Вегетеријанска мусака

За подготовка на ова предјадење за 4 лица потребни ви се следниве состојки:

– 2 модри домати
– 160 гр. кравјо сирење
– 160 гр. кашкавал
– 4 јајца
– брашно
– 200 мл. млеко
– масло за јадење
– сол и црн пипер

Потребно време за подготовка на ова предјадење е 40- тина минути.

Модрите патлиџани ги лупиме и на даската за сечење ги сечкаме на тенки парчиња по должина. Парчињата ги ставаме во една чинија настрана. Во еден поголем длабок сад кршиме 2 јајца и почнуваме да матиме со жица за матење. Матејќи со жицата во садот додаваме брашно, малку сол и вода и ја правиме смеса како за палачинки.
На оган ставаме тава за пржење и во неа ставаме масло да се загрее. Секое парче модар патлиџан од двете страни го валкаме во подготвената смеса и го ставаме да се пржи. Испржените модри патлиџани ги вадиме на чинија, обложена со хартиени салфетки за да ја впијат мрснотијата.
Земаме една керамичка тава и ја попрскуваме со масло за јадење. Во тавата редиме еден ред модри патлиџани, па на крупната страна од рендето рендаме сирење. Потоа повторно редиме модри патлиџани, а врз нив парчиња кашкавал. Повторно редиме модри патлиџани.
Две јајца кршиме во еден подлабок сад. Ги матиме со жица за матење и ги посолуваме. Во садот го додаваме млекото и со ова ја преливаме содржината во тавата. Тавата ја ставаме во рерна да се пече мусаката. Печеме 40- тина минути на температура од 200 степени. Откако мусаката ќе добие златно- румена боја ја вадиме тавата од фурна и ја ставаме на работната маса. Со нож мусаката ја сечеме на парчиња, а со лажица решетка парчињата ги ставаме на чинија за сервирање. На чинијата ставаме една модла која ја полниме со овчо кисело млеко. Декорираме со гранчиња магдонос и ромбови од црвена конзервирана пиперка.

 

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.