Вкусовите на Израел: Ви претставуваме 3 израелски специјалитети

Гастрономско патување

Оваа земја ја населиле доселеници од над 70 земји, а секој од нив со себе ги понел рецептите од својот крај. Замислете го само гастрономското богатство на оваа разновидна кујна!

Додека ги испробувавме овие рецепти, дознавме дека израелската кујна ја сочинуваат јадења од целиот свет: официјалната статистика вели дека во Израел има доселеници од над 70 земји, така што израелското мени е навистина збогатено со многу разновидни традиционални јадења од речиси сите краишта на светот.

Доминантна е медитеранската кујна, следува ориенталната, а присутни се и јадења што ги донеле Евреите кои порано живееле во Русија и во централна Европа.

Израел е пустинска земја, во која се одгледува зеленчук и овошје што ги има и кај нас. Иако растат во песок, вкусот им е фантастичен, бидејќи впиваат многу сонце.

Кај нас кога ќе се спомне цимет, сите прво помислуваме на пита со јаболка. Но Израелците овој зачин го употребуваат во многу солени јадења. Тоа многу ми се допадна, исто како и комбинациите на слатко и солено.

Кај нив сите активности прекинуваат од петок попладне до сабота навечер, па тогаш се готват јадења што се вкусни и следниот ден или такви за кои можат да се приготват состојките, а да се соединат и испечат или сварат во сабота.

Шакшука

Потребно за 2 лица: 300 г колбаси за скара, 5 чешниња лук, половина луто пиперче, 1 кг домати, 4 јајца, 1-2 лажички сладок црвен пипер,1 лажичка буковец, сол, црн пипер, масло

Приготвување: Во тава, на средно жешко масло, пропржете ситно сечкан лук и луто пиперче. Често мешајте. Додајте ги колбасите сечкани на парчиња. Пржете 2-3 мин., па додајте ситно сечкани домати. Ставете сол и црн пипер. Оставете го доматот да се вари на умерен оган, се додека течноста сосема не испари (15-20 мин.). Потоа јадењето зачинете го со слатка и со лута пиперка и додајте јајца. Внимавајте жолчките да останат цели, а белките полека измешајте ги со лажичка. Варете уште неколку минути, додека јајцата не се сварат (4-5 мин.).

Тагин

Потребно за 4 лица: 1,5 кг јагнешко месо (сечкано на парчиња), 1 главичка кромид (ситно сечкан), 400 г ориз, сол и црн пипер, 1 кесичка цимет, 1-2 лажички сладок црвен пипер, 1 кесе ѓумбир во прав, ¼ кесичка ким, сечкан лист од магдонос, шафран, неколку ливчиња свежо нане, 2 чешниња лук, 50 г суви кајсии, 50 г суви сливи, 50 г суви смокви, 100 г суво грозје, 1 лажичка мед, сок од портокал, 2 дл вода, 0,5 дл масло

Приготвување: Во поголема чинија соединете ги јагнешкото, сол, црн пипер, цимет, шафран, ѓумбир, ким и сладок пипер. Додајте масло, и добро измешајте. Во земјен лонец наредете ред кромид, ред месо, па повторно кромид. Додајте ливчиња свежо нане, лук и магдонос. Налејте 1 дл вода. Варете на умерен оган 2-3 часа додека да омекне месото. Проварете 1 дл вода, сок од портокал, суво грозје, кајсии, смокви, сливи и мед. Оставете сосот да се излади. Сварете го оризот. Во овална тава сервирајте го оризот, потоа јагнешкото и на крај полијте со сосот од суво овошје. Украсете со нане.

Хачапури

Потребно за 4 парчиња: За тесто: 400 г брашно, 1,5 дл вода, 1/4 свеж квасец (10 г), 1 лажичка маргарин, 1 јајце, сол, шеќер; Преостанати состојки: 300 г сирење, 2 јајца, 150 г замрзнати малини, 2 лажички шеќер, рендана кора од 1 портокал

Приготвување: Квасецот разматете го во млака вода, во која сте додале малку шеќер и сол. Оставете да отстои 10 минути. Во чинија за месење тесто ставете ги брашното, разматениот квасец, маргаринот, 1 јајце и сол. Замесете тесто и оставете го да нарасне (30 мин.). Тестото префрлете го на работна површина, поделете го на 4 еднакви дела и од секој формирајте јуфка. Со сукало направете кругови, со дебелина од 4 до 5 мм. Во средина на секој дел ставете полна лажица сирење, а потоа и малку на краевите.

Внимавајте сирењето да биде рамномерно распоредено по целата површина на хачапурито. Рерната загрејте ја на 200˚Ц. Плехот обложете го со хартија за печење, па ставете го тестото. Печете 20-25 мин. Пет минути пред крај на печењето над 2 хачапурија скршете по едно јајце и малку посолете. Вратете во рерна за да се испечат јајцата. Во помало тенџере ставете 2 лажици шеќер, малини и рендана кора од портокал.

На умерен оган варете додека сосот не се згусне. Непосредно пред сервирање со сосот прелијте ги хачапуријата без јајца.

Текст: Наташа Човиновска

 

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.