Шест чекори до побезбеден дом

Ви сугерираме неколку мерки на претпазливост

Домот за секого од нас е извор на сигурност и, ако е уреден онака како што ни се допаѓа, претставува вистинска мала оаза на уживање и слобода. Меѓутоа, токму поради тоа што е многу лесно опуштањето во сопственото царство, во него се случуваат и несреќи, кои понекогаш може да имаат и многу сериозни последици. Затоа ви сугерираме неколку мерки на претпазливост за да избегнете такви ситуации

1 Апарат за гасење пожар и противпожарно ќебе

Статистиката покажува дека најголемиот број пожари во станбените објекти настануваат во кујните. Затоа е препорачливо во оваа просторија или во нејзината непосредна близина при рака да имате апарат за гаснење пожар и противпожарно ќебе. Стручњаците советуваат огнот да се обидете да го угасите сами исклучиво во случај пожарот да е со мал обем, но пред тоа во секој случај треба да се алармира противпожарна служба. Противпожарното ќебе се користи за гаснење почетни пожари – на пример, доколку настанал пламен во сад во кој готвите, се запалило парче ткаенина и сл.

 

2 Детектори на чад

Пожарот претставува реална опасност по животот и имотот во домаќинствата, па поради тоа добро е да се преземат сите расположливи мерки на претпазливост. Една од нив е и вградување детектори на чад, кој ќе ви алармира во случај да не го забележите пожарот. Препорачливо е да ги инсталирате во повеќе простории, а особено се корисни во спалната соба, бидејќи токму пожарите што се случуваат за време на спиење имаат најголеми шанси да бидат фатални.

3 Прицврстете го мебелот на ѕид

Речиси сите производители на мебел нагласуваат елементите за складирање, како комодите и помалите ормани, да се прицврстат на ѕид. Иако не станува збор за висечки елементи, со фиксирањето на ѕид ќе им обезбедите дополнителна стабилност. Ова претставува особено важна мерка на претпазливост во случај да имате деца. На децата отворените фиоки им изгледаат многу примамливо за качување, а доколку се обидат да го изведат тоа, лесно може да се најдат под превртена комода.

4 Нелизгачки скали

Скалите се можна причина за повреда, а за да ја намалите можноста да дојде до тоа, погрижете се нивното газиште да биде нелизгачко. Тоа можете да го постигнете со прекривање на скалите со теписон. Меѓутоа, доколку материјалот на газиштето е составен дел од уредувањето на вашиот простор, решение се антислип-ленти, кои се лепат само на рабовите на газиштето. Тие ќе ви обезбедат сигурност, бидејќи најчесто се лизгаме токму на работ на скалите, а притоа многу дискретно ќе се вклопи во површината, не нарушувајќи го изгледот на скалите.

5 Нелизгачка подлога во када или туш-кабина

Освен скалите, кадата е уште едно место во домот каде што често доаѓа до пад при лизгање. Затоа површината на која стоите додека се туширате мора да биде нелизгачка. Било да станува збор за када или за туш-кабина, решение се нелизгачки подлоги со соодветна величина. Доколку ја реновирате бањата, најдобро би било да одберете када или подлога за туширање што ќе ви обезбеди безбедно користење.

6 Подлога за тепих

Доколку на него не стојат тешки парчиња мебел, лесниот тепих ќе „шета“ по собата заедно со вас, што носи ризик од паѓање. Во тој случај, решение претставува подлога за тепих, која ќе го држи на место. Станува збор за простирки изработени од вештачки влакна (најчесто од полиестер), кои совршено одговараат за сите видови подни облоги. Важно е димензиите на простирката да одговараат на димензиите на тепихот, а лесно можете да ги сечете или да комбинирате повеќе простирки за да ги вклопите со површината на тепихот.

Извор: Home Style

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.