Симпатично катче за штотуку родените бебиња

Пред раѓањето на бебето, освен набавката на некои најосновни работи, би требало да се подготви или барем да се размислува за соодветна соба или простор за неа.

Најдобро е, ако можете, на детето да му обезбедите посебна соба. Таа треба да биде во близина на вашата, за да ви биде полесно кога станувате ноќе. Во почетокот сепак најдобро и најзгодно е бебето да биде во вашата соба. Како и да одлучите, морате да обрнете внимание на некои основни работи. Најважно е собата, односно просторот во кој престојува бебето да биде сончев и да има можност за добро проветрување, бидејќи квалитетот на воздухот е многу важен.

НАЈВАЖНО Е БОЈАДИСУВАЊЕТО

Собата бојадисајте ја и одржувајте ја беспрекорно чиста. Би било идеално прозорците во собата да бидат свртени кон југ, југозапад или југоисток, за да биде што подолго време изложена на сонце. Подовите не прекривајте ги со теписи, бидејќи собираат многу прашина. Предвид доаѓа само помала простирка, која може да се пере во машина. Завеси на прозорците обично не се препорачуваат бидејќи претставуваат легло за прашина и бактерии. Лете се корисни мрежи на прозорците за да се спречи влегувањето на муви и комарци.

ОСВЕТЛУВАЊЕ НА БЕБЕШКАТА СОБА

Осветувањето игра важна улога: би било добро бебешкото катче или соба да биде најосветлено во станот, ако постои можност за тоа. Визуелниот контакт со надворешната средина е исклучително важен за психолошкиот и социјалниот развој на детето – затоа е пожелно бебето низ една третина од прозорскиот отвор да гледа дел од небото. Поради таа причина, при поставувањето на креветчето обрнете внимание на неговата положба во однос на прозорецот. За да го заштитите детето од силните сончеви зраци, односно од блесокот, поставете роло-завеси.

МЕБЕЛОТ ВО БЕБЕШКАТА СОБА

При изборот на мебелот за бебешката соба, без обѕир на тоа дали купувате готов во салон или планирате да нарачате работен по ваша замисла и по мера на просторот, секогаш одбирајте ги оние елементи што може да се употребуваат и на постара возраст, бидејќи тоа е многу поекономично за домашниот буџет. Плакарите, полиците, комодите за облека… може да послужат и за поголемо дете. Впрочем, може да се употребат и веќе постојните парчиња мебел, кои со мали дотерувања и преправки ќе изгледаат сосема пристојно.

КРЕВЕТЧЕ – НОВО ИЛИ КОРИСТЕНО?

Креветчето е неопходно за бебето, и тоа е главно ново парче мебел во домот. Меѓутоа, и наследеното креветче може комотно да се употреби, ако се подготви на соодветен начин. Потребно е добро да се исчисти и да се отстрани бојата од него ако сакате повторно да го обоите или лакирате. Меѓутоа, најважно од сѐ е креветчето да биде стабилно и рабовите да се заоблени, за да не дојде до повредување на бебето. Што се однесува до самата конструкција, постојат одредени разлики. Некои креветчиња, на пример, имаат страна што се поместува, што е добро во подоцнежниот период, кога детето ќе прооди и малку ќе го надрасне креветчето. Исклучително е важно душекот да биде нов, цврст и квалитетен – на тоа треба да обрнете посебно внимание!

На фотографијата е креветче Мече 3 во 1: ова креветче во првите месеци по раѓањето на бебето се користи како колепка. Со нежно лулање на оградичката на креветчето, ќе го заспивате своето бебе на едноставен начин. Фиксирањето на колепката се врши лесно, со поставување шрафови од двете страни на оградичката на креветчето. Во месеците кога бебето почнува да се исправува и самостојно да стои во креветчето, душекот се спушта надолу, со што се добива безбедна длабочина за малото дете додека престојува во креветчето. Со склопувањето на колепката, креветчето 3 во 1 станува креветче со комода за дете на возраст од 2 до 5 години. Последната фаза подразбира позиционирање на комодата покрај креветот, со што креветчето 3 во 1 станува кревет-самец за возрасно дете.

ИДЕАЛНО МЕСТО

Од сигурносни причини креветчето не би требало да го поставите под прозорец, но ниту под некој кабаст мебел, како што се полиците. При купувањето на креветчето водете сметка да нема непотребни остри украси и растојанието помеѓу пречките да не е преголемо (не повеќе од 6 см). Душекот мора да биде цврст, постелнината памучна, а перница не се препорачува.

КОМОДА ЗА ПРЕПОВИВАЊЕ

Ова е уште едно ново парче мебел во станот, иако не е неопходен. За тоа може да послужат и други елементи: масичка со соодветна висина, на која се поставува мека ткаенина, двосед, брачен кревет и слично. Пултот за преповивање е попрактичен за користење, бидејќи зазема помалку место, а може да се фиксира за креветчето или за друг елемент. Издигнатите и заоблени рабови обезбедуваат сигурност и го штитат бебето од повреди. Пултот е преслечен со ткаенина, која се одржува едноставно, а на бебето му нуди удобност. Постои голем избор на дезени, така што ова парче лесно може да се вклопи во општиот имиџ на собата. На фотографијата е пулт со мека подлога и со систем што спречува паѓање, комплет за бањање со две анатомски седишта (едното навалено седиште за бебиња од 0 до 6 месеци, а другото со ракодржач за деца од 6 до 12 месеци), оддели за држење сунѓер и сапун, чеп со славина за испуштање вода, полици со држачи за шишенца, тркалца со кочница и рачки за носење.

БОИ ЗА ЅИДОВИТЕ

При изборот на бојата за бебешката соба, дури и ако го знаат полот на бебето, идните мајки во последно време често се определуваат за модерни неутрални бои на ѕидовите и на мебелот, кои би одговарале и за момченце и за девојченце. Тоа е одличен избор, особено ако бебето подоцна собата ја дели со братче или сестричка. Некои мајки сепак повеќе сакаат да се држат до традиционалните бои – за девојче розова или виолетова, за момче сина или зелена. И во овој случај, пред мајките има навистина голем избор во поглед на уредувањето на детската соба. Боите со кои се бојадисува собата за бебето треба да бидат без мирис и еколошки. Некои производители имаат посебна линија производи на кои е наведено дека пред сѐ се наменети за употреба во детски соби.

КОМБИНАЦИИ

Комбинирањето повеќе нијанси од иста боја би можело да биде одличен избор за бебешката соба. Туфни, линии, облачиња, или едноставно – секој ѕид во различна боја – постојат многу начини на кои можете да ги комбинирате боите на ѕидот. Бојадисувањето или лепењето тапети треба да се направи неколку недели пред раѓањето на бебето, за да може воздухот во собата до неговото доаѓање да биде сосема чист. Кога е во прашање декорацијата, се чини дека никогаш немало повеќе начини за декорирање на бебешките соби. Ако сѐ уште не сте се определиле за комбинацијата на боите, можете да се обидете со следните варијанти:

Сива, нежнорозова, бела

Сива, жолта

Пудра-розова и други „нуд“ нијанси, како што се крем и валкано бела, браон, златна

Светлосина, сива, бела

Тиркизно-зелена, сива, бела

Бела, тегет

Неколку пастелни бои во комбинација

Текст: Б. Стојменовиќ

Фото: HomeStyle

 

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.