УРЕДУВАЊЕ: Имате бања што е во добра состојба, но веќе ви е малку досадна?

Како нова!

Во тој случај имаме неколку предлози со кои можете да го освежите изгледот на оваа просторија без целосно реновирање.

1 Ново орманче

Орманчето под мијалникот е многу практичен додаток во секоја бања, а исто така е и многу погодно за поигрување со дизајнот. Како релативно прифатлив, овој елемент може лесно да се замени и да ѝ даде на просторијата комплетно нов изглед.

Покрај замената, предвид доаѓа и боење на постојното орманче, како и заменување само на одредени детали – фронтовите или рачките.

2 Тапети

Тапетите традиционално се резервирана само за „суви“ простории, но денес на пазарот има специјални модели наменети за кујни и за бањи. Тие може да бидат одличен начин да го освежите изгледот на овие простории.

Ако во бањата имате ниша, тесен ѕид, или горните зони на ѕидовите се обоени, овие површини се совршени места што можете да ги оживеете со интересни тапети.

3 Акцентен ѕид

Следниот предлог е идеален за едноставно уредени бањи. Ако обичните бели плочки ви здодеале, заменете ги на еден од ѕидовите. Во зависност од вашиот вкус, можете да се одлучите за плочки во некоја впечатлива нијанса, комбинација на еднобојни плочки и декор, или да прибегнете кон радикално решение и да го покриете целиот ѕид со плочки со впечатливи бои и геометриски дезен.

4 Текстурирани плочки

Доколку претпочитате природни материјали и поскромен колорит, решение слично на претходното е да направите акцентен ѕид или детаљ така што на дел од површината обичните керамички плочки ќе ги замените со текстурирани. Производителите денес имаат голем избор на текстури и имитации на разни материјали, како што се камен, дрво и бетон.

5 Ново огледало

Огледалото е неопходен елемент во секоја бања и еден од централните детали на оваа просторија. Затоа со негова замена може да се постигне голема разлика, особено ако станува збор за поголемо огледало. Формата, димензиите, дизајнот на рамката на огледалото – сите тие се фактори што ќе влијаат врз целокупниот изглед на бањата.

Покрај тоа, придружното осветлување има значително влијание, така што наместо да го замените огледалото, можете да си поиграте со овој детаљ, на пример со ставање ЛЕД-лента зад постојното огледало.

6 Нова арматура

Заменувањето на арматурата во бањата воопшто не е евтино, но може да биде добра инвестиција и притоа да ја подобри вашата бања, како од аспект на функционалноста и удобноста, така и во однос на дизајнот. Батериите за мијалникот, тушот и кадата играат важна улога во дефинирањето на целокупниот впечаток за просторијата.

Покрај тоа, ако сте подготвени да издвоите значителна сума пари, можете да се определите за термостатски модели, кои овозможуваат побезбедна и поудобна употреба, а на долг рок многу помала потрошувачка на вода.

Текст: Бојана Стојменовиќ

Фото: Getty Images

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.