Од чашите и чиниите до приборот за јадење – начинот на кој ги редите садовите може да направи огромна разлика во тоа колку добро ќе бидат измиени.
Правилното полнење на машината за садови изгледа како наједноставна работа на светот, но токму тука многумина прават грешки. Секој има свој начин на редење, но распоредот не е само прашање на тоа колку садови ќе соберете. Важно е водата и детергентот да можат да стигнат до сите површини.
Една од честите дилеми е дали садовите треба да се исплакнат пред да завршат во машината. Вообичаено нема потреба од темелно плакнење. Доволно е да ги отстраните поголемите остатоци од храна, особено оние што би можеле да завршат во филтерот. Со непотребното претходно плакнење само трошите дополнителна вода.
Чашите не ги редете каде било
Горната решетка е наменета за чаши, шолји и помали садови. Чашите треба да бидат свртени надолу, со благ наклон, за водата да може да влезе во нив и потоа лесно да се исцеди.
Шолјите не треба да се закачуваат преку преградите на решетката. Подобро е нивните рачки да бидат поставени меѓу преградите, за да не го попречуваат млазот вода.
Ако имате високи чаши, проверете дали горната решетка може да се спушти. Кај голем број машини висината може да се прилагоди, па така и поголемите чаши можат безбедно да се постават.
Чиниите секогаш кон средината
На долната решетка најчесто се поставуваат чиниите, но и нивниот правец е важен. Наместо сите да бидат свртени во иста насока, треба да бидат поставени така што нивната внатрешна страна ќе биде насочена кон центарот на машината.
Причината е едноставна – таму се наоѓаат прскалките кои треба директно да ја исперат површината на садовите.
Исто така, избегнувајте чиниите да се преклопуваат една со друга. Ако се премногу блиску, водата нема да може добро да помине меѓу нив.
Што со тавите, тенџерињата и приборот?
Поголемите садови можат да одат на долната решетка, но не секое тенџере е безбедно за машина. Особено внимание треба да се посвети на садовите од леано железо и оние со нелепливи премази, кои можат да се оштетат од високата температура и начинот на миење.
Кај приборот за јадење, ножевите е побезбедно да се постават со остриот дел надолу. Вилушките и лажиците може да бидат свртени нагоре, а нивното раздвојување во различни прегради може да помогне водата подобро да стигне до секое парче.
Дрвото и острите ножеви не се за машина
Некои предмети е подобро воопшто да не завршат во машината. Дрвените даски и приборот можат да се оштетат од комбинацијата на топлина и влага.
Исто така, честото машинско миење може да ги затапи острите ножеви, а чувствителните керамички и нелепливи премази може да се оштетат.
Најголемиот непријател е преполната машина
Можеби изгледа практично да се натрупа што е можно повеќе садови во едно миење, но премногу полната машина често значи послабо измиени садови.
Кога чиниите, чашите и приборот се премногу блиску еден до друг, водата и детергентот не можат да стигнат до сите места. Затоа, подобро е да оставите доволно простор меѓу садовите отколку по едно миење повторно да ги миете рачно.
Со неколку едноставни промени во распоредот, машината може да го заврши најголемиот дел од работата сама – а садовите да излезат значително почисти.
pexels- masina za sadovi