Кога конечно ќе заврши денот, одеднаш ни пречи нередот што цел ден не сме го ни забележувале. Има причина зошто токму навечер добиваме желба да средуваме.
Сигурно ви се случило: цел ден немате време ни да погледнете што има низ домот, а навечер, токму кога треба да си легнете, почнувате да ги собирате чашите, да ги местите перниците, да ја бришете кујната или да ја средувате облеката. Одеднаш сè мора да биде на свое место.
Ова не значи нужно дека навечер стануваме „поуредни“. Кога дневните обврски конечно ќе завршат, вниманието се префрла кон просторот во кој треба да се одмориме. Нередот што претходно сме го игнорирале може одеднаш да стане многу повпечатлив.
За многумина средувањето станува и мал ритуал со кој го означуваат крајот на денот. Наместо да легнеме со чувство дека нешто останало недовршено, неколку минути поминати во средување можат да создадат чувство на ред и завршеност.
Малку ред, малку мир
Постои и практична причина. Ако наутро нè дочека чиста кујна, средена дневна соба и помалку работи наоколу, почетокот на денот може да делува поедноставно. Затоа некои луѓе несвесно го оставаат „утрешниот простор“ подготвен уште вечерта.
Секако, не треба секоја вечер да се претвора во големо генерално чистење. Понекогаш се доволни десет минути за да се соберат работите, да се измијат садовите и да се ослободи просторот околу креветот.
Можеби токму затоа вечерното средување ни е толку привлечно: не се обидуваме само да го исчистиме домот, туку на некој начин сакаме да му ставиме точка на денот.
pexels – kujna