Совети за модерно, функционално и практично уредување на спалната соба

За убави сништа

Спалната соба во секој дом зазема посебно место. Имено, таа е просторија во која секој треба да се чувствува пријатно и да ужива во нејзината атмосфера, бидејќи во спротивно нема ниту закрепнувачки сон, ниту релаксирачки одмор, ниту уживање во добра книга или шолја чај. Меѓутоа, освен релаксирачкото дејство, таа мора да биде функционална и практична.

Прво за што размислуваме при уредувањето на спалната соба, секако, е креветот. Кога станува збор за ова парче мебел, сосема е оправдано да барате многу и да не штедите, бидејќи овде не станува збор за обичен елемент во просторијата, туку за предуслов за добар, закрепнувачки сон. Креветите се разликуваат по обликот, бојата, материјалот од кој се изработени, внатрешниот механизам, но и димензиите. Квалитетниот кревет е удобен, цврст и доволно простран.

Во спалните соби (вклучувајќи ја и спалната соба на самците) најчесто има брачен кревет со стандардни димензии 200/190 х 90/100/120/140/160/180, а голем број производители нудат и можност за изработка на нестандардни димензии, како 210/215/220 см. Самостоен или со полици или со орман, од ковано железо или дрвен, со помасивни или полесни рамки, со или без механизам за подигања и спуштање на зглавјето или нозете, креветот е средиштен елемент и без него нема ни спална соба.

ИДЕАЛНО МЕСТО ЗА КРЕВЕТОТ

При планирањето на спалната соба најпрво морате да го одредите местото за креветот. Идеално би било да се постави зглавјето на ѕид и од секоја страна на креветот да се остави растојание од 60 см, заради полесен пристап (30 см е минимално растојание).

СКЛАДИРАЊЕ ОБЛЕКА

Мебелот за чување на облеката е следното нешто што морате да го земете предвид. Уреден плакар во спалната соба е најголема желба на повеќето луѓе, а може да се оствари со добро испланирани и избрани ормани, комоди, плакари, ноќни орманчиња. Повеќето комоди се широки 50-56 см, со тоа што напред морате да оставите 100-120 см за отворање на вратите и на фиоките (76 см е минимално растојание во помалите простории).

ОРМАНИ

Орманите наменети за чување облека се разликуваат во ширината, но исто така се потребни 100-120 см слободен простор од предната страна. Орманите во сите големини може да се опремат со носачи и полици изработени по мера, за да се искористи секој можен сантиметар. И ноќните орманчиња се неопходни за да поставите светилка или да оставите книга, очила, телефон…

МЕБЕЛ ПО МЕРА

Наместо еден или два готови, нарачајте еден вграден орман по мера, од подот до таванот, и внимателно испланирајте го распоредот на внатрешните полици за складирање. Ако е просторијата мала, најдобро е да се одбере бела боја за фронтовите, без рачки (само ЈС-профили), бидејќи ќе изгледа како дел од ѕидот, а не мебел, така што ќе го отвори просторот и ќе го направи поголем отколку што е.

ПОДНИЦИ

Дрвените или металните подници може да бидат во различни модели и димензии, а на некои модели може да се вградат ногалки, па на тој начин се добива лежај и без рамки на кревет. Додека цврстината и квалитетниот материјал на рамките на креветот ги гарантираат неговата издржливост и трајност, подниците и душеците сепак се тие на кои можеме да им заблагодариме за закрепнувачкиот сон и одмор, но и за самото здравје на нашиот ’рбет. Покрај задолжителната еластичност, некои дрвени подници нудат можност за дополнително регулирање на цврстината во лумбалниот дел на телото со помош на дополнителни летвички и регулатори за цврстината, додека металните подници гарантираат подолг век на траење. За сите што сакаат не само да спијат туку и да читаат или гледаат ТВ во кревет, предлагаме да земат предвид подници со регулатор за деловите кај главата и кај нозете. Ова решение особено им го препорачуваме на постарите лица.

ДУШЕЦИ

Тие пред сѐ мора да бидат удобни. За постарите лица обично се препорачуваат помеки, додека за децата и за сите што се малку покрупни и сакаат добра потпора се препорачуваат потврди модели. Каков душек ви одговара вам најдобро ќе откриете сами – при купувањето немојте да се воздржувате да легнете на изложените примероци, а кога ќе утврдите дека токму еден од нив е оној вистинскиот, дури тогаш погледнете ја цената. Запомнете – најскапиот душек не е секогаш и најдобар за вас, затоа не дозволувајте што било да влијае на вашата конечна одлука пред да го испробате сами. За надворешниот текстил на душекот најдобри се природните материјали, додека полнењата може да бидат различни – од еластична пена (мемори фоам), која брзо се приспособува на вашето тело и телесна температура, и други видови пена (на пр. полиуретански, кои се прозрачни и покажуваат голема отпорност на стареење и молци), преку латекс од природна гума, кој е високоеластичен и антибактериски материјал, класични модели со жичено јадро со федери, гел или со сунѓер, до душеци чија внатрешност се состои од цела низа различни материјали. Повторуваме, најдобар е оној на кој вие најдобро се чувствувате. За дополнително чувство на удобност тука се и наддушеците, со просечна дебелина од 8 см, чија ткаенина има антиалергиски и антибактериски карактеристики.

ВОДЕТЕ СМЕТКА ЗА ДИМЕНЗИЈАТА

При изборот на душекот земете предвид уште некои фактори. На пр. добра опција се моделите со две лица – од едното има материјал што зиме ве грее, а од другото таков што налето ве лади. Исто така, при изборот на креветот, а со самото тоа и на душекот, имајте на ум дека краците не смее да бидат зголемени над 20 см од вашата висина. Ако сте повисоки, нарачајте нестандарден кревет и душек, значи комплетно приспособени за вас.

РАЗЛИЧНИ ПОТРЕБИ И НАВИКИ

Во случај вашиот партнер и вие да имате различни навики на спиење (на пр. спиење настрана или на стомак, сакате помек или потврд душек…), ви предлагаме два одвоени душека, но во тој случај, за да се осигури иста висина, ви советуваме двата да ги набавите од ист производител. Помеѓу добро избраните душеци не би смеело да има дупка!

ПЕРНИЦАТА – ПРИЈАТЕЛ НА ВАШИОТ СОН

Дека во спиење поминуваме поголем дел од животот сигурно веќе знаете, но додека на душеците им посветуваме внимание, перниците не се секогаш високо на листата на приоритети. Функцијата често ѝ ја подредуваме на естетиката или, пак, го приспособуваме обликот на перницата на навлаките што сме ги одбрале. Не треба посебно да се истакнува дека тоа не е во интерес на вашиот сон и здравје и токму затоа наведуваме неколку совети што ќе ви помогнат при изборот на добра квалитетна перница. Не им одговара на сите иста перница – потенка, подебела, помека, потврда…вкусови и потреби има колку што има и модели. Правата перница ќе ви овозможи квалитетен сон и одмор, додека лошата ќе предизвика болки во вратот и рамената, главоболка и други проблеми.

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.