Адвокатка за разводи открила како знае кога бракот е пред пукање
Искусната адвокатка за развода, Шила Макинтош Стјуарт, која исто така работи и како едукаторка за односи и разводи, открива дека била сведок на многу скарани двојки.
Таа тврди дека постојат неколку клучни показатели дека бракот не може да биде спасен, вклучувајќи и две реченици кои сигнализираат дека крајот се ближи.
Таа открила:
„Секогаш можам да препознам, во рок од неколку минути, кој брак може да се спаси, а кој оди кон развод.“
Таа објаснила дека најчесто ја започнува консултацијата со прашањето што сакаат сопружниците да постигнат за време на сесијата, а нивните одговори ѝ откриваат сè.
Шила посочила:
„Ако одговорот на едниот партнер е ‘Не гледам иднина’ или ‘Сакам да си одам и да направам план за селење’, тогаш колку и да сака другата личност да го зачува бракот, нему му дошол крајот.“
Уште еден клучен показател дека односот е осуден на пропаст е кога сопружниците имаат проблем да се пофалат меѓусебно.
Напоменала дека важен знак на предупредување е кога луѓето, наместо да го наведат она што моментално го ценат кај партнерот, го наведуваат она што го ценеле порано.
Шила тврди дека веднаш може да процени кога партнерите не се чувствуваат задоволно или среќно во меѓусебно присуство.
„Тоа се гледа во тонот на гласот, контактот со очите и говорот на телото“, објаснила таа.
Еден од тие сигнали е сарказмот: превртување со очите, навредување или претерано критикување, дури и кога тоа се претставува како шега.
Таа предупредува:
„Во мозокот на партнерот кој е суров тоа значи дека рамката на разговорот преминала од ‘ние имаме проблем’ на ‘ти си проблемот’. Од тој момент, токсичната огорченост може само да се насобира.“
Ситничавото пребројување, исто така, е црвено знаменце. Ако некој води евиденција за тоа колку пати партнерот го фрлил ѓубрето, на пример, тоа е знак дека односот станал ужасно токсичен.
Дури и без да изговорат ниту еден збор, двојките несвесно можат да ја откријат состојбата на својата врска.
Шила открила дека пред почетокот на сесијата поставува две столчиња близу едно до друго и ја поканува скараната двојка да седне.
Нивниот говор на тело открива многу:
„Ако едниот или двајцата изгледаат како да им е непријатно или несвесно се обидуваат да го потргнат столчето, макар и за неколку сантиметри, знам за што станува збор.“