СРОДНИ ДУШИ: Мит или вистина?

Верувате ли во сродни души?

За да опфатиме повеќе различни аспекти, прашавме психолог и астролог како нивната стручна област го разбира овој поим – нивните сознанија ќе ве поттикнат на размислување

Еден маж здогледува жена во просторија полна со луѓе. Погледите им се сретнуваат и веднаш знаат дека судено им е да бидат заедно. Тој го освојува нејзиното срце, но потоа прави некоја огромна грешка со која ја повредува и сигурен е дека ја изгубил засекогаш. По извесно време, тој сфаќа дека таа е единствената за него. Ја бара насекаде, за на крајот да ја најде на аеродром подготвена да полета и јавно ѝ ја изјавува неговата љубов кон неа (понекогаш дури и преку песна). Страсно се прегрнуваат и си живеат среќно до крајот на животот. Верувате во вакви приказни?

Веќе цел еден век популарната култура ја негува и наметнува романтичната идеја за постоењето сродни души, особено во холивудските филмови. Анкетите покажуваат дека 88 отсто од луѓето веруваат во сродни души и сметаат дека за нив постои еден и единствен човек со кого им е судено да останат до крајот на животот. Одредени среќни поединци се имаат уверено во овој концепт, но како што би рекла Кери Бредшо, помислата дека имаме само една сродна душа е депресивна. Што ако никогаш не ја сретнеш? „Сакам да верувам дека луѓето имаат повеќе од една сродна душа. Ако пропуштиш една, ќе се појави друга. Како такси“, кажа легендарната колумнистка во „Сексот и градот“, а ние одлучивме малку подлабоко да го истражиме овој поим и да дознаеме дали станува збор за мит или вистина.

Денес постојат многу дефиниции и теории околу тоа што се „сродни души“, но главно сите се сведуваат на тоа дека станува збор за личност што нè надополнува, ни помага да се развиваме и го извлекува најдоброто од нас. Помеѓу сродните души постои силна поврзаност и најчесто ништо не може да ги раздели. Но како експертите го разбираат овој поим? За да опфатиме повеќе различни аспекти, прашавме психолог и астролог како нивната стручна област го разбира овој поим – нивните сознанија ќе ве поттикнат на размислување.

 

ОД ПСИХОЛОШКИ АГОЛ

Од психолошка гледна точка, чувството на длабока конекција, разбирање, препознавање и припаѓање несомнено е нешто што постои, но верувањето во „сродна душа“ како една личност која во романтична смисла се појавува еднаш во животот, исклучувајќи ги преостанатите ближни, го ограничува човекот и неговиот развој. Што значи тоа за партнерските односи и во кој момент оваа идеја станува проблематична?

Психологот Ирина Николовска ни објасни дека идејата за „сродни души“ потекнува од античката митологија, а оттаму се појавува и во раната филозофија. Психологијата, пак, феноменолошки му пристапува на овој концепт, испитувајќи го искуството: „Ние луѓето сме социјални битија. Во биолошка смисла, ова е дел и од нашиот механизам за преживување. Човекот има капацитет и потреба за длабока конекција, разбирање, препознавање, припаѓање и размена. Ние, всушност, и најдобро се осознаваме себеси преку односите со другите. Градењето длабока и значајна конекција, може да нè доведе до верувањето дека со некои луѓе сме сродни души“, објаснува Николовска.

Но кога зборуваме за човечките односи, овој поим може да биде проблематичен: „Проблематичниот дел во идејата за ‘сродна душа’ се појавува кога се поврзува со романтичното верување дека таа е една и единствена за целиот живот. Наспроти тоа, ние имаме потреба и капацитет за поврзување со многумина, во различни облици и форми, низ целиот живот. Па така, ‘сродни души’ може да најдеме меѓу пријателите, во семејството, заедницата… Нашата личност исто така еволуира, се менува и зрее, па во различни периоди, може да развиеме длабоко поврзување со различни луѓе. Секако, некои од односите можат да се негуваат и траат целиот живот“, додава психологот.

Ирина Николовска, психолог
Како е во реалноста?

„Ти ме правиш комплетен/комплетна“ е честа романтична изјава што се користи во филмовите. Возможно ли е пронаоѓањето партнер да го направи некого комплетен?

