МАРИС ЏОЛИН: „Ја сакам мојата висина, а уште повеќе ги сакам мојата посветеност и дисциплина!“

Марис ни откри што сака и што не сака кај себе

Девојката што ѝ го привлече вниманието на јавноста со бујната кадрава коса денес остава впечаток со креативните содржини на социјалните мрежи и автентичниот животен стил

Во морето инфлуенсери, кои претежно создаваат лажна слика за себе на социјалните мрежи, Марис Џолин ги освои следбениците со својата природна харизма и отвореност. Таа не крие кога не тргнало сè по планот и нејзините содржини се издвојуваат со својата креативност и доза на хумор. Моментално живее во Стокхолм, Шведска, но често се враќа дома, каде што и понатаму ги одржува успешните соработки со бројни наши брендови. Според начинот на кој ги води социјалните мрежи и стилот што го негува, естетиката несомнено е важен дел од нејзиното секојдневје, па нè интересираше кои се нејзините навики за нега, убавина и здравје.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Marija Iliev (@marysejolene)

Како се има менувано твојата перцепција за убавината низ годините?

Денес, за мене убавината значи здравје. Повеќе ценам кога некој изгледа фит и силно, отколку „слабо“ или просечно добро. Особено ја ценам мускулната маса, бидејќи знам колкав труд е потребен за да се изгради, но и да се одржува. Здрава кожа и коса, тонирано вито тело и регулиран нервен систем (што јас сè уште го немам, хаха) – тоа е таа енергија што зрачи однатре и се гледа однадвор.

Живееш во Стокхолм. Каква е скандинавската улична мода?

Многу минималистичка! Доминираат земјени тонови, неутрални бои, а црната дефинитивно е најзастапена! И покрај тоа, луѓето секогаш изгледаат средено, со стил. Се обрнува многу внимание на квалитетот на парчињата и кројот, како и на деталите. Ми се допаѓа таа елегантна едноставност, единствено што црната не е баш дел од мојата естетика. На почетокот носев многу поразиграни и шарени комбинации и луѓето буквално се вртеа по мене, што беше интересно. Скандинавците можеби не се облекуваат така, но ценат кога ќе видат нешто поуникатно. Мислам дека во иднина ќе ја задржам мојата шареност, но во порафинирана, „скандинавска“ форма.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Marija Iliev (@marysejolene)

Многу често патуваш. Што содржи твоето куферче за козметика и шминка?

Секогаш носам крем во мини-пакување, најчесто ноќен. Кога сум во Македонија, деновите ми се динамични – снимам, имам состаноци, па негата ја сведувам на „вечерна“, кога конечно имам време за себе. Покрај тоа, секогаш имам парфем и основни работи за хигиена. Можеби звучи смешно, но обожавам добра четка за заби и интересна паста. Имам некоја опсесија со убави заби и тоа е нешто што не можам да си го објаснам… ха ха.

Долго време беше препознатлива по ситните кадрици, но сега негуваш поинаков изглед на косата…

И денес знам да ја носам со кадрици, но се согласувам дека тоа е поретко. Мојот сопруг повеќе сака девојки со права коса, можеби тоа ми влијае потсвесно… ха ха. Генерално, мислам дека косата има огромно влијание врз изгледот. Сум забележала дека кога ќе излезам од фризер, дури и без шминка изгледам средено и добивам комплименти. Тоа само покажува колку е важна негата на косата.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Marija Iliev (@marysejolene)

Како го негуваш менталното здравје?

Читањето ме смирува, ми го намалува стресот и ми помага да заспијам. И разговорите со блиски луѓе многу ми помагаат. Понекогаш пријателите се најдобрите терапевти.

Си имала ли период во животот кога си била несигурна во себе?

Секако, тоа е нормален дел од растењето. Интересно е што колку повеќе стареам, толку поголема самодоверба имам. Кога си помлад, многу повеќе се грижиш што мислат другите и се обидуваш да им угодиш. Со текот на времето подобро се запознаваш себеси. Последно, кога се преселив во Шведска имав таков непредвидлив период. Се прашував дали сум ја донела вистинската одлука, затоа што веќе имав изградено публика, мрежа, живот што го сакам, а сега одеднаш сè е неизвесно. Тоа беше баш возбудливо, но и голем предизвик.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Marija Iliev (@marysejolene)

Што сакаш, а што не сакаш кај себе? Постои ли нешто што би го променила?

Ја сакам мојата висина, но уште повеќе ја сакам мојата посветеност. Кога нешто ме интересира, целосно сум фокусирана – можам со денови да истражувам и да работам без да спијам. Исто, си ја сакам дисциплината што ја имам за да изгледам добро, особено кога станува збор за физичката форма. Понекогаш сум премногу строга кон себе. На пример, тренирам и кога сум преморена или ненаспана, само затоа што чувствувам дека „морам“. Се учам да наоѓам баланс.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: Мартин Трајановски, Инстаграм

Прочитајте и

Убавина и Здравје користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Ќе претпоставиме дека сте во ред со ова, но можете да се откажете ако сакате. Прифати Дознај повеќе