Која е разликата меѓу заљубеноста и љубовта?

И зошто посакуваме да му се вратиме на бившиот?

Фото: Guliver/Getty Images

Иако се сосема различни по својата структура, и заљубеноста и љубовта се комплексни, социјални чувства, кои се јавуваат како наш одговор на личноста што ни значи. Заљубеноста е ирационален феномен, илузија. Станува збор за односот на човекот кон неговата претстава за партнерот. Се работи за однос кон фантазијата за идеален партнер, која е сочинета од желби и од потреби.

Но како и секоја претстава, таа има свој крај. Времето поминато со партнерот носи ситуации низ кои го запознаваме и кои ја менуваат првичната идеализирана и нереална слика за него. Доколку новооткриените црти на партнеровата личност не се во согласност со нашите психолошки потреби, чувствата ни се менуваат и се оддалечуваме од него, поточно „се одљубуваме“.

Заљубеноста е феномен на незрелост и затоа е најчеста во периодот на адолесценцијата и на младоста. За разлика од неа, љубовта е феномен на зрелоста. Таа не е само емоција, туку подразбира мошне комплексен партнерски однос. Постои таму каде што е и способноста на личноста да го согледа и да го прифати партнерот во целост, со сите негови доблести и мани. Љубовта е одлука токму со таа личност – која со својот доминантен начин на размислување и однесување ја негува суштината на нашето битие и е во согласност со нашиот интимен систем на вредности – заедно да чекориме низ животот, да траеме и да останеме.

За љубов се способни лица што можат да развијат блискост. Затоа за љубовта е предуслов психолошка зрелост на лицето што сака. Значи, не може секој да го сака другиот. Исто така, за љубов е неопходно личноста да поседува мноштво позитивни морално-психолошки особини, затоа се вели дека е привилегија на посебни луѓе. Со созревањето, човекот ја губи способноста за вљубување и станува поподготвен да сака. Се разбира, и заљубеноста може да премине во љубов, но искуствата на терапевтите зборуваат дека таа, поради својата фантазматска природа и поради незрелата подлога, почесто завршува со оддалечување на партнерот по неговото осознавање.

Зошто посакуваме да му се вратиме на бившиот?

Ако по подолг период на осаменост, посакате да ја обновите врската со бившиот партнер, тоа најчесто се случува затоа што сте долго време сами. Треба да се земе предвид дека помеѓу осаменост и самотија не стои знак еднакво, но самотијата е добра основа за раѓање на чувството на сопствена изолираност и празнина на емотивен план. Се разбира, тоа не е доволно за да почнеме повторно да размислуваме за врска со бившиот. Во таква состојба, на лицата што се најчесто помалку зрели и со пасивно-агресивни карактерни црти самотијата им претставува и кризна ситуација во која почнуваат да размислуваат на таков начин. Но, доколку одлуката за раскинување на врската ја донела зрела личност, таа е резултат на зрели причини, поради одредени значајни карактерни несогласувања. Ваквата личност во периодот на самотија ќе ја анализира претходната врска, првенствено за подобро разбирање на себеси и на својата околина. На тој начин последното искуство ќе биде доживеано како чекор поблиску до откривање на сопствениот идентитет, односно на реалното ЈАС, реалното ТИ и за креирање реални очекувања од партнерскиот однос. Всушност, тоа е скала поблиску до тронот наречен „да се биде способен за љубов“ и „да се биде подготвен за неа“.

Текст: Т. Богунова

Фото: Guliver/Getty Images

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.