30 идеи за уредување на дневната соба

Ве инспирираме!

Во претстојната сезона, покрај уживањето во различните свечености во кругот на семејството и драгите пријатели, сигурно ќе почнете да размислувате за адаптирање и реновирање на својот дом. Некои ќе планираат да купат или да изработат ново парче мебел, некои ќе менуваат повеќе работи одеднаш, а некои ќе треба да се справат со целосно реновирање.

Доколку ви требаат идеи, ние секогаш сме тука да ви помогнеме. На следните страници ви претставуваме 30 идеи за уредување на вашата дневна соба.

1 ОДРЕДЕТЕ ЈА НАМЕНАТА

Главното парче мебел во дневната соба е, секако, софата. Пред да почнете да посетувате салони во потрага по нов модел, многу е важно да решите некои работи – дали таа ќе служи само за седење или за постојано, односно повремено спиење.

Имено, честото спуштање на гарнитурата или софата во лежај наметнува потреба од исклучително цврста конструкција и ултраквалитетен механизам. Кога станува збор за бојата, ако станот е помал, изберете посветла, неутрална, која ќе оживее со детали, како што се украсни перничиња и табуретки.

2 ХЕДОНИСТИЧКИ

Ако крајот на денот речиси секогаш го дочекувате дома, легнати на софата, тогаш кога купувате нова, изберете една од оние со продолжен додаток за нозете, тапацирани потпирачи за рацете и удобни перници/потпирачи за грбот.

На двојките со мали деца им се советува дека е најдобро да изберат материјал за кој се наведува дека во процесот на изработка на ткаенината е применета посебен тефлон-технолошка обработка, бидејќи тоа е гаранција за отпорност на дамки и лесно одржување.

3 ШАРЕНА СОФА

Амбиентот во дневната соба можете да го промените многу лесно, и тоа со помош на ткаенини.

Дали ќе биде тоа софа, табуретка или модуларен тросед сосема е сеедно.

Ако не сте склони на големо експериментирање, фотелја во живописна боја е сосема доволна, додека на оние похрабрите им предлагаме да ја тапацираат модуларната софа така што елементите од кои се состои нема да бидат обложени со иста ткаенина.

4 КАДИФЕНА ДНЕВНА

До неодамна избегнувано како знак на кич, кадифето се врати во ентериерите како во деталите така и на поголемите парчиња мебел. Зошто да не му дадете на вашиот стар кревет нов изглед, тапациран со кадифе, за да ја освежите целата дневна соба?

Фотелјите или табуретките во овој материјал се исто така естетски привлечно решение, а расфрлани перничиња со кадифена навлака ќе ви помогнат да постигнете елегантен изглед во амбиентот.

5 ИСКОРИСТЕТЕ ЈА НИШАТА

Сместена помеѓу три ѕида, клупата правена по мера станува удобна зона за седење и одмор. Ѕидната облога и душекот во земјена сиво-бежова нијанса дополнително влеваат чувство на топлина во домот. Повторувањето на мотивите на перниците и завесите, како и скромната палета на бои, ја заокружуваат комфорната концепција на просторното уредување.

6 ОПКРУЖЕТЕ СЕ СО БИЛКИ

Ако не сте во можност да обезбедите вчудувачки поглед на опкружувањето, внесете во просторот билки во саксии. Тие целосно ќе го променат доживувањето на просторот, особено ако има повеќе или имаат поголеми димензии.

Ставете ги на места што ги задоволуваат условите за нивниот опстанок и развој. Совет: бетонските саксии се особено атрактивни во модерните ентериери, а вие можете да ги направите сами и да ги обоите со боја по ваш избор.

7 ЗАЛУЛАЈТЕ СЕ

Ако имате место да создадете свое хедонистичко катче – направете го тоа. Овие лулашки се изработени од плексиглас, метал, прачки… затоа изберете модел што најдобро одговара на стилот на редување во дневната соба.

8 КОМБИНИРАЊЕ ПО ЖЕЛБА

Ваквиот систем за мебел работен по нарачка дава можност индивидуално да ги позиционирате елементите, кои може да бидат во различни бои и големини, од отворен или затворен тип, со врата во форма на капак или со лизгачки механизам.

Најдобро од сѐ е тоа што овие елементи по некое време можете да ги дополните со исти или слични или да направите поинаков распоред.

9 ПОД ПРОЗОРЕЦ

Овие практични парчиња мебел се идеални кандидати за простории со високи прозорци и релативен недостиг од ѕидна површина за поставување мебел. Ако меѓу моделите што се нудат во салоните не наоѓате парче за себе, едноставно направете комода по мера на просторот.

