„Кога мислиш да се мажиш? Време ти е“: Прашања и осудувања со кои се соочуваат сингл поединците

Колумна

Сами против сите

Замислете си реалност во која сите луѓе имаат партнер. Венчалниот прстен е најважниот документ за лична идентификација, а сингл-поединците се отфрлени од општеството. Реалност во која без брачен другар не си достоен да постоиш како човек, бидејќи не можеш да придонесуваш за зголемувањето и развојот на заедницата. Осамениците живеат како отпадници на маргините, додека оние „спарените“ ги уживаат сите придобивки на еден нормален човечки живот.

Како на филм

Ако сте го гледале дистопискиот филм „Јастог“ (Lobster) на Јоргос Лантимос, позната ви е ваквата реалност. Па, дури и да не сте го гледале, а немате партнер веќе подолго време, можно е да се чувствувате како да живеете токму во таква реалност. Колку и да преувеличува Лантимос со сите негови фантастични елементи во филмот, не е далеку од вистината. Па, колку всушност се разликува реалноста во „Јастог“ од онаа нашата?

Колин Фарел во „Јастог“ глуми средовечен маж, кој сфаќа дека не е среќен во бракот и оди во хотел за сингл-луѓе за да ја пронајде својата сродна душа. Престојот во хотелот е условен од низа бизарни правила и вежби што мора да се почитуваат за да се зголемат можностите за пронаоѓање љубов. Оние што нема да успеат да го најдат својот идеален партнер, треба да одберат како кое животно сакаат да го поминат остатокот од животот и во истото тоа на крајот да бидат претворени.

 

А во реалноста…

Во нашата реалност можеби не постои таков хотел, но затоа тука се социјалните мрежи како главна платформа за наоѓање партнер. Сите што не можат сами да ја најдат својата сродна душа или се разочарани од досегашните врски, тргнуваат во хотелот наречен Фејсбук. Ја резервираме нашата хотелска соба во форма на фејсбук-профил и ги почитуваме правилата од типот редовно објавување селфиња за да бидеме забележани, лајкување фотографии на потенцијални партнери, учтиво враќање на пораки од заинтересирани додворувачи, сè со надеж дека тоа ќе нè доближи до љубовта од нашите соништа.

Актерката Рејчел Вајс, пак, е претставничка на групата осаменици што побегнале од хотелот, одбивајќи да бараат партнер, решени да го поминат животот сами. Поради оваа нивна одлука, тие се принудени да се кријат и да живеат во шума. Не смеат да се појават во општеството, бидејќи ќе бидат фатени и претворени во животни како казна за тоа што се сами.

Ќе претераме ако кажеме дека во реалноста сингл-поединците се протерани, но вистина е дека се изложени на многу притисоци. „А ти зошто немаш дечко?“, „Кога планираш да се мажиш? Време ти е“, „Не ти здодеа да излегуваш секој викенд? Зар не сакаш да се смириш и да си најдеш некој?“ – ова се прашањата со кои љубопитните мудреци ги напаѓаат. Точно е дека никој не ги претвора во животни, но секојдневно се соочуваат со туѓото површно мислење дека нешто не е во ред со нив, дека најверојатно имаат тежок карактер или се премногу пребирливи.

„Што не е во ред со мене“?

Иако нема ништо лошо во тоа да се биде сингл, дури е и корисно за личниот развој, ако оваа фаза трае подолго време, „загриженоста“ од страна на најблиските дека таа никогаш нема да заврши е неизбежна, а со текот на времето се префрла и на засегнатите поединци, па и тие самите почнуваат да се сомневаат дека нешто не е во ред со нив.

Сè е во ред. Љубовта се случува на најнеочекуваните места. Некогаш се појавува ненадејно и одеднаш, некогаш се развива постепено и полека. Некогаш тоа е човекот што отсекогаш сме го барале, некогаш е личноста со која не сме можеле ни да се замислиме. Сите правила паѓаат во вода кога е во прашање љубовта. Исто како што Рејчел Вајс и Колин Фарел во „Јастог“ решија да си ја пробаат среќата заедно како двојка откако се заколнаа дека никогаш нема да се врзат и засекогаш ќе водат осаменички живот. Нема причина за загриженост. Љубовта излегува на сцена тогаш кога публиката е подготвена за нејзиниот настап. Сè што ќе се појави порано е само загревање за она вистинското. А кога конечно ќе дојде време за главниот настап, уживањето е бескрајно.

Пишува: Марија Лукаревска

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.