Цвеќе во чинијата: Необични но вкусни рецепти!

Ливчињата цвеќе во свеж, кандиран или во сушен облик им даваат посебен печат на јадењата – совршен мирис и примамлив изглед

Цвеќето што се јаде се користи во кулинарството илјадници години. Ноќничето се спомнува уште во Стариот завет како горчливо зачинско растение, а во многу култури одамна се користи во приготвување традиционални јадења. На Блискиот Исток најмногу се применуваат ливчиња на портокал и пупки на лијан, а во Јапонија цветот на цреша и на хризантема, додека, пак, Старите Римјани претпочитале слез, ружи и темјанушки.

Исто така, многубројни рецепти за приготвување цветови на тиквички ни доаѓаат од италијанската и од шпанската кујна. Цвеќето што се јаде последниве години ги краси специјалитетите на голем број ресторани, а од неодамна е достапно и во супермаркетите.

Салата со цвеќе

Ако сакате да направите салата од свежо цвеќе, можете да комбинирате путерка, цикорија, ендивија, ајзберг, рукола, матовилац, римска, црвен дабов лист и црвена бебилиф-салата. Изборот е ваш! Зачинете ја салатата како и обично, но додајте грст цвеќе што се јаде.

Похуван цвет на тиквичка

Состојки: 8 цвета тиквичка, 2 јајца, 6 лажици брашно, 2 лажици пиво, сол и црн пипер по вкус, масло. Приготвување: исчистете ги од инсекти цветовите тиквичка, измијте ги, извадете им го толчникот и исушете ги. Додајте брашно и пиво во пенесто изматените јајца, па потопувајте ги цветовите во добиената смеса и пржете ги во врело масло.

Путер со јоргован и со зачински билки

Состојки: 150 г путер, цветови јоргован, 2 лажици власец, 2 гранчиња естрагон, 2 лажици магдонос, 1 чешне лук, малку кора од лимон, сол и црн пипер. Приготвување: оставете го путерот да омекне на собна температура, па со него помешајте ги исечканите зачински билки, лукчето, цветовите и ренданата кора од лимон.

Сладолед од ружи

Состојки: 2 грста ливчиња од ружа (црвени), 7 дл млеко, 250 г шеќер во прав, 8 жолчки, малку цимет. Приготвување: варете ги ливчињата неколку минути во млекото. Исцедете ги, додајте им шеќер и цимет, па варете додека се згуснат. Додајте ги жолчките, една по една, и мешајте додека зовријат. Истурете ја смесата во калапи за сладолед и ставете ги во замрзнувач. Сервирајте со ливчиња од ружа.

Кое цвеќе смееме да го јадеме

Ако се јаде билката, се јаде и цветот! Меѓу нив се и овие убавци…

Ноќниче, лутиче, капуцинка, темјанушка, ден и ноќ, ружа, цвет од тиквичка, јоргован, јасмин, невен, детелинка, фуксија…

Текст: Т. Богунова

Фото: Инстаграм, Getty Images

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.