, потребно е повеќе доверба, слобода, комуникација и разбирање. И никако не поминувајте повеќе од три месеца разделени!

АНГЕЛА (23): ВРСКА БЕЗ ОБВРСКИ

НОРМАЛНА ПОЈАВА ВО ДЕНЕШНО ВРЕМЕ. Со оглед на денешниот динамичен начин на живот, сметам дека сосема е нормално да се започне врска без обврски. Во мојот случај, иницијативата за тоа беше заемна, што е многу важен елемент за здраво функционирање на таков тип врска.

ПРАВИЛА НА ИГРА. Немавме строго дефинирани правила на игра. Мислам дека тоа е една од причините поради кои не опстана долго време како врска без обврски. Доколку целта е да се задржи несериозноста на односот, мора да има многу отворена комуникација помеѓу партнерите и да се постават рационални правила, кои ќе бидат еднакво фер за двете страни.

ПОЗИТИВНИ И НЕГАТИВНИ СТРАНИ. Позитивната страна на ваквата врска е чувството на припадност со партнерот, без можност кој било да биде многу повреден. Постои одредена доза на сигурност доколку се почитуваат договорените правила. Од друга страна, настанува проблем кога еден од партнерите ќе развие малку посилни чувства. Тогаш целата ситуација може да стане токсична, што може да се одбегне само со многу разбирање и комуникација. Во мојот случај, развивањето поголеми чувства беше заемно, но тоа не е секогаш така. За да се одбегнат недоразбирања, и двајцата партнери треба да бидат свесни за тоа во што се впуштаат и какви очекувања треба или не смеат да имаат од врската без обврски.

МОЖЕ ЛИ ДА УСПЕЕ? Само под услов да постојат јасно поставени правила, разбирање, многу отворена комуникација и реални очекувања. Искреноста игра пресудна улога – тоа е најлесниот начин да се одбегне моментот на повредување и разочарување. Врска без обврски значи дека не смее да се очекува „обврска“ од страна на партнерот, што е најчестата грешка во овој тип врски. Грешка што и самата ја имам направено. Не сметам дека тоа е нешто што не би требало да се проба, но мора да се запомнат правилата на игра.

ИВАНА (27): ПРОСТУВАЊЕ НЕВЕРСТВО

ВИСТИНАТА СЕКОГАШ ИЗЛЕГУВА НА ВИДЕЛИНА. Се сомневав во односот што мојот партнер го имаше со неговата колешка, но не преземав ништо и му верував сè додека еден ден не се појави со гризнати усни. Знаев дека не му е навика самиот да го прави тоа и решив да истражам малку повеќе. Од денешна гледна точка, чепкање по телефонот на партнерот е неприфатливо за мене, но тогаш тоа ми го даде одговорот што го барав: СМС што гласеше „Извини за устата…“

ВТОРА ШАНСА. Иако добро ми е позната изреката „еднаш неверен, засекогаш неверен“, сакам да давам втора шанса и верувам дека луѓето учат од своите грешки. Одлучив да простам зашто ми покажа дека навистина се кае што не ми ја кажал вистината веднаш. Сепак, ми требаше многу време за да го надминам тоа, бидејќи ја изгубив и мојата самодоверба. На почетокот бев многу лута и му реков дека ми треба време без него, сама со себе. Но тој ми се јавуваше да ме праша како сум. По една недела решив дека сум подготвена да го видам и да разговараме што ќе правиме понатаму. Се однесувавме како на самиот почеток и одново ја градевме врската. Процесот е бавен, но ако и двајцата работите напорно на тоа, довербата може да се врати целосно. Решив дека никогаш повеќе нема да му го отворам телефонот, затоа што заслужува да има своја приватност, а и сфатив дека информациите што треба да стигнат до мене, ќе си најдат начин.

ПОЗИТИВНИ ПРОМЕНИ. Неверството го сфатив како совршена шанса да поработам на себе. Доколку стигнало до такво нешто, значи дека нешто недостигало во нашата врска. Работев на себе и на својата самодоверба, која откако ја вратив, не ни помислив дека би можел повторно да ме изневери. Знаев дека треба да е луд за да го направи тоа. Нè промени и фактот што една година подоцна, тој се пресели во друга држава и бевме принудени три години да си веруваме, без оглед на сè. Неверствата во комбинација со врската на далечина нè направија многу посилни.

ДАЛИ ТРЕБА ДА СЕ ПРОСТИ? Според мене, не постои правило. Доколку чувствувате дека треба да простите, направете го тоа. Истото тоа важи и доколку чувствувате дека треба да ставите крај. По неверството, доколку двете страни сè уште се сакаат како порано и немаат променети чувства, верувам дека треба да се поработи на врската. Многу е важно да се разговара. Исто така, верувам дека луѓето не се моногамни суштества и дека доколку кај некого се јавува таа потреба за авантури на страна, треба да се разговара, затоа што преку разговор и договор може да се стигне до отворена врска. Неприфатливо е доколку и покрај сите разговори, едната страна продолжува да живее како што ѝ одговара, и тоа на сметка на чувствата на другата страна.

Продолжете на следната страница за да дознаете како психологите ги решаваат овие љубовни дилеми…

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.