Грешки што се одраз на невкус и на недостиг од стил

Совети за уредување на домот

Следејќи ги трендовите, многумина често се губат во тоа, па ги прекршуваат основните правила на дизајнот. Еден од најбитните чекори при уредувањето на домот е изборот на боите. Тие многу влијаат на целокупната атмосфера, па и на расположението на домашните. Во продолжение следуваат некои од најчестите грешки што ги прават многумина кога ги избираат боите за својот дом.

1 Премногу бело

Кога е собата комплетно бела (бели ѕидови, под, теписи, мебел, столарија), целокупниот простор изгледа многу монотоно. За да го спречите тоа, вметнете неколку интересни детали со впечатливи бои. На пример, перничиња, завеси, тепих, слики или некоја друга ѕидна декорација, декоративна ламба… Белата прави токму убавите колоритни детали да избијат во прв план, затоа искористете ја оваа нејзина предност.

2 Упадливо зонирање

Кога се во прашање становите од отворен тип, луѓето често грешат кај зонирањето на просторот со бои. Тоа значи поделба на ѕидовите по зони со помош на различни бои. Меѓутоа, често се случува во станот всушност да не е неопходна таква поделба или да може да се направи на дискретен начин со тапети со дискретен дезен, тепих, спуштен таван…

3 Следење на трендовите

Доколку слепо ги следите трендовите, големи се шансите да ги прекршите дури и оние основни правила во дизајнот на ентериерот. На пример, недостигот од контраст во соба со бежова боја прави целата просторија да изгледа како кутија, токму поради едноличноста и монотонијата. Решението е просторот во кој царува неутрална боја да го збогатите со различни светлосни извори, како и со слики на ѕидовите.

4 Осветлување

Секогаш имајте на ум дека боите во станот изгледаат поинаку на природна дневна светлина, а поинаку ноќе, под вештачко осветлување. За тоа особено треба да се води сметка при избор на потемни тапети или бои за ѕидови – задолжително поставете повеќе ламби и светилки.

5 Боја на подот и на таванот

Бојата и материјалот подот, како и на теписите и патеките, избирајте ги истовремено со остатокот бои во станот. Теписите и подот многу влијаат на целокупната импресија, а истото тоа важи и за таванот.

6 Погрешно комбинирање на боите

При комбинирањето на боите во просторијата секогаш на една треба да ѝ дадете приоритет, таа да биде доминантна и во фокусот. Значи, не може сите бои да бидат еднакво застапени. Главната боја треба да зазема најмалку 60 отсто од вкупниот простор.

7 Поигрување со контрастот

Играњето со бои што се контрастно спротивставени е многу ризично – речиси секогаш сте на границата помеѓу добар стил и лош вкус. Значи, теоретски боите што сте ги избрале може да се согласуваат, но во вашиот простор тоа воопшто да не изгледа така. Затоа е најдобро да се посоветувате со дизајнер на ентериери, односно тој да ви направи на компјутер визуализација на вашиот простор, да видите како би изгледало тоа.

8 Премногу живописни бои

Премногу светли, впечатливи бои на едно место лесно може да резултираат со многу лош ефект, па дури да дејствува иритантно. Ако баш сакате јак колорит во својата дневна соба, како и во претходната варијанта, ве советуваме при уредувањето да ви помогне дизајнер на ентериери. Во спротивно, најдобро е да се држите до златната средина и да бидете умерени.

9 Монохроматски стил

Собата многу подобро изгледа кога не е во целост еднобојна. Секако дајте ѝ приоритет на својата омилена боја, но едноличноста разбијте ја со детали во други бои.

Текст: Home Style

Фото: Getty Images

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.