Микроградини: за презафатени и урбани

Презафатените љубители на градинарството, како и оние што немаат среќа да имаат сопствен двор, секогаш ќе најдат начин да посадат билка, да ја негуваат и да уживаат во набљудувањето на нејзиното растење.

Верувале или не, дури и ако во вашиот дом единствениот простор на кој можете да сместите билка е една полица или работната маса, не ви е ускратено уживањето во градинарството. Едноставно, свртете се кон микроградини.

Освен што се практични, микроградините се интересни и визуелно, па ќе ви послужат како украс на полиците, на масичката во работната соба… Минијатурните градини во теглички или терариуми почнале да се користа во 19 век во Англија за одгледување егзотични билки на кои им треба топла и влажна атмосфера. Првиот терариум, наводно, го направил забарот д-р Натаниел Вард, кој сакал да набљудува трансформација на инсект од ларва, ставајќи го во стаклен сад заедно со земја од градината. По некое време, од земјата никнале мали билки што опстанале и покрај тоа што садот бил херметички затворен.

Принципот на микроградина се темели на воспоставување кружен ток на вода и воздух. Билката преку коренот впива влага од супстратот, кој потоа испарува преку листовите и преминува во воздухот. Поради ладењето на ѕидовите на садот се создаваат капки роса, кои полека се лизгаат враќајќи се назад во земјата. Исто така кружат и јаглерод-диоксид и кислород. Кога билката асимилира, прима вода и јаглерод-диоксид, а наедно ослободува кислород. Истиот тој кислород билката повторно го користи за дишење, го преработува и го излачува назад во системот на јаглерод-диоксид.

Садење микроградина

За креирање минијатурни градини може да се употребат стаклени садови со различни облици и големини со или без капак. Заради полесна изработка, се препорачува во почетокот да се земе шише со отвор што е доволно широк за садење и за непречена нега на билките. Иако може да се користат обоени шишиња, важно е да се знае дека таквото стакло послабо пропушта светлина.

Пред садењето, стаклениот сад треба добро да се измие за да се избегне загадување со алги и габички, кои се појавуваат во влажно опкружување. Дното се прекрива со слој песок, околу 2 см, по што се додава супстрат приспособен за сукулентите, а во случај кога се садат лисни билки, се додава влажен компост за лончарки. Билката потоа нежно се вади од садовите и се истресува вишокот земја од коренот, се прави дупка за садење и внимателно се става билката, а површината околу неа се притиска со стапче или со парче тапа прицврстена на стапче. Кај терариум со лисни билки просторот помеѓу одделни билко може да се исполни со мов за да се забави исушувањето на супстратот. На крајот, билките треба добро да се полеат, а терариумот да се смести на светло место, каде што не е изложен на сонце. Ако шишето останува незатворено, треба повремено да се полева за да не се исушат и да не овенат билките. Сосема затворен терариум изискува малку или нималку вода.

Прикладни билки

При изборот важно е да се земат билки што се компатибилни кога станува збор за потребата за светло и влага. За терариум се подобри млади билки, бидејќи коренот им е доволно мал, па може лесно да се сместат во земја. Најдобро е да се изберат билки што сакаат влага и растат бавно, како африканска темјанушка (Saintpaulia), куќна среќа (Helxine soleirolii), бршлен (Hedera helix L.), сите видови папрат, Spathiphylluma, Chlorophytum comosuma и други. Во терариум, исто така, успеваат кактуси и други сукуленти.

Извор: Home Style

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.