Проект: Реновирање на домот

Идеи, совети, трендови...

Ако сте подготвени ова лето на својот дом да му дадете комплетен „мејковер“, или барем размислувате за тоа, ви ги претставуваме најновите трендови во уредување на ентериерот.

БАРОК

Барокниот стил, создаден во доцниот 16 век на крилјата на католичката црква, го карактеризираат комплицирани облици, игри на светлината и на сенките, како и преистакнати детали. Барокот е како тантела што со својот интензитет и театралност кокетира на работ на кичот и на раскошот. Со неколку парчиња мебел со барокна нота, секој стан може да изгледа на одаите на француските монарси. Уфрлете барокна софа или фотелја со орнаменти и барокната епоха ќе започне и во вашиот дом.

БРУТАЛИЗАМ

Бруталистичката архитектура го доживеа својот врв во периодот меѓу 1950. и 1970. година. Називот потекнува од францускиот збор брут, што значи сурово, основно. Терминот, пред сè, се однесувал на избор на материјалот – бетон. Натур-бетонот, како што го нарекуваат архитектите, доби своја широка примена во ентериерот и стана омилен избор при редување на домот. Можете да оставите необработен еден бетонски ѕид и веднаш ќе го почувствувате духот на брутализмот.

МИНИМАЛИЗАМ

Минимализмот го доведува просторот до неговите најосновни елементи. Акцентот е на големи и рамни површини, светлината и на празниот простор без непотребни додатоци. Славниот архитект Лудвиг Миз ван дер Рое го имал мотото: „помалку е повеќе“, а токму тоа ја сумира најдобро минималистичката архитектура. Просторот дише и ви дава чувство на поголема слобода. Со редуцирање на боите на мебелот што го имате во станот постигнувате елегантен изглед и истовремено се чувствувате ослободено.

 

БОEМСКИ ИЛИ БОХО-ШИК

Самиот назив на стилот потекнува од францускиот збор „бохемиан“, кој означува личност што живее неконвенционален, уметнички живот. Се однесува на лица за кои може да се каже дека се хипици, уметници, патници, луѓе со слободен дух. Индивидуалноста е мошне истакната при уредување на домот. Ова е стил што дозволува целосна слобода и креативност и овозможува да се комбинираат најразлични елементи, без последици. Ослободете ја фантазијата, препуштете му се на инстинктот и уредете го станот по сопствен вкус!

 


Пишува: Данило Вулетиќ, дипл. инж. по архитектура

Фото: Инстаграм, pixabay.com

 

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.