Дознаваме: Дали секој од нас е способен да се вљуби?

Мислење на експерт

Дали ви е познато чувството на треперење во желудникот, потење на дланките, кога постојано се смешкате и посакувате да го видите него? Сепак, постојат луѓе на кои воопшто не им е познато или кои го доживеале само еднаш и никогаш повеќе… Исто како и љубовта, заљубеноста е комплексен феномен, а во расветлување на специфичните случаи ни помогна психотерапевтката Гордана Никиќ

Дали секој од нас е способен да се вљуби е клучно прашање во доменот на партнерските односи. Од психотерапевтката Гордана Никиќ дознаваме дека некои нејзини колеги сметаат дека тоа е во нашата природа, додека, пак, други велат дека станува збор за културолошки феномен. Како доказ за тоа го наведуваат фактот дека во одредени култури дури и не постои поимот вљубеност.

Вљубеноста е тесно поврзана со она што е недопирливо и ирационално“, вели психотерапевтката. Вистина е дека вљубеноста нема голема врска со реалноста, односно лицето што е вљубено не го познава добро избраниот. Разликата меѓу љубовта и вљубеноста најдобро ја опишал Стернберг, кој вели дека  вљубеноста е љубов на прв поглед или љубов што преминува во опседнатост со партнерот, кој се сака како идеализиран објект, а не како реална личност. Привлечноста може да се случи речиси моментално, но исто така и да се распрсне во одредени услови.“ Од друга страна, љубовта е примарна човекова потреба.

Се раѓаме со предиспозиција да се врзуваме – прво за родителите, а во зависност од квалитетот на негата на емоциите во најраната возраст зависи колкав ќе биде нашиот капацитет подоцна да сакаме некој друг. Истражувањата покажуваат дека луѓето што имале добра емотивна база, подоцна поедноставно даваат и примаат љубов. Обично се приемливи и во сексуалноста, поотворени, а и похрабри да излезат од врската што е токсична, да го преболат саканиот и да се впуштат во градење нова врска. Но постои категорија и на емотивно несигурни, кои се делат на два типа. Едните се емоционално избегнувачки или отфрлачки типови. Ги нарекувам ‘изолатори’, бидејќи се изолираат од емоции. Ним им е намален капацитетот за емотивна отвореност, избегнуваат да се зближуваат затоа што во раното детство доживеале своевидно емоционално отфрлање. Втората категорија се анксиозно-амбивалентни луѓе, кои растеле покрај мајка преокупирана сама со себе. Тие подоцна немаат самодоверба, па затоа постојано го освојуваат партнерот. Всушност, партнерот е предмет на недоживеаната љубов од детството.“

Случај 1: Што ако никогаш не се вљубам?

„Имам 35 години и никогаш не сум била вљубена. Околу мене секогаш се моткаа момчиња, но ги избирав партнерите според принципот ’сега би можела некому да му дадам шанса, малку да се забавувам и јас’. Се разбира, тој некој мораше да ми биде интересен и привлечен.

Имав неколку врски пред бракот, но на секоја ѝ недостигаше искрата што се претвора во пламен, ми недостигаше чувството кога не можете да дочекате да го видите и да го прегрнете саканиот. Знам дека љубовта е таква, затоа што таквите симптоми ги забележував кај моите другарки, кои главно ги губеа главите по момчиња што не умееја да ги ценат. Се омажив на 26 години, а се одлучив на тој чекор поради желбата да основам семејство. Некако ми беше логично – завршив факултет, имав среќа брзо и лесно да најдам работа, па на ред беше и бракот. Сопругот го избрав врз основа на истиот принцип како и претходните момчиња. Интересен и упорен. На крајот го засакав. Сепак, тоа беше љубов што се темелеше на длабока почит и очигледно ни недостигаше уште нешто за да ни успее бракот. По осум години, ме остави. Едноставно, најде друга жена. Чесно. Го разбирам, иако страдам и ми недостига. Ми недостигаат нашето заедничко утринско кафе, коментирањето нови книги и филмови, заедничките галења со децата, она кога ќе ме фатеше за рака и ќе ми кажеше дека сè е океј, и покрај тоа што не беше. Знам дека сум оставена поради тоа што во бракот влегов без страст, без пеперутки во стомакот. Се прашувам понекогаш дали секој мој однос до крајот на животот ќе биде студен…“

