УРЕДУВАЊЕ НА ДОМОТ: Смена на годишните времиња

Листа на мали трикови

Отворен гардеробер гарантира прегледност и достапност, а на тој начин ќе го искористите целиот слободен ѕид, од подот до плафонот.

И покрај тоа што тврдиме дека немаме што да облечеме, нашите гардеробери го тврдат спротивното. Преминот од зима во лето на голем број од нас ни задава главоболка, така што секогаш се добредојдени практични совети за организирање на орманите.

ДНЕВНА СОБА

Иако на прв поглед не изгледа како место за одложување на зимската гардероба, дневната соба може да скрие многу нешта. Се разбира, во случај да се определите за мултифункционален мебел – удобен и практичен истовремено.

Гарнитура со простор за складирање во основата, табуретки што се отвораат и масичка со фиоки се доволни да ги скријат џемперите и дебелите панталони и фустани.

КУЈНА И ТРПЕЗАРИЈА

Благодарение на модерниот мебел, во кујната вешто можете да ги тргнете од видно поле садовите што ги користите само во зима – големи тенџериња и лонци, на пример.

Мобилни полици во фиоките ќе изгледаат мошне интересно во трпезарискиот простор, како и екстравагантните „сандаци“ со полици за чаши и вина. Ќе ви бидат при рака, па не мора да ги отворате кујнските елементи.

БАЊА

Во просторот над вратата во бањата монтирајте полица која ќе биде идеално место за бањарки и крпи. На слободниот ѕид закачете закачалки и поставете полици, и на тој начин ќе го решите проблемот со неуредна бања поради купот средства за хигиена и за чистење.

Прочитајте и: Уредување: Балкон на мој начин (ФОТО)

СПАЛНА СОБА

Спалната е скриена од очите на јавноста, па затоа претставува идеално место за складирање на гардеробата. Земајќи предвид дека орманите никогаш не собираат доволно, искористете го просторот под креветот, во кој ќе уфрлите кутии за складирање, организери и облека во вакуум-кеси.

Ако имате остава, искористете го просторот – монтирајте вградени полици или ормани по мера. На тој начин ќе добиете дополнителен простор и ќе го избегнете нередот.

ЛИСТА НА МАЛИ ТРИКОВИ

Не мора да го реновирате станот за да добиете поголем простор!

ШИК-КОВЧЕК СО БОГАТСТВО

Стандардната масичка во дневната соба можете да ја замените со ковчег во кој ќе скриете многу предмети. Овој детаљ ќе му даде екстравагантна нота на вашиот дом, а ќе ви биде и од полза.

ВИСЕЧКИ ОРГАНИЗЕРИ

Најевтин начин да воведете ред во бањата и во спалната соба се организерите. Според потребата, одлучете се за оние со џебови, со кошници или за оние што се наменети за чанти, марами и за други модни додатоци.

„МАГИЧЕН“ САНДАК

Идеални парчиња за складирање се оние што се мобилни. Сандак за чаши со винотека може да чека затворен во аголот на трпезаријата, додека одлучите да го отворите и да го претворите во главна ѕвезда на куќната забава.

Прочитајте и: Идеи за идеално уредување на вашата кујна

„КРИЕЊЕ“ ПОД КРЕВЕТ

Дебелите јоргани и ќебиња, зимските обувки и јакни, спакувајте ги во кутии за складирање и ставете ги под креветот. Изберете кутии од тенок материјал, кои не зафаќаат голем простор.

Текст: Даниел Велов, архитект

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.