„Психологијата вели дека незрелата љубов ја опишува реченицата ‘Те сакам бидејќи не можам без тебе’. За зрелата љубов, пак, специфично е: ‘Можам и без тебе, но сакам да сум со тебе’. Развојно, симбиотската поврзаност (не можам без другиот) треба да припаѓа во периодот на детството и е насочена кон негувателот. Кај зрелата љубов постои надополнување и здрава размена, која ги води партнерите кон развој. Истовремено, зрелата љубов умее да толерира и одвојување кога има причина за тоа, иако тоа може да значи и минување низ процес на тагување“, открива психологот.

Чувството на посебност и ексклузивност при изборот на партнер има силно влијание врз психата на човекот и во овој случај, верувањето во сродни души може да им помогне на партнерите во градењето заедничка приказна и во јакнењето на волјата за надминување на проблемите и предизвиците. Но нашата соговорничка предупредува дека човечките релации може да бидат проследени со разочарувања или разидувања од различни причини: „Доколку личноста е убедена дека постои само една ‘сродна душа’ или само едно можно животно сценарио, ова може да биде извор на големо страдање кога истото тоа ќе биде неостварено.“

Мит или вистина?

Па, дали психологијата верува во сродни души? „Дали компатибилноста на две личности е нешто што се препознава или нешто што се стекнува, одговорот е дека може да биде и едното и другото. Овие категории меѓусебно не се исклучуваат. Она што знаеме е дека една врска не може да опстојува и да биде квалитетна ако не се негува“, заклучува Ирина Николовска. На крајот, сè се сведува на најзначајните фактори кои одредуваат дали една љубовна врска ќе биде успешна или не: посветеност, благодарност, сексуална сатисфакција и способност за справување со конфликтите.

ШТО ВЕЛИ АСТРОЛОГИЈАТА?

Не можевме а да не побараме мислење на оваа тема и од астрологот Снежана Миленкоска Петкас. Од астролошка гледна точка, сфаќањето на поимот „сродни души“ е многу поромантично во споредба со она на психологијата, но на крајот, повторно се сведува на негувањето исти вредности. „Сродната душа е единствената бесмртна супстанција која не познава граници помеѓу времето и просторот. Сродните души имаат едно заедничко животно искуство и поминувајќи низ заеднички инкарнации, негуваат светли чувства, љубов, пријателство, почитување, лојалност, доверба и благодарност“, објаснува Петкас.

Според неа, сродните души се луѓе кои се блиски со духот, имаат слични интереси и навики. Тие имаат тенденција да ги прифаќаат недостатоците кај другиот, да си простуваат и да ги толерираат и најнегативните постапки на партнерот. „Сродните души ги поврзува меѓусебното разбирање. Не им требаат зборови за да почувствуваат близина. Забележано е дека откако сродните души ќе поминат одредено време заедно, нивните навики и начинот на размислување стануваат слични“, додава астрологот.

Снежана Миленкоска Петкас, астролог
Имаме ли само една сродна душа?

Добри вести! Нашата соговорничка го потврдува ставот на познатата хероина Кери Бредшо: „Луѓето во текот на својот живот сретнуваат и по неколку сродни души, од кои некои ќе им бидат пријатели, колеги, роднини, а во краен случај, и непријатели. На сите ни се случило да запознаеме човек и да се почувствуваме како да го познаваме цел живот, додека, пак, има луѓе со кои се дружиме со години, а не ги чувствуваме толку блиски“.

Исто така, нормално е и да дојде до разделба на сродните души, а Снежана Петкас ни откри дека тоа се случува во оној момент кога ќе заврши нивната мисија. Може да се случи нашата љубовна сродна душа да не остане засекогаш во нашиот живот и тоа е нормално.

Како да ја пронајдеме?

Астрологијата верува дека секој човек барем еднаш во животот ја има сретнато својата втора половина: „Не постои човек кој не може да оствари контакт со својата сродна душа. Но за да се случи тоа, потребно е првенствено да се работи на себе. Љубовта или пријателството помеѓу сродните души е вистински подарок, а таквиот подарок човекот го добива заслужено, благодарение на личниот развој и правењето добри дела“, заклучува Снежана.

ДАЛИ СРОДНИТЕ ДУШИ НАВИСТИНА ПОСТОЈАТ?

Без разлика дали вашето мислење е поблизу до она на психологијата или она на астрологијата, во суштина тие и не се разликуваат толку многу. Сродна душа може да биде секој човек покрај кого се чувствувате пријатно, сигурно и исполнето, без разлика дали станува збор за пријател или партнер. А дали односот со таа личност ќе трае, сите се согласуваме дека зависи од тоа дали ќе го негувате и чувате.

Подготвила: Марија Лукаревска

ФОТО: GETTY IMAGES, ПРИВАТНА АРХИВА

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.