РЕШЕНИЕ

„Можно е да постојат луѓе што никогаш не се вљубуваат. Причина за тоа би можел да биде постуден однос на родителите во раното детство, но и филозофскиот систем што го застапува единката. Ако се формира во семејство со прагматичен став кон љубовта, тогаш и самата ќе биде таква. Исто така, влијае и културолошкиот модел. Во минатото жените се мажеле исклучиво по договор. Концептот на брак од љубов во Европа функционира во последните 150 години, а на Исток и понатаму е реткост. Нивната култура е таква што жените својот маж го доживуваат судбински. Значи, љубовта не почнува секогаш со заљубување, најчесто и не е така. Голем број љубови се родиле од пријателства. Дури и се препорачува добро да го запознаете партнерот пред да стапите во брак, па кога ќе се отворите кон него емотивно и еротски – овој момент е многу важен, влегувате на познат и близок терен.

Земајќи предвид дека луѓето различно гледаат на љубовта, многу е важно уште во почетокот да го прашаме партнерот каква е неговата филозофија. Ако му е важно со некого да има добра интелектуална комуникација или да биде со лице што е материјално добро ситуирано или бара блискост и внимание, тогаш тоа треба и да се почитува. Колку што има луѓе, толку има и филозофии. Романтичниот концепт не е единствениот што постои. Вљубеноста трае на почетокот од врската, а потоа преминува во позрел однос, со поголемо разбирање и со чувство на припадност. Тоа е љубов што ни дава ветер во грбот. Тоа е она кога очекуваме некој да биде тука, да се грижи за нас, да ни свари кафе кога ни е тешко, некој пред кого можеме да бидеме отворени. Тоа се развива и не може да се очекува во почетокот. Но може да се случи и без пеперутки во стомакот. Со тоа што е важно да биде своевиден страстен пријателски однос, кој со текот на времето ќе се развие во привлечност. Ако најдат добар и стабилен партнери, кој им дава љубов и поддршка, рационалните луѓе можат да се сменат со текот на времето, особено кога ќе дојдат децата.“

Случај 2: Што ако никогаш повеќе не се вљубам?

„Подолго време немам почувствувано пеперутки во стомакот, ниту, пак, насмевка што не се симнува од лицето од утро до вечер. И токму тоа ми недостига. Имам 40 години, а поминаа седум откако тој замина во странство, а јас не тргнав со него, иако сакав. Не сакав да го сменам животот од корен и да заминам на друг крај од светот, во неизвесност, бидејќи тука имав сè што ми треба. Но го разбирав и него. Сакаше повеќе, а јас во тој миг не бев подготвена да застанам покрај него. Одлучивме дека е најдобро да се разделиме. Животот ми помина во преиспитување дали ја донесов вистинската одлука. Но се наметнува прашањето дали воопшто беше вистинска љубов кога ниеден од нас не беше подготвен за компромис. Додека го пишувам ова, веќе не страдам по него, го преболев, но целово време ниту еднаш не почувствував вљубеност. Она кога си истовремено и возбуден и смирен, бидејќи конечно тој е тука, покрај тебе. Ниту еден маж нема направено да почувствувам пеперутки во стомакот, ниту еден не умееше да ме насмее како него, ниту еден не ме заинтригира доволно да се будам размислувајќи за него. И како на другите им успева да се вљубат повеќепати во текот на животот, но онака вистински, од дното на срцето и душата? Дали навистина веќе никогаш нема да го доживеам тоа чувство?“

РЕШЕНИЕ

„Кога треба да се отвориме во новата врска, често имаме разни блокади. Затоа што отворањето кон партнерот е нешто најинтимно, најделикатно. Тогаш сме најранливи. Да се делиш себеси со некого е највредно. Затоа по разочарување или негативно чувство, луѓето се затвораат. А кога некое време живеат така, тогаш им е потешко да се отворат. Не е доволно само интелектуално отворање, да кажеме каков партнер сакаме. Тоа е само прв чекор. Мора многу да работиме на себеси, да се соочиме со своите стравови, да видиме што нè повредило, да го прифатиме тоа, да го одболуваме, емотивно и еротски повторно да се отвориме. Не може да очекуваме дека некој едноставно ќе се појави и ќе ги отклучи нашите емотивни катанци. Важно е да станеме свесни што е тоа што нè измачува – дали е социјална срамежливост, дали недостиг од самодоверба кога станува збор за изгледот, дали некој нè малтретирал или злоупотребувал во животот…

