Aпсолутен хит оваа година: Посебната нијанса темносина

Боја на годината

Иако е многу тешко да се следи, во дизајнот на ентериерите како и во модата, секоја сезона донесува некои хит-парчиња, бои и ткаенини.

Блек-флејм или блек-индиго е бојата за која сега веќе сигурно се знае дека ќе биде една од најпопуларните оваа година. Станува збор за многу темна нијанса на сината боја, која речиси навлегува во црна, меѓутоа сепак е малку потопла, поблага и покомплексна.

Многумина што живеат во мали станови избегнуваат употреба на темни бои, меѓутоа тоа не е секогаш оправдано. Факт е дека, доколку претерате со темните тонови, лесно можете да го направите својот и така мал дом уште помал и потесен, меѓутоа доколку ги употребите паметно, главно на детали и на некои помали површини, просторот ќе поприми доза на луксуз и елеганција.

Моќна и мистериозна. Индиго-бојата многумина асоцира на егзотика, со оглед на тоа што потекнува од Индија. Можеби затоа и не престанува да ги инспирира дизајнерите, резултирајќи секогаш со некои нови, интересни тонови. Богата, полна, драматична, индигосината е боја што се провлекува низ различни временски периоди и стилови. На спектарот на бои се наоѓа помеѓу сината и виолетовата.

Моќта на оваа боја варира во зависност од тоа како се користи. Ако ја користите во детали, може да ја „подигне“ атмосферата на целиот простор. Но, ако невнимателно ја користите на поголеми површини, може да изгледа мрачно. Просторите што се архитектонски едноставни, индиго-сината ќе ги направи поинакви и поинтересни.

КОМБИНАЦИЈА НА СЕЗОНАТА

Индиго-сината не е боја за секаков простор. За да ја користите, па дури и за акцентирање на деталите, претходно треба да размислите за комбинацијата на боите.

Комбинацијата на сива и индиго-сината е олицетворение на елеганција, решителност и јасно дефиниран стил – малку е „машка“, а истовремено силна и суптилна. Ова е спој што лесно се вклопува во атмосферата на станот, и на мошне интересен начин ја „гушка“ просторијата, создавајќи добри вибрации. Во зависност од начинот на употреба на боите, домот може да биде со поп, еклектички, чисто модерен или со винтиџ-дух.

Оваа комбинација, иако сама по себе е многу силна, не исклучува присуство на други бои. Посветли нијанси сина исто така може да се вклучат во овој состав, а со црна и бела, се разбира, нема да згрешите.

НЕКОЛКУ СОВЕТИ ЗА ПРИМЕНА НА ИНДИГО-СИНАТА

– Не плашете се од примена на „јаки“ бои. Ако сакате индиго-сина на ѕидовите, полесна варијанта е на еден дел од ѕидот да залепите тапет во оваа боја, па ако не ви се допадне, лесно ќе го извадите.

– Бидејќи е многу ладна боја, можете да ја искористите во дневниот престој или во зоните предвидени за одмор, како библиотеката.

– Не морате да ја користите само за ѕидови или за детали. Можеби би било поинтересно ако ја искористите на некое парче мебел, како клуб-масичка, или, на пример, некоја предимензионирана ламба или лустер.

– За постигнување винтиџ-шарм, користете порцелански садови, вази и чинии во индиго-сина боја.

– Експериментирајте! Има толку многу добри и неочекувани комбинации. Индивидуалноста секогаш се цени.

Кујна, тоалет, детали…

Кој вели дека тоалетот мора да биде во светла боја? Пробајте плочки или мозаик во идниго-сина и уживајте во целосно новата визура на просторот во кој секојдневно престојувате.

Кујна во оваа нијанса исто така може да изгледа спектакуларно.

Ако не сте сигурни дали ќе ви се допадне, почнете со некое деталче во индиго-сина нијанса, како ваза, саксија или рамки за слики.

 

 

 

Прочитајте и

Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Сакаш посебен третман?
Зачлени се во елитниот клуб. Регистрирај ја својата е-адреса и добивај специјални понуди и вести
Одјава е можна во секое време