УРЕДУВАЊЕ: Столбови во ентериерот

Во просториите со отворен план речиси е невозможно да се избегнат столбовите. Тие се неопходен потпорен елемент, кој ја носи тежината на покривот или на горниот кат, а често се многу впечатливи бидејќи се наоѓаат на незгоден централен дел од просторијата.

Сепак, постојат начини на кои овие архитектонски елементи ќе ги направите поинтересни, ќе им дадете дополнителна функција и подобро ќе ги вклопите во ентериерот.

Со употребата на различни тапети од иста серија, односно со комбинација на еднобојни, цветни и на пример на штрафти или туфни, можете да постигнете одличен естетски ефект.

Во оваа спална соба е направено токму тоа – зелената боја, која доминира, направила амбиентот да дејствува релаксирачки, а со употребата на различните дезени е постигната динамика во просторот.

Одлична идеја за младешка соба – на поширокиот столб е залепен постер со ред на летање (станува збор за дигитален печат, кој се прави во посакувани димензии во секое печатарско студио).

Притоа плочата што има функција на работна површина во помал дел е затскриена со столбот, па токму тука може да се чуваат прибор за пишување, книги и други предмети што обично прават просторот да изгледа по малку несредено.

Во овој симпатичен стан, уреден во индустриски стил, бетонскиот столб е проширен со додавање полици наменети за поставување декоративни дреболии и книги. Додадените полици се урамени со дрвени летвички од истиот материјал што е употребен за облогата по должината на плафонот и соседниот ѕид – на овој начин отворениот план визуелно е поделен на кујна со трпезарија и дневна соба.

Просторот помеѓу двата бетонски столба што се наоѓаат на преминот помеѓу кујната и дневната соба е искористен за мебел работен по мера. Во средишниот дел има елемент што се отвора од трпезариската страна, додека површината свртена кон дневната соба послужила за поставување на телевизорот. Од овој елемент, па до столбовите, просторот е пополнет со полици изработени од метални профили.

Столбот во обој простор на многу интересен начин станал главни детаљ – прво е обложен со 3Д-облоги во боја на бакар, а потоа околу него е поставена стаклена „кутија“ во чии рамки е интегрирано ЛЕД-осветление.

Ништо не можело да ја наруши желбата на сопственикот за голема површина за седење, па дури ни столбот во средината на просторијата. Софата што го окружува е правена по мера на просторот.

Во овој женски уреден стан столбовите што се наоѓаат на самиот влез во дневната соба се обложени со дрвени облоги и тенки метални профили, на кои, на одделни места, е фиксирана помала плоча за неколку декоративни дреболии.

Столбовите и потпорните греди најчесто ги гледаме во поткровјата. Во ова, во кое ѕидовите се обоени со бела боја, овие конструктивни елементи се истакнати со сива боја, која сосема убаво се вклопила со парчињата мебел во светлопортокалова. Притоа, столбовите се искористени за поставување урамени фотографии и ЛЕД-осветление.

Иако е на многу незгодно место, благодарение на снаодливоста на сопственикот на станот, овој столб не ја нарушил естетиката на просторот. Обоен е со сина боја, а на горната половина се додадени отворени полици – оние што се свртени кон шанкот послужиле за складирање тегли и готвачи, додека на оние кон дневната соба се наоѓаат книги и понекоја дреболија од патувања.

Околу столбот што се наоѓа многу блиску до шанкот е направена облога од гипс-картон за да се добие длабочина за креирање ниша. Гипс-картонот потоа е обложен со дрвени летвички, а за боење на нишата е употребена жолта боја.

Бидејќи целиот стан е уреден во модерен стил, сосема е очекувана интервенцијата и по прашањето на столбот, кој овде по малку личи на жардиниера. Имено, столбот е обоен со браон боја и обложен со гипс-картонска плоча во долниот и горниот дел, во кој е скриено ЛЕД-осветление. Средишниот дел е оставен слободен за да се најде место за зеленило.

Ви се допаѓаат графити како украс во ентериерот но немате смелост со нив да украсите некој ѕид односно поголема површина? Во тој случај, столбот е идеално решение. Токму овде послужил за интересни графити, внесувајќи урбан дух во целокупниот дневен престој.

Текст и фото: Homestyle

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.