Значи, многу е важно да ги препознаеме блокаторите. Она што можеме да го направиме за себе е да се изложиме на непријатности, односно секогаш кога ќе се најдеме во друштво со некој што ни се допаѓа, да се впуштиме во разговор со него, да бидеме послободни, но и подготвени за евентуален неуспех. Новото време подразбира работа на себеси, активност, асертивност. Ако не можеме да се извлечеме сами, тогаш треба да поразговараме со некој што е стручен, да видиме со што се блокираме себеси. Треба да бидеме похрабри. Знам дека не е лесно тоа, стравот од отфрлање е еден од најголемите човечки стравови, но мислам дека е погрешно врежаното сфаќање во нашата култура својата вредност да ја врзуваме за тоа како нè гледа некој друг. Оптоварени сме со тоа дали потенцијалниот партнер нè гледа добро, па затоа се блокираме. Но можеме и да си кажеме ‘па добро, јас го избрав, но тоа не значи дека не заслужувам да сакам и да најдам некој со кого ќе доживеам љубов’.“

Случај 3: Што ако се вљубам повторно?

„Имам 42 години и во брак сум десет години со човек што го сакам и го почитувам, пред кого се чувствувам убаво и задоволно, со кого имам прекрасна 4-годишна ќеркичка. Нашата љубов почна бурно. Кога ќе се појавеше, се поместуваше земјата под моите нозе, бев затрескана како никогаш претходно – воодушевена што конечно го најдов мажот од моите сништа. Пријателите нè нарекуваа неразделни, а потоа ја добивме и ќеркичката и нашата среќа се дуплира. Но вљубеноста и страста не траеја долго. Сакам повторно да затреперам пред нечиј поглед, да ми се затресат колената, да ми проработат сите сетила, да не ми се симнува насмевката од лицето. Околу мене секогаш имало мажи – оние што само ме гледаат и се плашат да ми пријдат, но и храбри. Меѓу нив имаше и многу што ми го одземаа здивот… Во последно време ептен ми треба едно вистинско вљубување, малку да ми го замати секојдневјето. Но, од друга страна, ме плаши помислата дека тоа вљубување би можело да ми се случи. Бидејќи што ако таа приказна го урне сето ова што го градев со години, што ако остави зад себе само пустош и многу повредени души? Што ако ја загубам главата и посакам да оставам сè?“

РЕШЕНИЕ

„Работејќи со луѓе, сфатив дека најчесто имаат копнеж за себеси, поретко за некој друг. Кога се во брак подолго време, нормално е искрата што ја имале во почетокот, кога се чувствувале привлечно, сексапилно и посакувано, да згасне, а тие да ја посакуваат повторно. Сексуалноста и сексуалното задоволство внесуваат комплексна димензија во партнерскиот однос. Од една страна, умееме да сакаме, но кога ќе им се препуштиме на љубовта, бракот и на децата, копнежот слабее. Го сакаме оној со кого се сплотуваме, а копнееме по некој што е таму некаде. Ако ги прашате луѓето кога најмногу го посакувале својот партнер, ќе ви одговорат: кога им се допаѓа на другите, кога е во свој елемент, кога е важен, кога сите погледи се вперени во него… Начинот за одржување на искрата во бракот е мошне сложен и е голема умешност. Ако ја зачуваме, има шанси да го зачуваме и бракот.

Е сега, ако искрата слабее и посакаме повторно да се вљубиме? Кога сме мали, чувствуваме приврзаност, топлина и грижа во мајчината прегратка, но во моментот кога ќе застанеме на свои нозе, имаме желба да се одвоиме. Мајката е тука, но детето сака да истражува, да го запознае светот, да си игра самостојно. Таа потреба да бидеме приврзани и одвоени е здраво одвојување. Така е и во бракот. На партнерот си му интересен кога се сакаш себеси и кога напредуваш. Копнежот за вљубување додека сме во брак е всушност копнеж по она што сме биле порано, а веќе не сме. Очекуваме дека некој од страна ќе нè придвижи. Тоа колку сме мудри да се загледаме во себе може да ни помогне да се поставиме паметно во љубовта и да го избереме она што е добро за нас во критичен миг. Овие личности прво би требало да почнат да работат на себе, да видат дали се незадоволни од нешто конкретно, дали постојат нерешени судири, да согледаат што правеле порано, а престанале да го прават во бракот, да си се вратат себеси и, што е најважно, да бидат искрени со себе. А во тоа може да го вклучат и партнерот. Ако во почетокот на односот имало искри, жарот секогаш може повторно да се разгори!“

Разговарала: Маја Шариќ

Фото: Thinkstock

Прочитајте и

Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Сакаш посебен третман?
Зачлени се во елитниот клуб. Регистрирај ја својата е-адреса и добивај специјални понуди и вести
Одјава е можна во секое време