Не, не е доволно да купите само едно цветче за да го претворите домот во еко-оаза

Совети за уредување

Со само неколку промени, вашиот стан може да стане вистинска еко-оаза…

Зелен или енергетско ефикасен објект не подразбира купишта на зеленило во домот, како што мислат повеќето од нас. Да се чуваат неколку билки не е штета, но за да го претворите просторот во еколошки погоден – мора да се позанимавате со различни аспекти во уредувањето.

„Ecofriendly“ подразбира станбената единица да има мала загуба на топлинска енергија и да троши многу помалку струја од стандардните станови. Иако звучи комплицирано, со помош на овие неколку совети ќе успеете да го постигнете тоа и во практика.

ИЗОЛАЦИЈА

Најважна ставка за заштеда на енергија, а и на пари, е термичка изолација на куќата или станот. Направете изолација доколку ја немате или додајте уште еден слој доколку сметате дека е потребно. Вградувањето нови, квалитетни прозорци е уште еден ефикасен начин за зголемување на енергетската ефикасност на својот дом. Можеби овие инвестиции ви изгледаат скапи, но долгорочно ќе ви се исплатат. И тоа повеќекратно!

ЕЛЕКТРИЧНА ЕНЕРГИЈА

Уште еден битен аспект е потрошувачката-заштедата на електричната енергија. Погрижете се вашите апарати да ја носат ознаката А+++, со што дополнително ќе ја намалите потрошувачката.

Заменете ги стандардните светилки со штедливи, создадете амбиентално осветлување со помош на ЛЕД-ламби и вградете потенциометри за дозирање на јачината на осветлувањето. Заштедата на енергија ќе биде веднаш видлива на месечната сметка за струја.

ГРЕЕЊЕ

Ако сте во можност, вградете термостат за контрола на температурата на греењето. Само одредете која температура најмногу ви одговара, а ако користите клима-уреди за греење, изберете апарати со највисока енергетска вредност. Не заборавајте дека и оваа инвестиција ќе ви се исплати повеќекратно.

Плус-совети:

Ако сте подготвени во својот дом да смените едно нешто, тогаш одлучете се за…

ЗАВЕСИ

Верувале или не, играат важна улога во изолацијата на станот и во заштедата на енергија. Кога се навлечени, значително ја зголемуваат топлината во просторијата и претставуваат дополнителен слој за изолација. Изберете завеси од квалитетни природни материјали за подобар ефект.

ЛУСТЕР

Висечки ламби со ЛЕД-светилки ќе придонесат за заштеда на енергијата и ќе го доближат вашиот простор до „eco-friendly“ стандарди.

МЕБЕЛ ОД ПАЛЕТИ

Мебел од рециклиран материјал е најдобар показател на вашата свест за зачувување на животната средина. Побарајте неколку отфрлени палети или гајбички и вдишете им нов живот. Ставете украсни перничиња за седење, а доколку сте вешти – бојадисајте ги во боја по желба.

За миг ќе добиете нов кауч, полици или масичка со романтичен изглед во еко-дух.

БИЛКИ И САКСИИ

Искористете ја секоја педа во просторот да внесете малку зеленило во него. Користете билки што го облагородуваат просторот и го освежуваат и го прочистуваат воздухот. Просторот ќе почне да добива изглед на зелена оаза и на екоархитектура. Набавете и саксии со најразлична форма во кои ќе ги засадите своите омилени билки.

Текст: Даниел Велевски

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.