Партнерски односи: Колку е важна емоционалната интелигенција за градењето здрава и среќна љубовна врска?

Дознајте!

Стручна соработничка: Дора Попова Узуновски, психолог, м-р на психолошки науки, гешталт-терапевтка

Постојано се зборува за коефициент на интелигенција, но ретко се споменува емоционалната интелигенција, која е клучна за градењето здрава и среќна љубовна врска. Како да станете посвесни за вашите, но и за емоциите на партнерот? Како да ја зголемите интимноста и подобро да се разберете еден со друг? Истражувавме малку на оваа тема и еве што дознавме…

Дали ви се случило да налетате на емоционално недостапни партнери, на кои им било тешко да ги искажат своите чувства? Или можеби вие сте се соочиле со обвинување дека не се отворате доволно? Најголемите недоразбирања во љубовните врски, всушност, се должат на разликите во нивоата на емоционалната интелигенција кај двајцата партнери. Емоционалната интелигенција (ЕИ) е тајната на врските што траат, најмногу поради тоа што ни помага да бидеме свесни за големите и помалите промени што постојано се случуваат кај нас и кај другите. Доколку ја развивате емоционалната интелигенција преку активна свесност и емпатија, автоматски ќе ги чувствувате и најсуптилните промени во динамиката на вашата врска што сигнализираат дека е време за акција. За да го разбереме подобро овој комплексен аспект од човечката личност, разговаравме со психологот Дора Попова Узуновски.

Што е емоционална интелигенција?

Емоционалната интелигенција претставува способност да ги разбереме, да ги употребиме и да управуваме со сопствените емоции на позитивен начин, за да се ослободиме од стресот, да постигнеме ефикасна комуникација, да ги надминеме предизвиците и да ги решиме конфликтите. „Тоа ѝ помага на личноста да изгради посилни врски, да успее во кариерата и да ги постигне личните цели. Исто така, ЕИ е клучот за претворање на намерата во акција и за донесување свесни одлуки“, открива Дора.

Па, како може да се препознае дали некој има ниска или висока емоционална интелигенција? „Луѓето на кои им недостига ЕИ, брзо формираат мислење, а потоа собираат докази што го поддржуваат нивното мислење и ги игнорираат аргументите за спротивното. Од друга страна, емоционално интелигентните луѓе дозволуваат нивните мисли да ‘отстојат’ бидејќи знаат дека првичните реакции се водени од емоции. Тие им даваат време на своите мисли да се развијат и ги разгледуваат можните последици и контрааргументи“, објаснува психологот. Друга карактеристика на луѓето со ниска емоционална интелигенција е постојаното држење лутина кон некого и долгото размислување за сопствените грешки, поради што тие најчесто се вознемирени и срамежливи. Често чувствуваат дека се погрешно разбрани, реагираат импулсивно и лесно се навредуваат.

Мажи VS жени

Сѐ уште е присутен стереотипот дека жените се поемотивни, а мажите не знаат да ги искажат своите емоции. Оваа генерализација влече свои дамнешни трансгенерациски корени, иако денес работите се менуваат. „Уште како деца, мажите се воспитувани да бидат ‘челични’ во однос на емоциите и мирно да ги поднесуваат тешкотиите во животот, без многу чувствени бранувања. Во западната култура, претежно се глорифицираат стоицизмот, рационалноста, прецизноста, иницијативата и проактивноста. Овие одлики ги исклучуваат емоциите, а се сметаат за типично машки карактеристики. Но тоа може да доведе до негација, отуѓување, минимизирање или до омаловажување на личните и на туѓите емоции. Што и да прави човек во животот, ако го прави со отсуство на љубов и уживање, постојано ќе биде незадоволен и ќе се врти во бескраен круг, барајќи среќа. Таквата позиција ја гледаме кај мажите, но сѐ почесто е присутна и кај жените“, појаснува нашата соговорничка. Една од причините за емоционална недостапност, и кај мажите и кај жените, е мислењето дека емоциите не се доволно важни, додека многу мажи сѐ уште ја доживуваат својата функција само како должност да обезбедат материјални добра во домот и семејството.

Здравјето и ЕИ

Емоционалната интелигенција силно влијае врз физичкото и менталното здравје. Еве кои последици може да произлезат доколку личноста не е во состојба да управува со своите емоции:

1. Поголема изложеност на стрес. Луѓето со ниска ЕИ не знаат како соодветно да се справат со стресот, а тоа може да доведе до сериозни здравствени проблеми.