Благодарение на големиот избор на плочести материјали и дополнителни детали и опрема, како што се врати, фиоки, механизми за отворање, ЛЕД-осветлување, мебелот може да се конфигурира точно во согласност со потребите.

10 ОТВОРЕНИ ПОЛИЦИ

Полиците за книги, декоративни предмети, врамени фотографии не мора секогаш да се вклопуваат во класичен плакар или само прицврстени на ѕид. Многу атрактивно решение е токму ова на фотографијата – белите медијапански полици се прицврстени на ѕидот на кој претходно се прикачени дрвени летви.

11 ДА ЖИВЕАТ БОИТЕ

Невообичаено решение, но сигурно прифатливо за секоја модерно уредена дневна соба. Хоризонталните полици, изработени од медијапан, се со различни бои и се сечат вертикално во црна боја. Ваквото решение се прави по мера на просторот, така што можете сами да го осмислувате бројот на хоризонталните елементи, како и положбата на вертикалните.

12 СКРИЕНО ПОД СЛИКА

Иако вакво решение за телевизор ретко се гледа, тоа во никој случај не значи дека не е изводливо или е непривлечно – напротив. Од плочест материјал е направена „кутија“, во чии рамки се наоѓаат телевизорот и неколку полици, која целосно се затвора со лизгачки механизам. Кога не се користи, телевизорот не е видлив, односно неговото место го зафаќа атрактивна слика.

13 МАЛИ, НО НЕ И НЕБИТНИ ДЕТАЛИ

Ги средивте ѕидовите, избравте мебел, подни облоги и завеси, но еден мал детаљ сепак излегува од контекстот? Сигурни сме дека станува збор за прекинувачи и приклучоци, за кои воопшто не размислуваме, додека не погледнеме на штотуку средената дневна соба. Останува да се позанимаваме и со нив. На пазарот има различни модели на прекинувачи и приклучоци што ќе се вклопат во секој ентериер.

14 ПОМЕЃУ ПОЛИЦИТЕ

Преградата што одделува две простории или различни функционални целини, како што се на пример дневната зона и работното катче, исто така може да биде и место за ТВ. Особено добро решение е уредот да може да се ротира и да се гледа од двете простории.

15 КЛУБ-МАСИЧКА

Мала но многу важна, особено кога сакате да оставите весници, далечински, чаши, но и да спуштите чаша од омилениот пијалак. Во малите станови најдобро е да биде лесна, заради полесно пренесување на посакуваното место, може дури да бидат и 2-3 парчиња, но дизајнирани така што ќе можат да се вклопат една под друга. Ако вашата дневна соба е поголема, слободно поставете две, дури може да бидат од различен тип, материјал и боја.

16 2 ВО 1

Многу практично решение за опремување во дневната соба, а истовремено и многу трендовски, секако се табуретките, кои освен за седење, може да послужат и како масички, бидејќи преку нив има метален додаток со рамна површина.

17 КАМИН ИЛИ…?

Изгледа како вистински, но не е. Имено, ако толку многу ви се допаѓа камин и сакате да имате во својот дом, а немате технички услови за да го поставите, постои решение – можете да направите лажен камин. Кога станува збор за материјалот, можностите се големи. Имено, можете да најдете готови елементи за негова изработка, но ако немате доволно среќа, лесно се прави од дрво, гипс, медијапан. Наполнете ја внатрешноста со цепеници или фенери со свеќи.

18 … ПАК КАМИН!

Во овој случај навистина ќе уживате во погледот на пламените јазичиња што ќе внесат топлина во домот во студените зимски месеци, правејќи ја атмосферата попријатна. Најдобро од сè е што ни за овој не мора да имате оџак, бидејќи станува збор за производ што троши биоетанол.

19 ВПЕЧАТЛИВ ДЕЗЕН

Во повеќето станови денес како подна облога гледаме паркет и ламинат – што е одлично, затоа што се убави и лесни за одржување. Ако се во совршена состојба, нема потреба да ги покривате со големи теписи. Тепихот во овој случај треба да го покрие централниот дел од собата. И слободно изберете модел со живописни бои и впечатлив дезен, особено ако софата и фотелјите се сиви или црни. На овој начин ќе внесете живост во амбиентот.

