Уредете го домот според принципите на фенг шуи и внесете нова енергија во него

Идеи за вашиот дом

Совети побаравме од Моника Конеска, консултантка за фенг шуи.

Дали знаете дека лошо уредениот, па дури и лошо проектираниот дом, остава последици по човековото здравје? Нарушените проектантски стандарди за домување влијаат врз психофизичкиот баланс на човекот и воопшто не се за занемарување. Во современите услови на станбеното живеење, од голема важност е вашиот дом да рефлектира благосостојба и да претставува квалитетен животен простор, во кој ќе можете да напредувате и да се чувствувате пријатно. За тоа можат да ви помогнат принципите на фенг шуи за уредување на домот.

Но иако на нашите простори владее генералното мнение дека фенг шуи се практикува при внатрешното уредување на домот, и тоа со поставување одредени декоративни предмети (слон, жаба, полускапоцени камења и слично), во практиката воопшто не е така и неопходно е да се ангажира професионалец. Токму затоа, совети побаравме од Моника Конеска, консултантка за фенг шуи.

Стручна соработничка: Моника Конеска, дипломирана архитектка инженер, консултантка за фенг шуи и основачка на Feng Shui Architect
Планирање

Моника ни откри дека, за жал, современиот свет на градежништво и урбанизам најчесто произведува неквалитетен животен простор: „Нарушени се основните проектантски стандарди во домувањето, од димензионирање на просториите и минимална квадратура за простории и објекти, до недоволна, па и никаква природна осветленост и проветрување на просторот, неправилна и неурамнотежена форма на станбените единици (стан во Г-форма, триаголни и трапезоидни простори), масивни конструктивни елементи во просторот (столбови и греди), лоши комуникациски пристапи и слично. Сето тоа има последици по човековото здравје“.

За среќа, фенг шуи може да ги облагороди овие неповолни станбени единици, но потребно е да се примени уште во првиот момент кога човекот ќе стапи во интеракција со физичкото опкружување: „Препорачливо е да се ангажира консултант за фенг шуи при планирање на изградбата, при купување на плацот, при изградба и проектирање на објектот или при купување станбен или деловен простор. Така ќе се одбере, односно изгради, квалитетен простор, каде што ќе може најефикасно да се употребат принципите на фенг шуи. Потоа, следува вториот чекор кога се применува фенг шуи при уредувањето на просторот или кога се планираат одредени промени во постојниот објект (реконструкција или реновирање)“, додава Моника.

Уредување на просторот

При уредувањето на домот, експертите за фенг шуи ги анализираат формата на објектот и поединечните простории, ориентациската поставеност на просторот, просторно-функционалната организираност на активностите (влез, спиење, работа и слично), односно нивната поставеност во просторниот дијаграм, физичкото опкружување на објектот, а се вршат и радиестезиски преглед и заштита од зрачења. „Се анализира и наталната карта на летачките ѕвезди на домот (астролошките влијанија) – сето тоа во корелација со енергетските карактеристики на корисниците на просторот. Тоа значи дека не постојат генерални принципи на фенг шуи, туку се изработува посебен проект што важи за конкретен простор и конкретни корисници“, појаснува нашата соговорничка.

Како изгледа домот уреден според фенг шуи?

Ентериерот на домот уреден според фенг шуи се изведува со помош на постојната понуда на мебел и опремување што е достапна на пазарот: „Ова е важно да се потенцира бидејќи често се мисли дека ако уредувањето е според фенг шуи, треба сѐ да биде црвено како во кинеските ентериери или со бамбусни прегради како во Јапонија.“

Па, како обично изгледа домот што ги следи принципите на фенг шуи? „Најчесто, застапени се бои во посветли тонови. Поретко се употребуваат темни бои, и тоа обично за да се коригира одредена неповолност. Распоредот на мебелот треба да го поддржува оптималниот енергетски проток во просторот. Изборот на слики и декоративни предмети е во согласност со личните цели и аспирации на корисниците на просторот. Претходно се извршува и радиестезиско испитување на подземни и космички зрачења, па се поставува соодветна заштита доколку е неопходна“, опишува Моника. Покрај тоа, се поставуваат и одредени корективни средства што ги неутрализираат неповолните аспекти, кои се вклопуваат во ентериерот така што не го заземаат централното место при визуелната перцепција на домот.

Најчестите грешки

Како некој што постојано е во допир со многу примери на ентериерно уредување, Моника ни откри дека најчестата грешка во современите ентериери е премногу силната боја или изразена текстура на големи површини: „Конкретно, трендот на антрацитни и црни кујни воопшто не е добар, бидејќи црната боја е премногу силна енергетски и нејзиното аплицирање во цел сегмент од станот на долгорочен план ќе предизвика нарушување на психофизичкиот баланс“.

Друга многу честа грешка е натрупувањето на просторот со мебел: „Многу луѓе го задушуваат просторот со премногу мебел или поставуваат преголем мебел за димензиите на просторот. На тој начин го нарушуваат оптималниот енергетски проток низ просторот. Моја препорака е да не се претерува со мебел и да се остави понекој слободен агол за декоративна ламба или цвеќе. Така, амбиентот на домот ќе биде многу пораскошен“, порачува Моника.

СОВЕТ ПЛУС: Доколку размислувате да ангажирате консултант за фенг шуи, многу е важно да бидете отворени и да соработувате во текот на целиот процес. Пред да се почне со работа, ќе треба да потпишете договор за согласност дека во одреден рок, најмалку 70 отсто од препораките во проектот ќе бидат реализирани, бидејќи во спротивно, уредувањето не би го имало посакуваниот ефект.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

МОЕТО КАТЧЕ: Наши познати дами ни открија кое е нивното омилено место во домот
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.