Бубе Јаневска: „Секој има право на свој избор, на своја среќа“

Препознатлива по секојдневието на ТВ-екраните, водителката Бубе Јаневска со нас ги сподели тајните на својата надворешна и внатрешна убавина.

Како најчесто сакаш да ти започне денот, кои се твоите утрински рутини и навики?

Сакам да ми почне поинаку од станување во 5 часот. Но веќе научив да станувам рано, па дури ни викендот не можам да станам подоцна од 7 часот. Преку неделата, утрото ми почнува уште пред изгрејсонце. Задолжителен туш е супер начин да се разбуди организмот. Чаша вода со витамини е второто нешто што го правам наутро, а првото кафе го пијам на работа или заедно со гледачите во емисија или во канцеларија со колегите кога не сум на програма. Особено се радувам на утрата кога треба ќерка ми да ја носам на училиште, затоа што поради мојот тип на работа ретко го правам тоа. А викендот е посебна приказна. Секогаш ги користиме утринските часови со Нела да се гушкаме, тоа е ритуал што го негуваме речиси осум години.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Bube (@bube_janevska)

Правила за убавината од кои не отстапуваш?

Темелно чистење на лицето. Со оглед дека од 6 часот наутро сум со пудра, мора да внимавам на кожата на лицето. Се трудам да пијам и доволно вода, затоа што покрај за севкупното здравје, добра е и за кожата и косата. Во минатото ретко пиев вода, па мислев дека правам погрешен избор на пудри, затоа што кога ќе ги нанесев лошо ми изгледаа на лицето. Од моментот кога почнав да внесувам повеќе течности, кожата блесна, а истата пудра совршено изгледаше на моето лице. Нанесувањето дневен и ноќен крем за лицето е вообичаена рутина. Но, секако, темелната нега и чистење на лицето им ги доверувам на професионалци, кои знаат што треба да направат. Исто така, никогаш не го прескокнувам појадокот, затоа што е важен за енергија во текот на денот. Во ретките денови кога нема да појадувам, во вечерните часови добивам неверојатна потреба за калорична храна. Тоа не е добро за изгледот.

 Во какви мирисни ноти уживаш?

Зависи од годишното време. Во студените денови сакам посилни, доминантни и слатки мириси, наспроти пролетните и летните месеци, кога сакам лесни, цветни, овошни и освежителни мириси. Не претерувам со „бањање“ во парфеми, сакам да мирисам дискретно. Парфемот што го нанесувам зависи од расположението во моментот и, секако, дали студи или е топло надвор.

Дали водиш грижа за исхраната, што најчесто консумираш, што се наоѓа на твоето мени?

Се грижам за исхраната, особено откако ги победив вишокот килограми. Белиот леб е целосно исклучен од исхраната, слатки јадам многу ретко, а ако душата ми посака, тогаш избирам чоколадо со 84% какао и стевија. Појадокот е задолжителен, најчесто овесна каша или чиа-пудинг. Задолжителен е путерот од кикиритки во нив. Без салата нема ручек, а вечерата некогаш ја прескокнувам. Сакам да готвам, па многу често во последно време сакам да испробувам рецепти со корисни и здрави состојки. Фаворит ми се интегралните шпагети со леќа и печурки.

Каков е твојот став за естетските третмани, пластичната хирургија?

Ако некого тоа го прави среќен, зошто да не. Ако некој има потреба од естетска корекција, апсолутно треба да направи такво нешто. Сакам луѓето да се среќни, па ако ги усреќуваат естетските третмани, која сум јас да им судам. Секој има право на свој избор, на своја среќа.

Како и на кој начин се релаксираш, што те опушта и прави среќна?

Многу сакам да пешачам, па, така, секоја пригода ја користам да се движам. Сакам добра книга. Во последно време читам книги што се поврзани со личниот развој. Тие ми се убава релаксација. А најсреќна сум кога сме заедно тројцата, јас, Нела и Александар. Гледањето серии со сопругот е уште еден начин на опуштање, иако гледањето на шпанската „La casa de papel“ воопшто не беше релаксирачки (се смее). Како ретко кога, се соживеав со овој серијал.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Bube (@bube_janevska)

Текст: Љупка Ѓошева

Фото: Инстаграм, приватна архива

Прочитајте и

Убавина и Здравје користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Ќе претпоставиме дека сте во ред со ова, но можете да се откажете ако сакате. Прифати Дознај повеќе