20 ЕЛЕМЕНТИ НА КОИ СМЕТАМЕ

Ако во дневната соба сè е под конец до тој степен што се чувствувате како да сте зачекориле во салон за мебел – гарнитура до ѕидот, ненаметлива клуб-маса, тепих со неутрални бои, тогаш ви се неопходни елементи што ќе ја кренат атмосферата и ќе го привлечат вниманието на секој што ќе влезе во просторијата. Може да биде некоја атрактивна слика или подна ламба во светла боја.

21 ПОВЕЌЕСЛОЈНО

Порано завесите беа токму тоа – детаљ што ќе ја зачува вашата приватност, а и немаше голем избор кога станува збор за моделите. Денес, ситуацијата е сосема поинаква – освен класични и драперии, можете да изберете панел, роло, римски, зебра… Ентериерот ќе изгледа побогато ако се одлучите за два, па дури и три вида завеси, на пример драперии и роло, или драперии, класични и плисирани.

22 ИСТАКНАТО ПОЛЕ

Ако дневната соба сте ја уредиле така што во неа нема плакар во кој ќе биде поставен телевизорот, туку сте решиле да го фиксирите на самиот ѕид, тогаш ви предлагаме таа површина да ја направите поатрактивна – со помош на различни бои. Во случајот на фотографијата, направена е и рамка од метални профили, обоени во црвено, која тука има исклучиво декоративна улога.

23 ИСТАКНЕТЕ СЛИКИ

Секој простор изгледа поубаво ако на ѕидовите има некоја декорација, а секако најубаво е уметничка слика. Постојат неколку начини да ја истакнете – со позицијата во просторијата, бојата на ѕидот, осветлувањето. Во овој случај токму темната боја на ѕидот е одлична основа за масло на платно во светли бои.

24 ОГЛЕДАЛО НА ВИСТИНСКОТО МЕСТО

Дневна соба без многу светлина честопати изгледа депресивно. Меѓутоа, ако го поставите огледалото на вистинското место, кое ќе ја рефлектира светлината што влегува низ прозорецот, просторијата ќе изгледа посветло, а со самото тоа и поголемо.

25 ГОЛЕМ ЧАСОВНИК

Покрај тоа што ја има својата примарна функција за покажување на времето, часовникот може да работи многу ефикасно, особено на ѕидот што делумно ги дели трпезаријата и дневната соба. Направете си ефектен модел како што е овој на фотографијата – со броеви со различни големини и материјали.

26 НАТПИС НА ЅИДОТ

Модерно уредените ентериери, особено ако сопствениците се млади луѓе, секогаш ги краси некој несекојдневен акцент, како што се необично осветлување, уникатно парче мебел или, на пример, некои натписи на ѕидот, како што е направено во овој стан. На црниот ѕид се испишани букви во окер боја, како што е софата во дневната соба.

27 ТАПЕТИ

Како што веќе знаете, тапетите речиси не излегуваат од мода, особено затоа што се достапни во сите можни бои и дезени, како и во релјефни дизајни, кои можете да ги обоите како сакате. Дневната соба на фотографијата има тапети „милан“, кои ги произведува „Греам и Браун“’.

28 ДЕКОРАТИВНА ТЕХНИКА

Меѓу различните материјали за завршна обработка на ѕидовите, особено се популарни декоративните малтери. Мешавините од гипс ви овозможуваат да создадете доста прецизна имитација на различни површини. Најчесто користени премази за декорација на ѕидовите во дневната соба секако се имитација на бетон и природен камен. Во овој случај, дел од ѕидот не е обоен, односно е во природна боја на малтер, а другиот дел е обоен сино.

29 СИНИ ВАЗНИ

Набавете стари аптекарски садови или огноотпорни вазни, исчистете ги и нанесете ја бојата што ја сакате во онолку премачкувања колку што се потребни за да се постигне оптимално покривање. Оставете четири дена да се исушат, а потоа садовите ставете ги во загреана рерна да се запечат на 160 степени C.

Кога вазните ќе се изладат, еден сегмент на нив покријте со молерска лента и ограничената површина премачкајте ја со сјаен лак. Почекајте да се исуши лакот, па извадете ја лентата – со оригиналните вазни украсете ја комодата во дневната соба.

30 СОКРИЈТЕ ГИ РАДИЈАТОРИТЕ

Маските за радијатори, покрај основната функција да се скрие не многу привлечното грејно тело, може да имаат и дополнителна функција – на пример, како место за вазни, чинии, врамени фотографии…

Сепак, најважно е маската да не ја нарушува добрата циркулација на воздухот и да може лесно да се отстрани.

Се изработува главно од плочести материјали и метали и, како таква, лесно се вклопува во ентериерот на деловниот простор и домот.

Текст и фото: Home Style

 

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.