ЕНТЕРИЕР: Фантастична игра со контрасти

Совети за уредување

Светло-темно, грубо-мазно, топло-ладно… Ефектните контрасти му дале впечатлив карактер на овој, во суштина, едноставно уреден пентхаус, чиј дизајн е потпишан од „Блекхаус Керол Цеплински архитект“.

Проектот наречен „Пентхаус ПK43“ е потпишан од „Блекхаус Керол Цеплински архитект“. Станува збор
за пентхаус од 148 квадратни метри во Краков, кој архитектот го осмислил како во основа едноставен, но во исто време и многу впечатлив простор со силен карактер.

Неговиот визуелен идентитет се заснова на силни контрасти, пред сѐ во текстурата и „топлината“ на материјалот.

Така, на пример, совршено полираниотбетонски под е спротивставен на грубиот таван, ладните бетонски елементи се „стоплени“ со природни материјали, како што се дрво и кожа, а во целиот простор се провлекуваат и светло-темни контрасти.

Сите горенаведени карактеристики на просторот се протегаат низ целиот ентериер, а очигледни се уште во фоајето. Во оваа минималистичка уредена просторија до полн израз дошле природните текстури на материјалот со неутрални нијанси, а впечатлив детаљ е необичната конзола во форма на масивна дрвена греда.

Овој елемент, заедно со огледалото со црна метална рамка и со шинското осветлување, кое ја нагласува издолженоста на ходникот, го дополнил индустрискиот шмек на бетонските површини.

Отворената дневна соба, сместена во голема просторија на аголот на повеќекатницата, од две страни е осветлена со големи прозорци.

Застаклениот агол го следи голема аголна гарнитура во дневната соба, на која друштво ѝ прават клуб-масичка во индустриски стил и црна кожена фотелја, сместена на подна
простирка од јагнешка кожа.

Индустриската естетика, која во ентериерот ја внесле бетонските површини на подот и таванот, е дополнета со шинско осветлување и кабли за проектор, кои се протегаат по должината на таванот.

Покрај гарнитурата за седење и медиумските уреди, во дневната соба има само библиотека и атрактивна декоративна ламба.

Бидејќи оваа зона е исполнета со дизајнерски парчиња што ја следат архитектурата на просторот, создадена е хармонична целина на која не ѝ е потребна дополнителна декорација.

Единствениот украсен елемент што се провлекува низ целата дневна соба се зелените билки во саксии.

Кујната се наоѓа во вдлабнатиот дел од просторијата, додека трпезаријата претставува транзициска зона помеѓу неа и дневната соба.

Дрвената трпезариска маса со шест стола со едноставен дизајн во суштина е сè што се наоѓа во оваа потцелина.

Масата е нагласена со еден пар метални црни висулки што ја осветлуваат нејзината површина, како и со голем цветен аранжман, кој се надоврзува на билната декорација во остатокот од дневната соба.

Кујната ја следи индустриската естетика на ентериерот. Во нејзиниот центар има остров со вградена плоча и мијалник, додека по должината на ѕидот, на дното од кујната има низа елементи со работна плоча.

Овие елементи, како и островот, содржат корпуси за складирање со црни фронтови, кои се сместени во експресивна црна конструкција.

Индустрискиот шмек е комплетиран со работна плоча од инокс.

Бањата е наједноставно уредената просторија. Таа е речиси целосно бела, само со понекој дрвен детаљ и сив зад мијалникот. Плочите во декор од дрво овде се многу ефикасно искористени – како облога за практичните ниши што се наоѓаат на неколку места: над и покрај тоалетната шолја, како полица за козметика, односно за тоалетна хартија, како и во рамките на кадата, исто така во функција на полица.
Спалната соба е исто така сместена во просторија на агол и е застаклена од две страни. За да се обезбеди приватност, прозорците се дополнети со црни, целосно непроѕирни завеси, со кои се стоплиле елементите по должината на прозорците: дизајнерска подна ламба, фотелја и работна маса. Поинтимна атмосфера во оваа инаку прозрачна и пространа просторија е создадена со обложувањето на подот, таванот и на ѕидот зад креветот со дрво.

По должината на цел еден ѕид во спалната соба се протега вграден плакар. Иако е во иста просторија со делот за спиење, плакарот со третманот на површините визуелно се дефинира како посебна целина. Наместо темни и топли тонови во спалната соба, тука подот и таванот се направени во бетон, додека минималистичките фронтови на плакарите се бели. Издолженоста на оваа зона дополнително е нагласена со шинско осветлување.

Текст и фото: Home Style

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.