Бања што се одржува лесно

Без оглед на тоа колку сте посветени на одржувањето на хигиената во бањата, во оваа просторија е неминовно со текот на времето да настануваат трајни дамки.

Еве неколку решенија што ќе ви заштедат доста време потребно за одржување на бањата, но и ќе го одложи моментот кога е неопходно да се заменат одделни елементи.

1 Плочки со голем формат

Фугите помеѓу плочките се детаљ што често го нарушува изгледот на целата бања бидејќи, како што веројатно знаете и сами, во нив се насобираат нечистотии и мувла, кои е многу тешко да се отстранат. Затоа не е тешко да се заклучи дека колку има помалку фуги, толку ќе има и помалку работа при чистењето на бањата, а за да го постигнете тоа, одберете плочки со голем формат – колку се поголеми плочките, толку ќе има помалку фуги.

2 Кварц наместо природен камен

Доколку сте љубител на природен камен и сакате да ја разубавите својата бања со плоча од овој материјал, ви препорачуваме да размислите, наместо него, да примените кварц. Кварцните плочи и плочки се состојат во најголем дел од самиот кварц, минерал што се наоѓа во основата на гранитот, давајќи му исклучителна цврстина. Нему во производството му се додаваат различни сврзувачки материјали, кои му даваат уште подобри перформанси во однос на природниот камен, правејќи го многу атрактивен, квалитетен и траен материјал за уредување ентериери.

Тој е достапен во широка палета бои и дезени, вклучувајќи го и веродостојниот изглед на каменот. Меѓутоа, за разлика од природниот камен, неговата површина е непорозна, што го прави многу поотпорен и полесен за одржување.

3 Добра завршна обработка

Славините и металната галантерија во бањата со текот на времето се претвораат во вистински кошмар за чистење.

Овие елементи во завршната обработка најчесто се хромирани, но нивниот блескав сјај многу брзо исчезнува поради таложењето каменец, како и отпечатоците од прстите што остануваат на нив по секое користење.

Поради тоа, разгледајте ја идејата да изберете славини и други детали со попрактична завршна обработка, која е поотпорна на споменатите траги и на која тие се помалку уочливи: четкани, бакарни, бели…

4 Подлога за туш во нивото на подот

Еден од најпопуларните трендови во уредувањето на бањата, туш во нивото на подот, најчесто се изведува така што во просторот наменет за туширање се поставува само адекватен одвод, додека неговата подлога ја прават подните плочки што го прекриваат и остатокот од просторијата. Меѓутоа, фугите помеѓу плочките претставуваат еден од најпредизвикувачките елементи за одржување, а во зоната на тушот ризикот од појава на мувла и пропаѓање на фугите е уште поголем, со оглед на тоа што таа е најизложена на вода и влага. Поради тоа, многу попрактично решение е, наместо стандардните подни плочки за обложување на подот во рамките на туш-кабината, да одберете подлога специјално наменета за тоа. Реномираните производители на опрема за бања постојано работат на развој на материјалите приспособени за оваа намена, кои се исклучително отпорни, лесни за одржување и, што е најважно, претставуваат удобна и безбедна нелизгачка подлога.

5 Туш-преграда без рамка

Доколку имате туш-кабина, ви препорачуваме да ја одвоите со преграда без рамка. Иако ваквото решение е поизискувачко за квалитетна изведба, а со самото тоа и поскапо, тоа ја оправдува својата цена најпрво со елегантниот изглед, а потоа и со практичноста. Рамките на преградите и на вратата на туш-кабината се идеално место за насобирање разни видови нечистотија, а доколку таа се вовлече помеѓу стаклото и рамката, речиси е невозможно да се отстрани.

6 Антикаменец-заштита на туш-параванот

Туш-параванот или вратата на туш-кабината се уште еден елемент на кој се таложи каменец, што го нарушува целокупниот изглед на просторијата. За среќа, за тоа постои ефикасно решение – антикаменец-заштитата, која може да биде во вид на премаз или фолија. Додека фолиите се наменети исклучиво за преградите на туш-кабината, премазите може да се нанесуваат и на други елементи – глазирани плочки и санитарии. Меѓутоа, нивниот недостиг е во тоа што со текот на времето се „трошат“, па заштитата треба да се повторува.

7 Практична тоалет-шолја

За чистење на тоалет-шолјата и просторот околу неа често се неопходни акробатски пози за да се дофатат сите елементи. Најнепристапен е делот зад тоалет-шолјата, а доколку тука се наоѓа и одводната цевка што оди во ѕидот, работата дополнително се компликува. Поради тоа, доколку одводот за тоалетот се наоѓа во ѕидот, одберете шолја кај која одводната цевка не е видлива, туку е обложена со мазна керамика, која се брише лесно. Уште поедноставна опција за одржување се конзолните тоалет-шолји, кои по правило немаат многу кривини и вдлабнувања во кои може да се насобира нечистотија, а исто така овозможуваат лесно чистење на просторот околу и под неа.

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.