Постигнете хармонија во својот дом

Кога уредувањето на ентериерот претставува вистинско уживање

Убаво уредените домови отсекогаш ја фасцинирале Магдалена Велевска (@magicinmyhome), која одвај чекала да има свое катче што ќе го дотера по свој терк. Минатата година ѝ се остварил сонот и заедно со сопругот почнала да го уредува нивното ново љубовно гнездо.

Секоја фаза од процесот претставуваше уживање за мене: лепењето плочки, поставувањето водоводни инсталации, па дури и работата со мајстори, која знае да биде доста стресна, сето ова ме полнеше со позитивна енергија. Со површина од 77 квадратни метри, станот има доволно простор за сè што е потребно.

Сè уште не е целосно завршен, но и не треба да биде, бидејќи секогаш се појавуваат нови и подобри идеи, па нема потреба од брзање.

Уредувањето го правиме постепено, со уживање и многу внимание и посветеност, а инспирација најчесто наоѓаме во прекрасните домови од Пинтерест, како и во моите книги и списанија за архитектура и дизајн.

Просторот е отворен, а преовладуваат белите и бежовите нијанси со природна светлина и елементи од дрво, како и комбинацијата од винтиџ и нов мебел.

Љубители сме на минималистичкиот стил, секој украс си има посебно место, а голем дел декорации ги имаме направено сами.

Секогаш имаме вазна со свежо цвеќе, што поттикнува убава енергија и хармоничност.

За нас, домот е место каде што треба да ни биде најубаво и најпријатно, прибежиште во кое секогаш можеш да си дојдеш, што и да се случува надвор од него.

Магдалена Велевска (@magicinmyhome)

Текст: Home Style

Фото: Приватна архива

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.