Работа, професионалност и упорност: „Фабрика Карпош“ слави 70 години постоење

Сѐ што се работи со љубов не е тешко

Фабрика „Карпош“ е една од најстарите фабрики во Македонија, постои од далечната 1948 година, а овој значаен јубилеј го одбележува со повеќе големи проекти. Токму затоа поразговаравме со директорот Александар Стефанов, кој ни ја откри тајната на нивниот успех…

Александар Стефанов, директор на компанијата

Седум децении е јубилеј што е за поздрав. Како успеавте толку време да опстоите на пазарот, која е вашата тајна за успех?

Работа, професионалност и упорност. Во сите овие години вработените ја чувствуваат фабрика „Карпош“ за свој дом. Нивната посветеност, професионалност и истрајност во работата нѐ доведоа таму каде што сме сега. Ние сме спој од искусни професионалци и млади ентузијасти, креативци, истражувачи, стратези што на најдобар можен начин им излегуваме во пресрет на барањата и потребите на пазарот. Со многу труд се посветуваме на секој проект, без оглед на неговата големина. Најважно ни е клиентот да биде задоволен по секој реализиран проект. Таа посветеност и професионалност ни овозможија да сме таму каде што сме денес. Навистина сум горд на тимот и заедно се надеваме на уште многу нови успешно завршени проекти

Голем број успешни проекти се реализирани за сите овие години постоење во вашето работно портфолио. На што работите во моментов?

Покрај населбата Александрија, во секторот за високоградба тукушто завршивме со изведба на браната „Слатино“ и на спортската сала во Шуто Оризари. Во полн ек е изведба на неколку станбено-деловни објекти во Скопје, изведба на патен јазол за ТИРЗ Прилеп, изведба на бензинска пумпа во селото Марино со придружни објекти.

Во секторот нискоградба тукушто завршивме со реконструкција на ул. Рилски конгрес, во фаза на завршување е реконструкција на ул. 49, во тек се изградба и реконструкција на бул. Босна и Херцеговина, партерното уредување и изградбата на новата слатка куќа во „Свислион“, изградба на улица во ТИРЗ Скопје, изградба и реконструкција на повеќе улици во општината Илинден, изградба на тротоари во општините Штип, Кочани и Делчево, како и изградба на улиците во населба Александрија. Во секторот производство имаме секојдневно продажба на готов бетон, префабрикувани бетонски елементи, далноводни столбови и разна бетонска галантерија…

Во рамките на годинешниот Саем за градежништво беше презентирана и вашата нова инвестиција, односно зградата „Атриа“, која е петта по ред во комплексот Александрија, кој почнавте да го градите пред неколку години. Kажете ни нешто повеќе за овој станбено-деловен објект.

Најновите и најдобри архитектонски решенија ќе бидат имплементирани во зградата „Атриа“, со функционално решение на станбените единици, атрактивен внатрешен атриумски дел, кој е исполнет со зеленило и дневна светлина, која продира низ внатрешноста на целиот објект. Објект каков што досега сме гледале само во списанијата за архитектура во странство – сега ќе имаме и кај нас.

 До каде сте со изградбата на комплексот Александрија?

Два објекта од првиот блок се веќе вселени, другите два се во завршна фаза и нивното вселување ќе биде многу скоро, додека изградбата на „Атриа“ е во почетна фаза. Како што ветивме, вреловодот е донесен, инфраструктурата е направена, а веќе напролет се започнува со планирање, проектирање и изведба на следните два објекта.

Дали, според вас, градежништвото е најголем двигател за пораст на економијата во Македонија?

Апсолутно да, и не само во Македонија, што произлегува од природата на дејноста, која во себе поврзува многу различни дејности од стопанството на која било земја.

Исклучително сте млад, а поприлично успешен. Како балансирате со обврските, тешко ли е да се биде истовремено успешен сопруг и татко, но и да се биде на чело на една ваква компанија?

Добра организација, менаџирање и добар тим е сѐ што е потребно за сѐ да биде избалансирано и успешно завршено. Среќен сум и благодарен да имам покрај мене тим што функционира како една фамилија, сите си се поткрепа еден на друг во секое време, и семејство што ми е поддршка во сето она што го работам. Знам дека секогаш можам да се потпрам на тимот и на семејството. Сѐ што се работи со љубов не е тешко.

Разговарала: Јасмина Арсова

ФОТО: Драган Митрески

 

 

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.