Едноставни промени во амбиентот за придвижување на енергијата во секое катче!

Природата во домот

Фото: Getty Images

Подолгите денови и сончевото сино небо во оваа доба од годината се освежителна промена. Во атмосферата кружи посебна енергија, која е добро да ја пренесеме и во просторот во кој живееме. Како? Едноставно!

Бидејќи опкружувањето влијае на расположението и на начинот на кој размислуваме, декорирајте го домот во согласност со актуелната сезона, а напролет тоа се мирисот на свежото цвеќе и прозрачноста на просторијата, кои носат чувство на живост и енергија што придвижува.

За среќа, овие промени не бараат многу пари, ниту, пак, комплетно реновирање на домот, па затоа ви предлагаме едноставни промени во амбиентот за придвижување на енергијата во секое катче!

1 НЕКА ЦУТИ!

Сите студии укажуваат на придобивките од престојот во природа – расположението се подобрува и се чувствувате посмирено. Затоа, внесете ја природата во својот дом! Големите гранки со цветови или поголем букет пролетно цвеќе гарантирано ќе внесат здив на пролетта во домот.

Природното цвеќе е прекрасно за око, а истовремено симболизира нов почеток и ја истакнува важноста на природата во поширока слика на светот. Избирајте гранки со поголем број пупки што не расцутиле. Така ќе можете да уживате во својата мини-природа во домот подолго време, дури и неколку недели.

Фото: Getty Images

2 СТАВЕТЕ ЧИНИЈА СО ОВОШЈЕ НА МАСАТА

На масичката во дневната соба, трпезаријата или на пултот во кујната ставете чинија полна со овошје или со зеленчук. Исто така, можете да распоредите и неколку помали садови со овошки низ просторот – тоа постојано ќе ве потсетува на изобилството свежи намирници што ги носи пролетта.

Освен што станува збор за естетски допадливи аранжмани, тие ќе ви предизвикаат и пријатно чувство поради новото будење на природата, а веројатно ќе ве инспирираат да јадете и повеќе сезонски овошки – јагоди, вишни, цреши.

Артичоките се доста декоративни и визуелно интересни, долго време остануваат свежи, а и доста се хранливи и корисни, па можете и нив да ги ставите во чинија.

3 ПРОГЛЕДАЈТЕ… НИЗ КРИСТАЛНО ЧИСТИ ПРОЗОРЦИ!

Измијте ги прозорците! Иако можеби ви звучи смешно, ќе се изненадите колкав е бројот на луѓето што забораваат да ги исчистат, спречувајќи на тој начин чистиот зрак да влезе во просторијата.

Светлината внесува живот и радост, па затоа треба непречено да поминува низ прозорското стакло. Доколку секојдневно се изложувате на дневна светлина, во организмот ви се лачи поголемо количество серотонин, кој помага за совладување на анксиозноста и придонесува да се чувствуваме позадоволно.

Исто така, штом сонцето ќе тропне на пенџерето, отворете ги прозорците и оставете ги отворени додека ви дозволува температурата на воздухот. Свежиот воздух, сонцето, топлината – сето тоа внесува енергија во домот.

4 ОСВЕЖЕТЕ ГО ПРОСТОРОТ ЗА РАБОТА ОД ДОМА

Повеќемина од нас и понатаму работат од дома поради пандемијата на коронавирусот, па без разлика дали станува збор за работна соба или за катче приспособено на новите услови на работа, кај повеќето од нас овој простор е занемарен во поглед на уредувањето. Имајте на ум дека мали промени би можеле да внесат свежина и да ве мотивираат на многу попродуктивна работа.

За почеток, внесете повеќе бои во просторот. Тоа може да бидат само детали – нова подна простирка, завеси, мирисливи свеќи, врамени плакати и др. Опкружете се со предмети што имаат сентиментално значење за вас, како што се фотографии или некој сувенир од патување. Идеите се многубројни, но само вие знаете што остава најголем впечаток кај вас и што ве придвижува.

5 ЗАМЕНЕТЕ ЈА ПОСТЕЛНИНАТА

Почнете да користите постелнина од лесни материјали во свежи бои. Времето поминато во спиење, како и амбиентот на вашата спална соба се исклучително важни за здравјето. Некаде во овој период е добро да ја замените топлата зимска постелнина со онаа од лесен материјал и нежна боја – тоа сигнализира дека е време за будење!

Фото: Getty Images

6 КРЕИРАЈТЕ СРЕЌНО ОПКРУЖУВАЊЕ

Закачете нова слика на ѕидот – оптимистична и ведра – и таа ќе ви го исполни просторот со позитивни вибрации. Не мора да станува збор за нешто скапо. Постер или некој добар принт се доволно ефектни. Услов е тоа што ќе го изберете да остава позитивен впечаток кај вас и да ви буди позитивно расположение.

Пишува: Бојана Стојменовиќ

Фото: Unitedphotostudio1/Istock Via Getty Images

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.