2. Ризик од психосоматски заболувања. Кај луѓето со ниска ЕИ постои двојно поголема веројатност дека ќе доживеат анксиозност, депресија или други психички нарушувања.

3. Недостиг од контрола. Луѓето со ниска ЕИ преземаат помалку ефективни начини на управување со сопственото расположение, па затоа кај нив постои поголема веројатност дека ќе подлегнат на зависност од алкохол и психоактивни супстанции.

ЕИ во љубовта

Важно е да се развива емоционалната интелигенција во текот на целиот живот и таа е од витално значење за љубовта да се изгради и да трае. „Емоционално интелигентните двојки го издржуваат тестот на времето, пред сѐ затоа што се пријатели што меѓусебно се поддржуваат и се грижат еден за друг. Во нивната врска постојат заемна доверба и наклонетост, а почитта и длабоката восхит им се основно начело. Секој од нив ги цени уникатните квалитети, достигнувања и способности на другиот. Двојките што се способни да ги пренесат своите мисли, потреби и чувства на здрав начин имаат поголеми шанси да изградат просперитетна врска за разлика од двојките што имаат тешкотии во комуникацијата“, открива психологот.

Разговорите помеѓу партнерите со висока ЕИ не покажуваат знаци на критика или презир и никогаш не започнуваат нагло. Тие го разбираат нивниот идентитет како двојка, но и нивните посебни идентитети како поединци. Зборуваат отворено за проблемите, наместо да ги кријат под тепих. Заедно градат ѕид што ги штити од силите што може да ги разделат или да им ја загрозат врската. „Сепак, важно е да се напомене дека партнерите што успеваат имаат барем неколку заеднички интереси или активности, бидејќи потребно им е време за да се рекреираат заедно. Сличностите, а не големите разлики, се тие што ги привлекуваат луѓето едни кон други“, порачува Узуновски.

Емоционални маченици или емоционални инвалиди?

Постои интересна поделба меѓу луѓето на „емоционални маченици“ и „емоционални инвалиди“. Првите се сметаат за емоционално супериорни и најчесто се жалат дека се уморни од обидите да го натераат партнерот да се отвори. Вторите, пак, ја кријат својата ранливост, не ги искажуваат емоциите толку лесно и изгледаат како да не се грижат за чувствата на партнерот. Па, може ли да опстане нивната врска? Како да пронајдат заеднички јазик? „За да можат да пронајдат заеднички јазик, најважно е овие два типа на луѓе да сакаат да го пронајдат, а за тоа треба да станат свесни дека постои проблем меѓу нив. ‘Маченикот’ треба да стане свесен дека премногу форсира и дека со тоа го загрозува личниот простор на партнерот, а ‘инвалидот’ да стане свесен дека е премногу затворен и дека го фрустрира соговорникот со тоа што не дава повратна реакција. Во таква ситуација, важно е партнерите да ги откријат своите стекнати дисфункционални шаблони од примарното семејство, кои понатаму ќе ги откријат причините за затвореноста и преголемата отвореност. Но за таквото откривање и менување на тие матрици, потребни се голема волја, напор и влог од двете страни“, советува психологот.

Како да се зголеми ЕИ?

Вештините што ја сочинуваат емоционалната интелигенција може да се научат во секое време, но важно е и да се применат во реалноста. Еве како…

  • Научете како да се справите со стресот. Способноста да управувате со стресот и да останете емоционално присутни ќе ви помогне да ги зачувате смиреноста и самоконтролата, дури и кога ќе добиете вознемирувачки информации од околината.
  • Поврзете се со вашите основни емоции. Ова може да се постигне на тој начин што свесно ќе се фокусирате на сегашниот момент. Откако емоционалната свесност ќе влезе во игра, може ефикасно да се развијат дополнителни социјални и емоционални вештини.
  • Гледајте позитивно на конфликтите. Несогласувањата се неизбежни во човечките релации, но тоа не треба да се доживува како нешто негативно. Решавањето на конфликтите на здрав, конструктивен начин, може да ја зајакне довербата меѓу луѓето, да ги поттикне слободата, креативноста и сигурноста во врските.

Подготвила: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА, jasmine buinac/djvstock/iStock via GETTY IMAGES

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.