Пригответе освежителен домашен сок од кајсии без вештачки додатоци со овој едноставен рецепт
Ако сакате природен и освежителен домашен сок без вештачки додатоци, густиот сок од кајсии е одличен избор.
Подготовката е едноставна, а резултатот е ароматичен и полн со овошни вкусови. Од само неколку состојки, ќе добиете околу 4 литри домашен сок, кој можете да го чувате како зимница или да го служите разладен во текот на топлите денови.
Состојки:
- 1 кг зрели кајсии
- 3 л вода
- 300-400 г шеќер
- 10 г лимонтус (1 кесичка)
Приготвување:
Добро измијте ги кајсиите, преполовете ги и отстранете ги семките. Ставете ги во блендер или иситнете ги со миксер за да добиете мазна овошна каша.
Во поголемо тенџере сипете 3 литри вода, додајте шеќер, лимонтус и приготвената каша од кајсии. Сето тоа добро измешајте го и ставете на средна температура да зоврие.
Кога сокот ќе почне да врие, варете го околу 20 минути. При готвењето, повремено отстранувајте ја пената што се создава на површината за да биде сокот што побистар и поубав.
Додека сокот сè уште е врел, сипете го во претходно стерилизирани и загреани стаклени шишиња. Веднаш затворете ги добро, наредете ги во гајба или корпа, покријте ги со дебел чаршав или ќебе и оставете ги полека да се ладат прекуноќ. По отворањето, чувајте го сокот во фрижидер.