Животен простор приспособен за потребите на децата, но со стил!

Кога ќе пристигне бебето...

Иако е приспособен кон потребите на детето, сепак вашиот стан не мора да изгледа како градинка. Ви донесуваме практични совети како да го реорганизирате животниот простор…

Доаѓањето на новиот член на семејството внесува големи промени на сите полиња, па и во домот, па затоа е неопходно да го реорганизирате животниот простор. Ќе ви бидат потребни креветче за бебето и пулт за пресоблекување.

Доколку во спалната соба немате доволно простор за креветче, можете да го ставите наместо еден дел од плакарот (вишокот гардероба подарете им ја на оние на кои им е попотребна!).

Исто така, за да обезбедите простор за дополнителни детски елементи, големиот брачен кревет заменете го со кревет со помали димензии.

За поубав сон на вашето најмило, набавете креветче што се нагодува во висината.

Доколку ви е неопходна работна површина, можете да купите пулт за пресоблекување што се трансформира во работна маса.

За поголема удобност на вашето бебе, снабдете се со мека подлога за пресоблекување.

Како што растат децата, така се зголемува и нивната потреба за сопствено катче во рамките на домот. Од една просторија во станот направете соба за детето. Набавете тапети со интересни детски мотиви или обојте ги ѕидовите во боја на училишна табла по која ќе можат да цртаат вашите деца.

Необично осветлување може значително да го разубави просторот. Доколку имате две деца што ја делат собата, бидете практични и купете им кревети на кат.

Доколку имате туш-кабина, знајте дека за бањање на бебето е попрактична стандардна када, за да не ве боли грбот. Ова вложување дефинитивно ќе ви се исплати!

Доколку, пак, во вашата бања нема место за када, преместете ја машината за алишта во кујната!

Ако сте во можност, освежете го просторот со нови керамички плочки – светлите бои гарантирано ќе го „отворат“ вашиот тоалет, а можете да додадете и интересни бордури, кои малечкото ќе ги обожава.

Оаза за родителите

Доколку одлучивте спалната соба да му ја отстапите на детето, поради недостиг од простор во станот, сега би требало дневниот престој да го приспособите во место за спиење.

Заменете ги стандардните гарнитури за седење со кревети на развлекување, но внимавајте сунѓерите или душеците да бидат удобни за спиење.

Поставете ги декорациите на високи полици за да не можат да ги дофатат вашите деца.

А доколку ви е потребно визуелно зголемување на просторот, поставете големо огледало на еден од ѕидовите во дневната соба.

Пишува: Данило Вулетиќ, дипломиран инженер по архитектура

Фото: „Убавина и здравје“

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.