Тајните на убавината на Миа Араби: „Кога внатрешниот свет е во хармонија, кожата природно заблескува“

Миа Араби ни откри што сака и што не сака кај себе

Мејкап-артистките важат за дами кои секогаш изгледаат средено, модерно и, секако, беспрекорно нашминкано. Од ова правило не отстапува ни Миа Араби, но верувале или не, таа попрво би се појавила на настан без грам шминка отколку во лош стајлинг – еве зошто!

Голем број девојки и жени секојдневно ѝ го доверуваат изгледот за посебните мигови во својот живот, а таа се погрижува тие да заблескаат со полн сјај. Миа Араби е веќе докажано име во светот на убавината, препознатлива по своето беспрекорно чувство за естетика и стил. Но за неа естетиката не се сведува само на визуелниот впечаток:

„Да изгледам средено значи да бидам во хармонија со себе, што за мене никогаш не претставувало обврска, туку начин на живот. Никогаш за другите, туку лично за мене“, ни посочи нашата соговорничка и ни ги откри тајните на нејзината убавина.

Шминката служи за да истакне нечија природна убавина и да ги сокрие недостатоците. Но може ли да има и спротивен ефект?

Шминката ја губи својата смисла во моментот кога станува маска, наместо алатка за суптилно изразување. Спротивниот ефект се случува кога се заборава контекстот, кога ќе се претера, кога не е во хармонија со целосниот изглед и тогаш, сè доаѓа премногу. Претерана или неавтентична шминка, може да ја „замагли” личноста. Понекогаш најсилната порака е токму во минимализмот. Шминката треба да зборува за вас, а не да ве засени.

Што би си дозволила попрво: да се појавиш на настан без грам шминка или да се појавиш во комплетно погрешна модна комбинација?

Без двоумење – без шминка. Зошто? Облеката, според мене, ја носи енергијата на првиот впечаток, додека шминката е нејзин сојузник. Добро избран стајлинг зборува за вкус, интелигенција и самодоверба. Верувам дека жената која знае што носи и зошто го носи, може да си дозволи и целосна природност на лицето.

Кои се твоите правила за нега и убавина од кои никогаш не отстапуваш?

Негата за мене е форма на самопочит. Конзистентното чистење, хидратацијата и заштитата од сонце се основата од која не отстапувам, без разлика на динамиката на денот. Негата не е само во ритуалот на лицето – начинот на кој се храниме, спиеме, се грижиме за својот ум и тело – сето тоа се чита на нашата кожа. Кога внатрешниот свет е во хармонија, кожата природно заблескува, а правилната шминка е тука само за да ја нагласи нашата вистинска убавина.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Mia Arabi (@mia.arabi)

Како би го опишала твојот стил на облекување?

Мојот стил никогаш не бил обид да се вклопам, туку јасна одлука да се издвојам без да барам дозвола. Ако по нешто сум препознатлива, тоа е автентичноста. Сакам чисти линии, квалитетни материјали и детали што зборуваат гласно. За мене облеката е еден од најискрените облици на самоизразување. Стилот е начинот на кој се претставувам пред светот уште пред да прозборам, просторот каде што мојата енергија станува видлива. Токму таму е магијата: кога облеката не те носи тебе, туку ти ја носиш неа, со јасна свест за тоа кој си и зошто си тука.

Што сакаш, а што не сакаш кај себе?

Ги сакам своите силни страни, но научив и да ги прифаќам моите слабости. Се сакам себеси и тоа е мојата најсилна страна. Недостатоците треба да ги гледаме како дел од нашата посебност. Ако нешто би променила, тоа би било да бидам понежна кон себе и помалку самокритична.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Mia Arabi (@mia.arabi)

Си имала ли периоди во животот кога си се чувствувала несигурно во себе? Кои се твоите совети за поголема самодоверба?

Несигурноста не ја гледам како слабост. Секој момент на сомнеж ме научил нешто важно за себе. Самодовербата се гради од лекциите кои ги учиме низ секојдневните искуства. Таа не произлегува од совршениот изглед, туку од прифаќањето и работата на себе. Мој совет за секого е да инвестира во себе – емоционално, интелектуално и духовно. Самодовербата се чувствува кога силно ќе се засакаш себеси со сите свои мани и доблести и кога ќе осознаеш кој си навистина.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

Прочитајте и

Убавина и Здравје користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Ќе претпоставиме дека сте во ред со ова, но можете да се откажете ако сакате. Прифати Дознај повеќе