На што мириса вашиот дом? Eдноставни и достапни начини за чистење на воздухот во куќата

Првиот впечаток за секој стан се формира штом ќе ја отвориме вратата и ќе ги вдишиме мирисите што доаѓаат од него. Во куќата во која мириса свежо и чисто, луѓето постојано сакаат да се враќаат, додека во домовите во кои мириса лошо, непријатно е не само за гостите туку и за домаќините да престојуваат таму.

За жал, појавата на непријатни мириси во станот не зависи секогаш од нас, но постојат едноставни и достапни начини за чистење на воздухот во куќата.

МИРИС ПО РЕНОВИРАЊЕ

По реновирањето и купувањето нов мебел, во станот долго може да останат специфични мириси, кои не се само непријатни туку се и штетни за здравјето. На пример, тука спаѓаат мебел изработен од иверица и МДФ (плочести материјали), како и ламинатни подови (ламинат), бидејќи содржат формалдехид, кој има штетен ефект врз човечкиот организам.

Мирисите на новите подни и други површини што се лакираат се исто така штетни. Непријатните мириси можете да ги неутрализирате благодарение на ароматичните освежувачи, а исто така можете да се ослободите од нив со помош на апсорбирачи на мирис. Сепак, сето ова само накратко ги маскира мирисите. Подобро е да се обидете целосно да се ослободите од непријатните мириси со народни средства:

* За да ги отстраните мирисите на мрсни (маслени) бои или други лакирани површини, треба да ставите сол во леѓен со вода, но растворот да биде доста концентриран. Чувајте го во станот неколку дена, повремено менувајќи ја водата.

* А од хемиските мириси на мебелот можете да се заштитите со сол во сув облик – едноставно распоредете го низ станот во чинии.

* Ќесињата со зелен или црн чај исто така се добри чистачи. Нив не само што можете да ги распоредите по собите туку и по плакари, полици, ноќни масички. По една недела, можете да ги тргнете.

* Новиот фрижидер долго време ќе го испарува мирисот на пластика, освен ако, се разбира, сте во можност да го приклучите во струја и да го оставите да работи без храна еден месец. А, исто така, можете и да го измиете и внатре и надвор со раствор од сода или оцет – тие ги неутрализираат сите непријатни мириси.

МИРИСОТ НА САПУН Е ПОДОБАР ОД МИРИСОТ НА БОЈА

По реновирањето, долго време не можев да се ослободам од мирисот на хемикалии во станот. Во тоа ми помогна обичен сапун. На сите достапни места ставив пластични чиничиња со парчиња сапун. Периодично го прскав со вода. Постепено оваа арома ги потисна непријатните мириси, открива Галина С., од Клин, Русија.

МИРИС НА ВРЕМЕ (СТАРИНА)

И стариот мебел може да ни здодее со непријатните мириси. И против нив може и треба да се бориме. Значи, еве неколку начини за отстранување на мирисот на стар мебел:

* Истријте го мебелот со влажна крпа натопена во раствор од калиум перманганат (хиперманган).

* Распоредете по фиоките и полиците сушена кора од цитрус или ванилин шеќер ставете на чинија и чувајте ја во плакарот.

* Во шолја ставете мелено кафе или ароматизирана сол за бањање и ставете ја во плакарот.

* Во тенџере зовријте вода со оцет, ставете ја до отворена витрина, а потоа добро проветрете ја собата. Исто така можете да направите раствор со поголема концентрација на оцет и со него да го истриете целиот стар мебел однадвор и однатре.

СОВЕТИ ВРЕДНИ ЗА ЗАБЕЛЕЖУВАЊЕ

* Непријатниот мирис на гниење (мувла) можете да го отстраните со третирање на ѕидот со вода со додаток од избелувач.

* Доколку непријатен мирис доаѓа од тепихот, истријте го со сода бикарбона и исчистете го.

* За да го одржувате воздухот во бањата секогаш свеж, ставете 20-25 таблети активен јаглен на хартија. Менувајте ги таблетите еднаш месечно.

* Во борбата против непријатните мириси што доаѓаат од фрижидерот помага сода помешана со ориз. Оваа мешавина треба да се истури во сад со дупки на капакот и да се стави во фрижидер. Менувајте ја мешавината еднаш на две недели.

* Мирисот од водоводните цевки нема да ви пречи доколку во одводот истурите остатоци од талог од кафе.

Сепак, најнепријатен е мирисот на чад од тутун. Ако веќе не можете да се ослободите од оваа штетна навика, тогаш можете да го отстраните мирисот на тутунот. Измешајте влажен песок со провансалски мирисливи билки (на пр. лаванда, роза…) и ставете го во пепеларник.

Текст: Бојана Стојменовиќ

Фото: Getty Images

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.