Што и кога ќе ја пронајдеме таа т.н. сродна душа?

Совети за љубов, а не за вечна врска (заради врска, а не од љубов!)

Фото: Pexels

Некогаш беше едноставно – еден живот, една љубов. Денес ова важи само за навивачите на Вардар, па потрагата по сродната душа за многумина е тежок процес, полн со разочарувања. Но што и кога ќе ја пронајдеме таа т.н. сродна душа? Зошто проблемите во односите помеѓу партнерите се толку чести?

Љубовта е главниот услов за долготраен брак, но не е единствениот. Велат, љубовта надминува секакви препреки. Има вистина ако љубовта ја даваме несебично и безусловно. Но безусловна љубов постои само меѓу родител и дете, па дури во некои случаи ни тогаш.

Велат и дека само од љубов не се живее – и точно е, особено во денешно време. Финансиските услови, семејните динамики, психофизичкото здравје на партнерите, како и низа други фактори што некои луѓе не можат да ги контролираат често ја нарушуваат љубовта.

Таа е моќна но истовремено и многу нежна и затоа постојано треба да ја негуваме.

Лесно е да се роди љубов, но потешко е да се задржи ако партнерите не вложуваат заеднички труд.

Желбите без акција се само желби

Не постои човек кому не му е потребна љубов. Љубовта е прекрасна, прави да се чувствуваме моќно, да имаме полетност и оптимизам. Ни дава енергија и самодоверба да се справиме со сите животни предизвици. Кога сме сакани, се чувствуваме како да сме на врвот на светот.

Секој еден од нас посакува да има љубов засекогаш, но, за жал, не е секој подготвен или способен заслужено да ја добие.

Љубовта треба да се негува постојано. Кога партнерите се на иста бранова должина, со иста цел, со свесна намера да го дадат својот максимум во врската, да се однесуваат најдобро што можат еден кон друг секојдневно, тоа е тоа што постојано ќе ја одржува љубовта како прекрасна светлина во нивните животи.

Постојана конструктивна комуникација

Не постои врска без повремени конфликти. Врските без никакви конфликти често се знак на комплетна оддалеченост, дисконекција меѓу партнерите. Комуникацијата е многу важна во секоја врска.

Но двојките што најмногу страдаат се оние кај кои едниот или двајцата не се придржуваат барем кон основниот критериум на конструктивна комуникација, а тоа е: да ѝ дадеме простор и да ја сослушаме другата страна со внимание и разбирање, без веднаш да почнеме со одбрана или навреди. Уште полошо е што некои луѓе бегаат од комуникација во надеж дека со текот на времето конфликтот ќе избледи или солуцијата ќе си дојде сама по себе.

Тоа е грешка што води до катастрофални последици, кои ја убиваат љубовта. Без комуникација нема љубов, без љубов нема квалитетна врска. Романтиката, комплиментите, респектот, грижата еден за друг, заеднички поминатото време не само во поглед на секојдневните обврски туку и надвор нив треба постојано свесно да се негуваат.

Најголема грешка е кога едниот партнер ќе го земе другиот здраво за готово. Оттука почнува ризикот за поттикнување лавина други проблеми, поради кои страда љубовта.

Бракот не е крајната дестинација

Склучувањето брак навидум е крајната дестинација што ни била цел кога сме се труделе што повеќе да го привлечеме партнерот на секое ниво за да ни го каже судбоносното ДА. Напротив, на брачниот партнер треба да му дадеме приоритет и да гледаме како на личност со која треба да го поминеме животот.

Никој не склучува брак со мислата дека ќе се разведе, но ако тој брак не се одржува заемно, ризикот да дојде до развод се зголемува. Секогаш потсетете се на најубавиот период во врската (вообичаено тој на почетокот) и како сте се однесувале еден кон друг. Нема причина зошто да не продолжи тој однос што ве зближил ако двајцата работите на тоа

Текст: Ј. Стојменовиќ

Фото: Getty Images

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.