Како да го привлечеме идеалниот партнер

За да бидете со партнер каков што сакате, прво вие треба да станете жена каква што сакате да бидете

Фото: Pixabay

Ако погледнеме околу себе, ќе видиме дека речиси и не постои човек што не се бори или што не се борел со стравот од вљубување, повредување, од неверство. Ги истраживме техниките на познатите стручњаци што ќе ви помогнат да се ослободите од овие погрешно научени шеми на однесување

ДА НАПРАВИМЕ КОМПРОМИС ИЛИ НЕ

Прво треба да разграничиме дали сме со некого од вистинските причини или поради страв од самотија. Некои жени по секоја цена настојуваат да го зачуваат бракот само за да не бидат разведени. Ако партнерот ве изневерил двапати, голема е веројатноста дека и третпат ќе го направи тоа. Меѓутоа, жените често грешат поради стравот од разделба, загуба, самотија и од она што ќе кажат другите, па тој страв го идентификуваат со „правилото“ дека треба да направат компромис – всушност се плашат да ризикуваат да им биде подобро. Голем број жени признаваат дека веднаш би го оставиле мажот кога би имале свој стан и поголема плата. Тоа е доказ дека во врската не ги држи љубовта, туку зависноста. А зад сето тоа се крие непочитување на самиот себе – тие личности сметаат дека треба да трпат во врската за да им опстане, но не е така.

ПРИВЛЕКУВАЊЕ НА СПРОТИВНОСТИТЕ Е МИТ

Сакале да признаеме или не, пет најблиски личности од нашето опкружување се наше огледало. Особено партнерот. Токму тоа е причината поради која сме го привлекле, односно тој нас. Сличноста е суштинска, но однесувањето што доведува до неа може да биде различно. На пример, сакаме иста работа како и партнерот, но понекогаш начинот на кој доаѓаме до неа не е ист. Токму затоа понекогаш не се согласуваме со партнерот или, пак, помислуваме дека не нè сака доволно, бидејќи љубовта не ја покажуваме на ист начин.

Можеби сакате вашиот партнер да ја искажува љубовта со прегратки, убави зборови или пораки, но тој го прави тоа со долги прошетки, подароци или други дреболии. И двете страни сакаат љубов, но патот до таа цел им е различен. Затоа е важно да дефинираме со партнерот на кој начин ќе ја изразуваме љубовта.

ТАКОВ СУМ КАКОВ ШТО СУМ – ПРИФАТИ МЕ ИЛИ ОСТАВИ МЕ

Тоа идеално може да се види на примерот на врска со оженет маж. Знаеме дека е зафатен, но се согласуваме на врска со него мислејќи дека, со текот на времето, ќе се разведе. Но мал е бројот на таквите примери. Зошто? Затоа што сме го прифатиле мажот таков каков што е. Неопходно е уште на почетокот да се постават правилата. Кога првпат партнерот ќе ни каже нешто непримерно, или ќе заборави нешто убаво, потребно е, на убав начин, да реагираме – ако молчиме и бегаме кога не ни ги исполнил очекувањата, ќе дојдеме до мигот кога бурно ќе реагираме на најмалата дреболија, а тоа мажот ќе го протолкува дека „наеднаш сме се смениле“. Токму од стравот дека би можеле да го загубиме, молчиме и толерираме некои работи, а поентата е да не ги туркаме проблемите под килим, затоа што кога-тогаш ќе испливаат на површина.

СТРАВ ОД ПОВРЕДУВАЊЕ

Пред да се впуштиме во нова врска, неопходно е да анализираме што довело до пропаст на претходната. Најчесто тоа се нешта што сме ги премолчиле или работи и ситуации поради кои сме се расправале бидејќи не сме умееле да комуницираме на вистинскиот начин. Затоа е важно во почетокот на врската да воспоставиме добра комуникација и навистина да го слушаме тоа што ни го зборува партнерот. Уште на првите состаноци разговарајте со него за тоа што очекува од животот, од вас, што би направил доколку утре одлучите да ја напуштите работата и да основате сопствен бизнис, дали би останал со вас доколку не можете да имате деца…

Важно е само да не го правите ова со размислување дека се подразбира дека ќе се ожени со вас, туку за да анализирате дали сте еден за друг или не сте. Ако забележите дека вашиот нов партнер ја зборува истата приказна како и вашите претходни, тогаш потребно е да направите нешто што не сте го направиле во претходните врски, бидејќи на тој начин ја менувате својата шема и се отворате за нови искуства. Поентата е одговорите да ги пронајдеме во себе и во своето однесување, затоа што секој партнер што ќе влезе во нашиот живот нè учи на нешто. Прашањето е само дали сакаме да учиме. Ако не сакаме, тогаш истиот тој, само во друг костум, нè чека зад аголот… или не нè чека, па и на тој начин учиме.

КАКО ДА ГО ЗАДРЖИШ ПАРТНЕРОТ

Кога ќе се средите себеси, ќе го дефинирате партнерот, а потоа и ќе го привлечете, важно е да знаете дека работата на себе, како и на вашиот однос, не завршува. Потребно е и понатаму активно да работите на своето тело, ум, исхрана, работа, комуникација во врската, навики, цели… Мојот сопруг и јас еднаш годишно правиме план со цели за идната година, а потоа се мотивираме еден со друг во текот на годината за да ги реализираме. Тоа може да биде мошне забавно, земаме боички и боиме, цртаме, пишуваме, лепиме сликички, си играме…

Освен тоа, имаме еден ден неделно само за себе – најчесто го поминуваме во природа за да се изолираме од светот и да ги наполниме батериите за претстојната работна недела. Но и на дневна база одделуваме час-два за конструктивен разговор за нашата врска, плановите, за животот. Суштината е во поддршката – и на дневна база и во долгорочни планови, и тоа за секого посебно, но и онаа заедничката.

Текст: Т. Богунова
Фото: Guliver/Getty Images, pixabay.com

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.