Брачна двојка што прославува 75-годишнина од бракот го сподели својот рецепт за среќен брак
Брачна двојка од Њу Џерзи месецов слави редок јубилеј: повеќе од седум децении заеднички живот. Стенли Двоскин има 97 години, а неговата сопруга Леатрис има 94 и по повод 75-годишнината од бракот, тие им раскажале на медиумите како започнало сè и зошто се уверени дека во љубовта многу помага смислата за хумор.
Тие се запознале во 1949 година на танц во Градскиот колеџ на Менхетен. Стенли, роден во Бруклин, по забавата ги одвел Леатрис и нејзините пријателки дома во Бронкс. А потоа, Леатрис направила чекор што денес го раскажуваат со смеа: му се јавила и му кажала дека си ги изгубила обетките во неговиот автомобил, иако тоа не било вистина.
„Тоа се вика замка“, додал Стенли на шега.
Тој ѝ одговорил дека ќе ги побара обетките и ќе ѝ се јави. Набрзо ѝ се јавил: не ги нашол.
„И така започна нашиот однос“, се присетила Леатрис.

Се венчале само една година подоцна и оттогаш се неразделни. Заедно имаат три ќерки, пет внучиња и осум правнучиња, а денес живеат во станбена зграда наменета за стари лица. Кога зборуваат за секојдневјето, Стенли не престанува да се шегува:
„Нејзиното омилено јадење е тоа што ќе го нарача“, а потоа открил што им помага за време на тешките денови:
„Мора да знаете да се насмеете за некои работи, бидејќи знае да биде тешко. Смислата за хумор помага.“
Нивниот рецепт за долг брак подразбира и рамнотежа: време поминато заедно, но и време што секој го има само за себе. Секоја вечер во 17 часот имаат свој мал ритуал, таканаречен „happy hour“.
„Секоја вечер во пет“, вели Леатрис, а Стенли низ насмевка додава:
„Јас сум барменот“.
А кога станува збор за времето за себе, Стенли има своја рутина: влегува во својот „понтијак“ и вози десетина минути до Њујорк до неговата омилена сала за вежбање, каде што тој е најстариот член.
„Ме викаат градоначалник“, вели тој гордо.

Леатрис признава дека и тоа е дел од магијата: кога ќе се врати дома, секогаш имаат за што да разговараат.
„Не ги познавам тие луѓе, но наместо да зборуваме само за тоа што нè боли, имаме нешто друго како тема на разговор“, вели таа.
А нивната завршна порака до младите двојки? Секако, повторно низ шега:
„Слушајте што ви велат, а потоа кажете им каде грешат“, порачал Стенли.
Во продолжение погледнете го прилогот за оваа интересна брачна двојка…
ФОТО: Јутјуб