И црквата и јавноста ги нарекувале грешници: „Сакав да имам негови деца, никогаш повеќе нема да сакам друг маж!“

Љубовната приказна на Софија Лорен и Карло Понти

Софија Лорен, убавицата чие име е синоним за елеганција, стил, убавина и женственост, добила своја кочија и во неа 22 години постар принц – Карло Понти

Како се запознале

Карло првпат ја здогледал својата идна невеста во 1950 година додека бил судија на италијанскиот избор Miss Eleganza. Иако тој тогаш бил оженет и имал 37, а таа само 15 години, сепак тоа било љубов на прв поглед.

На овој филмски продуцент, кој потпишувал филмови како што е „Доктор Живаго“, му се припишува почетокот на кариерата на Софија. Имено, благодарение на него, таа почнала да учи англиски јазик и да се занимава со глума. Исто така, тој ја убедил да си го смени името Софија Шикалоне и ѝ обезбедил низа филмски улоги.

Првата венчавка

Седум години подоцна, на 17 септември 1957 година, двојката ја официјализирала својата љубов. Веќе разделен од својата прва сопруга Џулијана, со која имал син, познатиот филмски продуцент поднел барање за развод во Мексико и набрзо потоа се оженил со Софија. Младенците направиле прослава дома.

Наредниот месец, католичката црква го обвинила Карло за бигамија и излегло дека бракот со Софија нема да му биде признаен. По многу години влечење по судови, обвинувањето било повлечено. Двојката немала друг избор освен да го анулира бракот, што и го направила во 1962 година.

Кога се присетила на нивниот прв обид за брак, Софија во една пригода рекла:

„Ми се закануваа со екскомуникација, со пекол, а зошто? Се вљубив во човек чиј брак беше завршен многу порано. Сакав да му бидам жена и да имам негови деца. Направивме сè што беше во наша моќ за да бидеме и официјално признаена двојка, меѓутоа јавноста нè нарекуваше грешници и блудници. Наместо да бидеме среќни за време на медениот месец, се сеќавам дека плачев со часови.“

 

Втората венчавка

Откако конечно постигнале договор со Џулијана, разочарани од Италија, двојката се преселила во Франција и добила нивно државјанство, што му дозволило на Карло правно да бара развод и повторно да се ожени. Истата година, на 9 април, прекрасната Софија и нејзиниот повеќегодишен избраник конечно се венчале во париската општина.

Периодот потоа

И покрај огромната разлика од 22 години, нивната љубов му одолеала на забот на времето. Двојката добила две деца, синовите Карло Јуниор и Едуардо. Останале во брак повеќе од 50 години, сè до смртта на Понти, на 10 јануари во 2007 година.

Две години по смртта на сопругот, кога ја прашале дали планира повторно да се омажи, таа одговорила:

„Не, никогаш повеќе, би било невозможно да сакам некој друг.“

Како Карло Понти направил ѕвезда од „селанка“: Побарал од Софија Лорен да ослаби и да се однесува поинаку, но таа го одбила!
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.