Како да го привлечеме идеалниот партнер

За да бидете со партнер каков што сакате, прво вие треба да станете жена каква што сакате да бидете

Фото: Pixabay

Ако погледнеме околу себе, ќе видиме дека речиси и не постои човек што не се бори или што не се борел со стравот од вљубување, повредување, од неверство. Ги истраживме техниките на познатите стручњаци што ќе ви помогнат да се ослободите од овие погрешно научени шеми на однесување

ПРВИ ЧЕКОРИ

За да привлечете маж каков што сакате, прво вие треба да станете жена каква што сакате да бидете. Првиот чекор е сфаќањето дека мажот не може да влијае врз нашата среќа, сами треба да се потрудиме да бидеме среќни. Ако сте незадоволни на повеќе полиња, треба чекор по чекор да го средувате секој дел од животот. Прв дел на кој треба да поработите е здравјето.

Јас имав проблеми со штитната жлезда, со покачен шеќер во крвта, со хормоните, а тоа се одразуваше врз мојата линија, па затоа прво воведов физичка активност во мојот живот – утринско вежбање, кое и денес го практикувам. Потоа го сменив и начинот на исхрана, станав вегетаријанец, а набрзо и веган.
Ова не е совет за сите – да го сменат начинот на исхрана – но мене ми помогна да се чувствувам подобро во сопствената кожа.

Потоа преминав на средување на мојот деловен статус. И покрај тоа што се занимавав со она што го сакав, работев од утро до мрак, па за да го сменам тоа, поставив поинакви правила и начини на комуникација. И трето, но некако и најважно, работев на градењето на мојата самодоверба. Дури кога станав сигурна дека целосно владеам со сопствениот живот, се појави и партнерот. Затоа е неопходно да ги запишете своите цели и точно во кои полиња сакате да бидете подобри, а потоа да преземете конкретни чекори за нивно реализирање.

ФАМАТА НАРЕЧЕНА ВИСОКИ КРИТЕРИУМИ

Многу е важно ние да ги поставуваме сопствените критериуми, а не само да преземаме туѓи – тогаш се појавуваат проблеми затоа што низ туѓа призма го оценуваме идниот партнер. На многу жени не им значи титулата на идниот сопруг, туку од него да добиваат повеќе нежност. Поентата е секој од нас за себе да дефинира што му значат одредени критериуми. На пример, ваш критериум е партнерот да биде паметен – прашајте се што значи за вас „да биде паметен“.

Дали треба да работи паметно и да заработува многу пари или да се занимава со она што го сака и паметно да располага со она што го заработува? Дали вам ви е прифатлива работата со која се занимава? Начинот на кој живее? Дали е нормално секој ден да пие пиво со друштвото? Дали внимава на своето здравје? Дали се храни здраво или живее на брза храна? Дали има навики што зборуваат дека размислува здраво, односно – дали ќе разговара со вас доколку има проблем или ќе молчи и ќе го потиснува во себе?

Тоа се важни животни прашања, а ние лесно ги сведуваме на критериуми, воопшто и не знаејќи што всушност значат. Почнете од тоа што ќе одредите што ви значат вам – среќата, слободата, љубовта, креативноста, работата, финансиите, здравјето…

„СКРОЈТЕ“ ГО МАЖОТ НА СВОЈОТ ЖИВОТ

За да го привлечеме идеалниот партнер е потребно да напишеме минимум 10 ставки, односно особини што сакаме да ги поседува, и да опишеме како конкретно ги гледаме тие критериуми. Критериумите како убав, паметен и духовит се премногу општи и не значат исто за секого од нас, затоа е неопходно да ги конкретизираме. На пример, опишете како изгледа еден ваш ден, што правите кога ќе се разбудите, како функционирате на состанок, прошетка, во сексот, што јадете за време на оброкот, како располагате со финансиите, одите ли во природа, како ги воспитувате децата, дали воопшто сакате деца, како се однесувате на патување…

Едноставно, запишете ги сите тие важни работи за кои луѓето обично не размислуваат кога почнуваат врска, а кои подоцна стануваат клучни за раскинувањето. На овој начин ќе ги нагодите филтрите што ќе ви помогнат да забележите дали мажот го поседува тоа што го сакате. Кога ќе го препознаете, ќе можете да му дозволите да влезе во вашиот живот. Во спротивно, може да се случи вистинскиот да е покрај вас, а вие да не го забележувате.

ИЛУЗИЈА НА ИДЕАЛНИОТ ПАРТНЕР

Не постои совршенство. Колку порано го прифатите тоа, толку побрзо ќе го пронајдете вистинскиот маж за вас. Всушност, што значи совршенството? Поентата е да пронајдеме личност што тежнее кон истите нешта како и ние, која сака да работи на себе, бидејќи ако го пронајдете совршениот – што ќе правите со него? Љубовта се состои од тоа да постигнувате заеднички победи. На пример, ве нервира што ги остава влечките среде соба?

Разговарајте со него за тоа и во оној момент кога тој ќе почне да ги собира влечките заради љубовта спрема вас – сте постигнале заедничка победа. Или ако вие или тој имате одредени стравови, но и покрај нив настојувате да се поддржувате еден со друг во нивно надминување, тогаш сте во вистинска врска. На тој начин растете и љубовта зајакнува. Цел живот нè учат да бидеме добри, а поентата е во тоа да научиме што е да сме добро.

Ако сме добро, тогаш ќе бидеме добри и за другите. Тоа значи да работиме на себе секој ден да ни биде исполнет, да ја сакаме работата со која се занимаваме, да го сакаме своето тело, да внимаваме на исхраната, да имаме прекрасни пријатели, да ги одржуваме контактите. Само тогаш ќе бидеме добро, а со тоа ќе бидеме добри и за партнерот.

Текстот продолжува на следната страница…

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.