Тајните на убавината на Магнолија Гламур: „Кога кожата е негувана, лицето зрачи со свежина и хармонија“

Што (не) сакам кај себе

Таа е еден од нашите најпознати козметолози и лиценцирани дијагностичари на кожа, а советите за нега што секојдневно ги споделува на инстаграм-профилот @magnolia.glamour се бесценети за нејзините следбеници. Природно, нè интересираше како изгледа нејзината рутина за убавина…

Без разлика дали имате проблем со проширени пори, акни, иритации или не знаете која рутина за нега на кожата да ја одберете, сите одговори сигурно ќе ги најдете на инстаграм-профилот на Лепосава Анѓеловски. Нејзината мисија е да ја покрене свеста за важноста на правилното негување на кожата на лицето, телото и скалпот и досега им има помогнато на стотици луѓе со проблематична кожа. „Магнолиа Гламур“, како што гласи нејзиното инстаграмџиско име, е број еден за персонализирани рутини, па сакавме да дознаеме како таа ја негува својата убавина – и однадвор и однатре.

Кои се твоите правила за нега од кои никогаш не отстапуваш?

Колку и да сум уморна, никогаш не одам на спиење без вечерна рутина. За мене тоа е како ритуал за смирување по целиот ден – двојно чистење, хидратантен тоник, активен серум и хранлив крем. Навиката да ја исчистиш кожата темелно навечер, колку и да е едноставна, е клучна за здрав изглед. Секој кој еднаш ќе ја почувствува разликата по двојното чистење – никогаш веќе не се враќа назад.

Која е најголемата заблуда за негата на кожата што владее кај девојките? И која е најголемата грешка што ја прават?

Мислам дека најголемата заблуда е дека „повеќе е подобро“. Девојките често комбинираат премногу производи, без да знаат што точно прави секој од нив. Слоеви киселини, ретиноли, витамин Ц – сè во исто време. А кожата тогаш само вели: „Смири се“. Оттука произлегува и најголемата грешка: недоследност и нетрпеливост. Сакаме резултат веднаш, па менуваме рутина на секои три дена. Но убавата кожа не е резултат на нов производ, туку на континуитет, умереност и познавање на сопствените потреби.

Колку убавината на жената зависи од негуваната кожа? Може ли едно без друго?

Убавината не е филтер, ниту совршен тен – туку впечаток. Таа е самодоверба и природна енергија што се чувствува, не се гледа. Кога кожата е негувана, лицето зрачи со свежина и хармонија. Може да немаш ни грам шминка, а пак да изгледаш прекрасно – затоа што вистинската убавина е состојба на духот, не на кожата. Затоа верувам дека убавината може без многу нешта – но никогаш без грижа и љубов кон себе.

Знаеме дека состојбата на организмот се одразува и на надворешниот изглед. Кои навики ги практикуваш секојдневно за целосно здравје на телото, психата и духот?

Се трудам да пијам доволно вода, да се хранам урамнотежено и да се движам – дури и кратка прошетка ми ја полни енергијата. Психичкиот мир ми е приоритет: понекогаш тоа е поминато време со моите деца, а понекогаш разговор со најблиските. И, да – спиењето е најпотценетиот третман за убавина… а јас тоа најдобро го знам како мајка на 18-месечно бебе.

Си имала ли периоди во животот кога си се чувствувала несигурно во себе?

Секако дека сум имала – сите имаме. Кај мене тоа обично било во моменти кога сум се споредувала со други. Социјалните мрежи знаат да создадат илузија дека сите живеат совршено, а ти стоиш „во место“. Со текот на времето научив да се гледам себеси со повеќе љубов. Денес се потсетувам дека мојот пат е мој и дека не мора да биде како ничиј друг.

Што сакаш, а што не сакаш кај себе? Постои ли нешто што би го променила?

Физички – можеби би сакала да спијам повеќе. Карактерно – понекогаш сум премногу самокритична, а знам и да се ставам во втор план. Тоа ми е и сила и слабост истовремено. Најмногу сакам што сум одговорна, искрена и упорна – додека не завршам нешто, не сум мирна. И без оглед на сè, никогаш не се плашам да почнам од почеток.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

Прочитајте и

Убавина и Здравје користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Ќе претпоставиме дека сте во ред со ова, но можете да се откажете ако сакате. Прифати Дознај повеќе